Премиерот Димитар Ковачевски, во петочното гостување во 360°, навести дел од контурите во кои може да се бара потенцијалниот компромис меѓу Софија и Скопје, кој би донел деблокада на евроинтеграциите и отворање на патот за одржување на првата Меѓувладина конференција.
Кога се говори за решението за спорот според Ковачевски станува збор за можноста за вметнување на бугарската заедница во Уставот до отворањето на првиот преговарачки кластер, период кој би одзел од една и пол до две години од моментот на одржувањето на првата Меѓувладина конференција, во услови на чисто решение за македонскиот јазик во Преговарачката рамка. Ковачевски, во делот за ситуацијата со Бугарија, одговараше и за можното руско влијание врз процесот – за што во Софија тамошното обвинителство веќе отвори постапка против неколку лица. Во истата седмица, властите во Скопје протераа руски дипломати поради „излегување рамките на нивниот мандат“
360°: Ако се воспостави една релација во која Северна Македонија добива чисто решение за јазикот, а Бугарија добива најава-ветување за промена на Уставот со вметнување на Бугарите до отворање на првиот кластер, а тоа е година и половина до две од одржување на првата Меѓувладина конференција, дали тоа за вас е добра основа за компромис?
Ковачевски: „Прво, тоа е добра за основа за разговор од причина што за јазикот, јас веќе кажав, и за идентитетот, од секој аспект на македонскиот народ, ниту се преговара, ниту ќе биде предмет на преговори. Граѓаните во тој дел можат да бидат спокојни. Во однос на Уставот – нашиот Устав, односно уставното уредување, дозволува индивидуалните права на самоопределување да се остваруваат колективно. Дополнително, секој држава која претендира да влезе во ЕУ на патот кон Унијата го отвора својот устав со цел да го прилагоди на законодавството во ЕУ бидејќи одредени надлежности се предаваат на ЕУ и европските институции. Вклучувањето на Бугарите во македонскиот устав, и тука не зборуваме само за Бугарите, туку и за Хрватите и Црногорците, нормално дека ќе помине низ една процедура на уставни измени, а таа трае подолго зашто се отвора во еден момент, а потоа стручната јавност, партиите низ една дебата во парламентот го затвораат тој процес со двотретинско гласање во парламентот. Значи, тој процес мора да биде поддржан практично од сите политички партии во државата и тоа е начинот да бидат направени уставни измени.“
360°: Но, не на крај на пристапниот процес на Северна Македонија кон ЕУ, туку пред отворањето на првиот кластер?
Ковачевски: „Па, тоа се детали за кои може да се разговара, меѓутоа во моментот не постои документ кој е финален.“
360°: Петков даде изјава дека руски шпиони работеле против добри односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, тамошното обвинителство соопшти и дека отвора предмет. Имате ли вие повеќе сознанија околу ова?
Ковачевски: „Јас немам причина да не му верувам на премиерот на Бугарија, особено што неговата изјава се базира на информации што тој ги има и така и кажа споделени од службите задолжени за тоа, детали немам, но сигурно дека она што ќе биде за споделување со јавноста нивните агенции за безбедност тоа ќе го соопштат.“
360°: А, имате ли информации за такви активност на територијата на Северна Македонија?
Ковачевски: „Тоа се класифицирани информации кои не можат да споделуваат со јавноста, но можам да ви кажам дека постојат поединци, но и групи, би рекол маргинализирани, постојат дури и политички партии во државата кои се финансирани од трети држави кои не сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ и кои работат против евентуален договор меѓу Бугарија и Северна Македонија.“
360°: Дали протерувањето на петмина руски дипломати е поврзано со овие активности?
Ковачевски: „Протерувањето на пет руски дипломати е, според МНР, поради тоа што тие излегле од своите мандати што ги имале во државава, а кои се дефинирани во Виенската конвенција. Тоа е направено врз основа на сознанија на Агенцијата за разузнавање и не можат да се споделуваат такви класифицирани информации во јавноста“.