Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО-ДПМНЕ и нивното раководство кое се противи на продолжување на европскиот пат на државата, истите кои го кочеа зачленувањето во НАТО го кочат европскиот пат на земјата, рече во интервју за Канал 5 Телевизија претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски
„Ние имавме влада на ВМРО – ДПМНЕ 11 години каде немавме ниту еден исчекор, немавме одлука во делот на зачленување во НАТО и во ЕУ. Секогаш одлагаа, секогаш ги одложуваа за да на крај имаме потешки и полоши решенија, тука пред се мислам на договорот со Грција. И денес е исто. Уставните измени се блокирани од страна на ВМРО – ДПМНЕ. Одговорноста има име и презиме, тоа е ВМРО – ДПМНЕ и нивното раководство коешто противи на продолжување на евроинтеграцискиот пат на државата. Зошто? Заради едноставно политички причини и играње на емоциите на граѓаните преку воспоставување на реторика која води кон минатото, а не води кон иднината. Ние како коалиција сме решени овој процес да продолжи и сметам дека ќе дојде денот кога сите пратеници ќе сфатат дека нема алтернатива и дека единствен начин за напредок и на државата е зачленување во ЕУ. Како изгледа чекање ние најдобро сме виделе. 17 години Северна Македонија чекаше за да добие преговарачка рамка и да отпочне преговори со ЕУ, рече Ковачевски.
СДСМ ќе има коалиција којашто сигурно ќе победи на изборите, а по изборите наредната 2024 година јас повторно но ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на проевропска влада, рече претседателот на СДСМ и премиер, денеска во интервју за Канал 5 Телевизија.
– За СДСМ, најголемо политичка партија во државата, воопшто не е прашање дали изборите ќе бидат во месец мај или во месец јуни. Бидејќи ние секако ќе направиме коалиција која што сигурно ќе победи на изборите. Коалиција која што сигурно ќе ја формира новата влада, и претседателскиот кандидат кој што ќе биде предложен од СДСМ и поддржан од европската коалиција ќе биде победник на претседателските избори кои што ќе се одржат идната година. После изборите јас повторно но ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на влада кој што ќе предводи влада која што ќе ја внеси државата во ЕУ, рече Ковачевски.
Во однос на модалитетот за настан на изборите, точно е дека имаме разговори со коалиционите партнери, секако медиумите ќе имаат соодветни информации кои што ќе се споделуваат, додаде Ковачевски.
-Уште минатата година во моите настапи на трибините кои што ги имавме организирани од СДСМ, меѓутоа и во настапите на нашите коалициони партнери, пред се мислам на ДУИ, јасно беше стекнато дека Северна Македонија има два концепти. Едниот е европскиот концепт, кој што го сочинуваат коалиционите партнери кои што денес си ја водат Владата. Концепт кој што се застапува за интегрирање на државата во ЕУ, кон членството во НАТО, на спроведување на Охридскиот рамковен договор, на спроведување на Преспанскиот договор и на почитување со сите соседи, со спроведување на преговарачката рамка која што е одобрено во нашето Собрание. Таа платформа сметам дека ова коалиција ќе биде договорена за следните избори и тоа ќе биде победничката коалиција која што ќе ја внесе државата во ЕУ. Јас тоа ви го кажав и на почетокот на овој мандат. Ние ќе имаме техничка влада нормално како е препишано со Закон, бидејќи тоа е законско решение на 100 дена пред изборите. Меѓутоа, после изборите, јас повторно ќе бидам мандатар на владата и ќе бидам претседател на Влада кој што ќе предводи Влада која што ќе ја внеси државата во ЕУ., рече претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски, за Канал 5 Телевизија.
Премиерот при посета на Белград, на саемот на виното, се задржа и на прашањето на бугарските такси за прометот со гас. Таксата за транспорт на руски гас низ Бугарија во износ од повеќе од 10 евра за мегават час е нелегална, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски и додаде дека како држава ќе ги искористиме сите правни можности кои ни стојат на располагање за нејзино отстранување.
– Се работи за нелегално воведена такса која треба да се отстрани или да биде зголемен капацитетот на постоечкиот гасовод со што би се овозможило земјава да се снабдува од други извори. Ние ќе ги искористиме сите правни можности кои и се даваат на една суверена држава и пред ЕУ и пред другите меѓународни институции, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата на Србија заедно со српската премиерка Ана Брнабиќ.
Нагласи дека се работи за нелегална такса која ЕУ ја воведе за транспорт на гасот низ Бугарија.
– Сите сакаат да кажат дека тоа е такса која ја воведе Бугарија. Тоа е точно. Но, мораме да знаеме дека Бугарија е членка на ЕУ и не може таа од утрото да биде земја – членка на ЕУ кога ќе стави на пример вето, а попладне да не биде членка и потоа да воведе такса од 10 евра за гасот кој се транспортира низ Бугарија, прецизира Ковачевски.
Ние, посочи, ова прашање го упативме и до ЕУ и до Бугарија, а разговаравме и со бугарската Влада.
– Она што Северна Македонија има како дополнителен проблем со воведувањето на оваа такса е што целиот капацитет на гасот и интерконекторот во Жидилово на границата со Бугарија, кој е единствен што во моментов го имаме, е даден во стопроцентен закуп на Газпром од страна на Бугарија. Минатата година успеавме да го зголемиме капацитетот на тој гасовод и да обезбедиме снабдување со гас и од други извори, а не руски. Набавувавме гас од Азербејџан, од САД, а тоа барање го имаме и оваа година тој капацитет да се ослободи за да набавуваме и од други извори на гас покрај рускиот, истакна Ковачевски.
Премиерката Брнабиќ рече дека се согласува со ставот на Ковачевски и додаде дека за тоа очекува поддршка од ЕУ и разбирање од Бугарија.
– Во се се согласувам со мојот колега Ковачевски и се разбира ќе работиме на ова заедно. Покрај тоа, ние наскоро, до крајот на оваа година, треба да го завршиме и дополнителното поврзување на гасната инфраструктура со Бугарија, значи гасниот интерконектор Ниш – Димитровград за да се приклучиме на алтернативни извори на гас. Предвидливоста е клучна кога планирате енергетска политика и кога планирате инвестиции во енергетската инфраструктура, така што заедно ќе се занимаваме со ова прашање. Како што рече Ковачевски, секако тука ја очекуваме и поддршката од ЕУ и разбирањето од колегите во Бугарија, посочи Брнабиќ.