Од сите земји само Израел успеа навреме да се снабди со вакцини од реномирани производители и да „фати ритам“. Проблеми во Германија – Меркел инсистирала на заеднички европски план ама тој изостанал….
Ковакс системот беше замислен како средство за правична распределба на вакцините кога тие ќе бидат произведени. Меѓутоа,на самиот почеток на одобрување на вакцините правичната распределба се наруши.
Причините се различни.
Израел меѓу првите набави 8 милиони вакцини, половин од Фајзер, половина од Модерна.
Според пишувањето на Израел, големо влијание има познанството на Нетјанаху со првите луѓе на Фајзер и Модерна, но не помало влијание има фактот што Израел платил 23 евра по парче за вакцината што е двојно повеќе од она што го плати ЕУ. Патем во Израел парламентарните избори ќе се одржат во март, па мотивот на Нетјанаху не е само алтруистички.
Од друга страна Канада обезбеди вакцини пет пат повеќе од бројот на жителите со намера вишокот да го донира на сиромашните земји.
Поради овоа нарушување на системот се случи апсурдна ситуација, Германија во која се произведуваат вакцините, да нема доволно вакцини, па во набавката од денес е вклучена лично Меркел.
Но правичната распределба не е нарушена само на ниво на државите.
Во САД, ФБИ води истрага во една болница во Њујорк од како се утврдило дека први се вакцинирале докторите кои не биле вклучени во лекувањето на болните од корона вирусот. Богаташите во САД им нудат огромни донации на приватните болници за да се вакцинираат преку ред. Поради ова сопствениците на болниците мораа да реагираат јавно.
Во Полска и Грција веќе се поведени истраги поради сомневања за вакцинирање преку ред
Најголемиот германски булеварски весник „Билд“ во понеделникот (4.01.2021) имаше текст со наслов: „Вака Меркел го кочеше купувањето на вакцината“. Во текстот во суштина се тврди дека министерот за здравство Јенс Шпан во јуни сакал да склопи сојуз со колегите од Франција, Италија и Холандија, за кај производителот на вакцини Астра Зенека да нарачаат 400 милиони дози вакцини против корона, но дека Ангела Меркел го запрела во таа намера.
Германската канцеларка наводно не сакала да и’ приговараат дека без договор со останатите членки на ЕУ ја набавува вакцината. Таа се заложила за решение на Европската комисија, кое ги опфаќа сите 27 земји членки на ЕУ.
Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт во понеделникот тоа во принцип го потврди: „Свесно баравме заеднички европски пристап со партнерите“. Тој рече дека владата стои зад тој принцип. Зајберт, меѓутоа, во тоа не гледа никакво кочење на надлежниот министер. Сепак, рече дека се оправдани и нетрпението и многуте прашања кои произлегоа.
Канцеларката Меркел и министерот за здравство Шпан на седница на Бундестагот во ноември 2020-та, при дебатата за измена на Законот за заштита од инфекции во Германија заклучија дека ЕУ не работела ефикасно.
Наводно, ЕУ со водечкиот производител Бионтек од Мајнц, Германија, склопила договор дури на средината од ноември, додека Американците веќе во јули нарачале 600 милиони дози. Угур Сахин, шеф на фирмата Бионтек, за неделникот „Шпигел“ изјави дека го зачудило колебањето на Брисел при нарачувањето на вакцината.
Според медиумски извештаи, источноевропските земји и Франција биле воздржани кон вакцината од германскиот производител, меѓу другото и поради високата цена. Социјалдемократите во Германија, како коалициски партнер на Меркелината ЦДУ, веќе ја критикуваат бавноста на процесот.
Генералниот секретар на СПД, Ларс Клингбајл, за првиот канал на германската телевизија АРД изјави дека е исправно што се пронашло „европско решение“, но рече и дека „Европа не мора да значи бавност“. Тој уште додаде: „Тоа не може така, земјата во која со истражување се дојде до вакцината на крајот да остане без доволно дози.“
Угур Сахин, шеф на фирмата Бионтек, за неделникот „Шпигел“ изјави дека го зачудило колебањето на Брисел при нарачувањето на вакцината
Во Германија инаку до неодамна се испорачани само 1,3 милиони дози
„Билд“ наведува дека Германија од францускиот концерн Санофи уште во септември нарачала 300 милиони дози, но дека концернот изгледа може да испорача вакцина дури кон крајот на 2021 година. Дали Германија стави се’ на погрешна карта?
Факт е дека покраините добиле 1,3 милиони дози и дека е најавено оти кон средината на јануари ќе добијат уште 600.000 дози. Прво ќе бидат вакцинирани луѓето во старечките домови и сите над 80 години, но и негувателите и загрозениот персонал во болниците. Министерот Шпан инсистира на тоа Европската агенција за лекови ЕМА во Амстердам оваа недела да одобри уште два вида вакцини.
Факт е дека вакцинирањето се одвива побрзо во земји како Велика Британија, Израел или САД. Во Велика Британија од понеделник се применува и вакцината на АстраЗенека, односно т.н. „Оскфордска вакцина“.
Министерот Јенс Шпан, според медиумски извештаи, ги преиспитува начините за забрзување на вакцинирањето во Германија. На пример, институтот „Роберт Кох“ би требало да ја провери можноста за зголемување на временската дистанца помеѓу примањето на првата и втората доза од вакцината, за да може првата доза да ја примат што повеќе луѓе. Засега временското растојание е најмногу 42 дена.
Исто така, од едно шишенце можеби би можеле да се земаат шест, наместо пет вакцини како досега, зашто изгледа дека шишенцата се навистина преполнети. Сето тоа ја покажува загриженоста на политичарите поради бавниот почеток на вакцинирањето.
