Социјал-демократите проценуваат дека министерот Таравари преку „Ѓока“ ќе им наплаќа паркинг на пациентите како да се во шопинг мол! Но поважно или поиндикативно од таа констација е дека ударот врз Мицковски по ова прашање доаѓа од страна на самите неговите гласачи! Во ера на огромен број на скандали стана помалку важно од тоа кој колку добива од унгарската милијарда, да речеме

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
На денот кога делот од владата, најчесто и фамилијарно беа постојано во воздух и тоа во моноетнички состав, минус патиципиентите од кумановскиот привезок, беше објавено дека албанскиот, вториот дел од извршната власт е барем приземјен во сферата на заштита на своите интереси. Тие владини функционери се секако сега само паркирани во економската сфера. Не водат висока политика, бидејќи, тоа е јасно секому во РСМ, ниту мислат да се посватуваат со белградската и будимпештанската братија, ниту им се бендисува московската арома во надворешната политика, кон која секогаш имале аверзија.
Изборот на исклучив стратешки партнер во САД во случајот со промената на тамошната политика пак ги збунува бидејќи, изгледа, толку близок со „московот“ што е подобро да одберат незатрчување додека работите не се смират. На албанските партнери во владата им остана како сигурна конекција најблискиот ареал, пред се Албанија како сигурен патник во ЕУ. Јасно е дека Еди Рама како премиер на западниот ни сосед секако не качен во авион за никаде, по сопствен избор, бидејќи нема чист простор пред себе и засега не прави никакви нападни потези, додека Унијата се преокупира со она што е навистина приоритет а тоа е војната во Украина и опасноста што агресорот кон неа ја прави за целата европска безбедност. Впрочем, ако би се прашале одлучувачките сили во Брисел околу евроинтеграциите, за нив во мигот Украина и на тој план станува врвен приоритет.
Колку за интересот на албанските партии – кои се власта во Македонија -за Приштина и Курти како нивен ексклузивен покровител, победникот на изборите таму не е во позиција која е удобна ниту дома а ниту кон својот најсилен партнер – САД. Истиот во мигот е јасно определен кон комерцијалните потенцијали што ги нуди српскиот претседател Вучиќ. Доволно е да го споменеме НИС. Просторот за движење на ВЛЕН по вообичаените насоки е стеснет и секако поенергичното свртување кон бизнис релациите се чини дека им е просто селектирано. Па низ тој локациски момент излезе на виделина изборот на тиранската фирма „Ѓока“ како менаџер на најфрекфентниот паркинг простор во земјава, оној кај клиниките на „Мајка Тереза“. И се дигна, што се вели – џева!
Впрочем, тоа мора да се признае, Мицкоски го натокми по претпоставената патека унгарскиот (или „унгарскиот“) кредит кон будење на сопартијците кои се три години во коматозна состојба на локален план. А наесен веќе ги очекуваат избори. Да се изгуби таков простор секако ВМРО ДПМНЕ нема да сака ни да го помисли, па се осозна дека место помош за економијата во приватниот сектор парите се одлеваат по патемни коридори на друга страна. Како водата од Рашче, која додека дојде до потрошувачот кој ја плаќа таа просто си тече низ улиците и бавчите на метрополата. Јасно, ВМРО ДПМНЕ си има и други извори од домашниот буџет, насочени кон локалните фаворити на изборите, како оној со натрешницата на Муцунски (јуниорот, да нема забуна) кој одбра да прави челично наткрилување на објектот на МНР вредно половина милион евра. Ова било дел од дозавршувањето на проектот „Скопје 2014“ на палатата „Борис Сарафов, откри репортерот на ТВ21, Лука Андреев (https://mk.tv21.tv/mnr-ke-dobie-nastreshnitsa-od-500-iljadi-evra-firmata-izveduvach-veke-mu-e-poznata-na-ministerot-mutsunski/).

Се користат сите можни влезови во буџетот. Пред некој ден еден атлетски тренер од Шттип, на една од режимските телевизии, во утринската програма кажуваше дека од Министерството за спорт добиваат средства колку што ќе побараат ама тие пари оделе „преку фирми“ а истите си задржувале рекет. Некаде дури и до 60 отсто од сумите кои требале да завршат во неговиот клуб а може лесно да претпоставиме дека тие пари и не биле предвидени да ги трошат атлетичарите. Тие просто биле само – изговор! Колку ли само има такви извори и кладенчиња за локалната власт која е потпомогната од централната.
Оплакувањата на градоначалникот Стевче Јакимовски дека министерот Николовски ги сопира градбите во неговата општина и во „Центар“ (оние во кои треба да доијде наесен до промени,) како и во градот Скопје каде беше устолчиена „врвната менаџерка“ според Мицкоски ама дојде до мешање на лончињата. Па она стампедо од станоградители во престолнината просто се насочува кон другите општини а за да се добие дозвола за градба се знае дека „ќе има за сите“ во оваа дејност а највеќе за клучната: политиката. Така конкретно се помага актуалната локална власт.
Јасно е дека никој не гледа во изборот за менаџмент на паркингот кај Клинички со толкава доза на наивност каква што претпоставува директорот Таравари. Според податоците на Градски паркинг за 4 години оваа фирма заработила 1,7 милиони евра на ова место, само што оваа фирма која е во подрачје на интерес на градската власт во Скопје каде иднината е политички неизвесна таа може да се жртвува во корист на коалиционен партнер во покерот за поделба на парите.
(https://meta.mk/gradski-parking-za-4-godini-zarabotil-nad-17-milioni-evra-od-parkingot-vo-klinichki-czentar-infografik/)
Точно е секако тоа дека се јавил само еден кандидат, како што рече министерот. Точно е и дека рокот за давањето на концесијата не е 10 години туку е до изградба на нов Клинички ама секако се знае дека Клинички останува како тема и во ова столетие. Првиот човек на ФЗО
Клековски и самиот неодамна рече дека нема шанси да се гради овој објект „заради намалување на бројот на населението во земјава“(!) во наредните 10 години. Ете имаме и ишарет за единствениот кандидат да не се повлекува. Се работи за поделба на интересите и секој си ја гледа својата дејност.

Поинтересна е реакцијата во јавноста а веројатно и онаа која ги брани клупските бои на Мицкоски, пред се, затоа што тој на еден од оние негови чудни пресови на свеж воздух покажа можно „покајание“ за тој тендер. Прашањето секако било такво што премиерот побрза да објасни дека тендерот не е готов, не минал на Влада и даде можност тој да падне. Но тоа секако не ја отфрла сликата дека кај неговите кадри постои врежано мислење дека на овој министер „многу му се дозволува“ и дека е минат „чек-поинтот“ на дозволената поделба.
Излезе ли прашањето за тоа каде ќе заврши милијардата од Будимпешта помалку важна од поединечните тендери? Не дека и тоа не е битно ама да внимаваме од дрвото да не ја видиме шумата. А во неа веќе е паркирано се’ поголемото конфронтирање на интересите на коалиционите партнери. Од оние на меѓународен се до оние на локален план.