Од понеделникот во повеќе германски покраини со работа почнаа центрите за вакцинирање. Ги има вкупно 440. Оние центри кои работат веќе извесно време, како во Берлин, известуваат за бавен почеток на вакцинирањето.
Во берлинскиот кварт Трептов пред Нова година за вакцинирање беше отворен повеќенаменскиот центар Арена. Потоа, во текот на празниците, беше затворен, сега повторно се отвора. Во него има 80 кабини за вакцинирање, но во понеделникот таму беа вакцинирани многу мал број луѓе. И тоа е знак дека луѓето во Германија не се сигурни на кој начин се одвива вакцинирањето.
Освен тоа, германските покраини се однесуваат различно. Додека во некои на вакцинирање активно се повикуваат загрозените категории граѓани, како оние над 80 години, други покраини воведоа веб-страница и телефонски број за пријавување. И, честопати е невозможно да се стигне на ред.
Зачудува и фактот што подготвеноста за вакцинирање не е особено голема, посебно меѓу вработените во медицинските установи. Една студија на Германското интердисциплинарно здружение за интензивна и ургентна медицина покажа дека половина од негувателите и четвртина од лекарите во моментов не сакаат да се вакцинираат. Причината е пред се’ стравот од долгорочни последици. Тука не помага ниту постојаното повторување на министерот Шпан дека вакцинирањето е „пат за излез од пандемијата“.
„Сметам дека моменталната ситуација е резултат на тоа што одговорните грубо потфрлија“, изјави Фрауке Цип, невролог од германската Национална академија на науки. Ова се зборови со голема тежина од жена која спаѓа во најважните советници на Владата во текот на пандемијата.
Цип во весникот „Велт“ потсети дека на крајот на летото постоела понуда од Бионтек за Берлин да набави многу повеќе вакцини. „Зошто тогаш не е порачано на ризик?“, прашува Цип.
Во Германија до крајот на јануари ќе стигнат сѐ на сѐ три до четири милиони вакцини против коронавирус, што ни одблизу не е доволно за вакцинирање ни на приоритетните групи во кои влегуваат речиси девет милиони луѓе – постари од 80 години, станари на старечки домови и медицинари на првата борбена линија во борбата против вирусот.
Официјален Берлин со пред-договори и договори обезбеди околу 300 милиони дози вакцини од различни производители, делумно преку ЕУ, дел и самостојно. Тоа во теорија е доволно за вакцинирање на целото население двапати, но неволјата е што мнозинството од тие вакцини уште не е одобрено или кој знае кога ќе бидат произведени.
Критики од опозицијата
Според податоци на Our World in Data, од 27 декември, кога вакцинацијата почна низ целата ЕУ, во Германија првата доза ја примиле само околу 200.000 луѓе. Стапката на вакцинирани со тоа изнесува околу 0,25 проценти, а слично работата се одвива и во цела ЕУ.
Истовремено во Израел се веќе вакцинирани 12,59 % од популацијата, а подобра од Германија е и ситуацијата во Велика Британија и САД, кои почнаа со вакцинација нешто порано.
Михаел Тојрер, пратеник од Либералите во Бундестагот, го критикува министерот за здравство Јенс Шпан дека есеноска пропуштил прилика за брзо реагирање на брзиот развој на германската вакцина од Бионтек и обезбедување поголем број дози.
„Мора да се разјасни каде настанал овој јавашлук“, вели и Јан Корте, пратеник од Левица, кој инсистира министерот Шпан да даде објаснување пред пратениците.
Шпан меѓутоа одговори дека во целина, вакцинацијата тече добро и според најавите. „Се подразбира дека би било убаво да имаме повеќе вакцини, работиме во тој правец“, изјави Шпан, надевајќи се дека наскоро ќе биде одобрена и вакцината на Астра Зенека, за која не е потребно чување на толку ниски температири. Освен тоа, се подготвува и отворање нов производен погон за вакцините на Бионтек и Фајзер кај Марбург.
Баварскиот премиер Маркус Зедер ја префрла вината врз ЕУ, која во име на членките порача најголем контингент вакцини. „Европската комисија во планирањето се однесуваше многу бирократски, порача премалку од вистинските произведувачи и предолго преговараше околу цената“, изјави тој за весникот „Билд“.
ЕУ и Германија најмногу се потпираа на класичната вакцина на Астра Зенека која може да се произведува во поголеми количини и по ниска цена, но таа уште нема дозвола за користење. Брисел на почетокот на септември порача 200 милиони дози кај Бионтек и стекна опција за уште 100 милиони дози.
Но, многу земји веќе претходно ја договорија истата вакцина во многу поголеми количини во однос на бројот население – Велика Британија договори 30 милиони, а САД дури 600 милиони, Јапонија – 120 милиони дози.
„Тешко е да се објасни како се случи таа добра вакцина да е развиена во Германија, но некаде на друго место да се врши побрзо вакцинирање“, рече Зедер.
На истата тема Клаус Реме, новинар во радиото Дојчландфунк, истакнува: „Секако дека летоска не можеше да се знае која вакцина ќе ја добие трката, но со оглед што шампионот Бионтек доаѓа од нашата земја, упатно е да се праша зошто владата не направила порана и масовна порачка кај нив“, коментира Реме.
И основачот на Бионтек, Угур Сахин во интервју за „Шпигел“ укажа дека другите земји побрзо ги купувале нивните вакцини отколку ЕУ. „ЕУ нема директна надлежност зашто членките имаат право на глас. Во ситуација кога се преговара, а постои голема побарувачка, тоа одзема време“, рече Сахин. Сега ситуацијата со вакцинација во Германија не е розова, заклучи научникот.