Од истрагата на МВР произлегува дека во војната со земјава има и внатрешни прсти – вели премиерот
На новинарско прашање дали проблемот може да се лоцира во службите, премиерот рече дека тој не би го лоцирал проблемот само таму, туку тој може да биде и поширок и оти како претпоставка вклучува некој кому не му се допаѓа надворешната политика на Северна Македонија
Едно од прашањата што треба да ги одговори истрагата на Министерството за внатрешни работи (МВР) во врска со дојавите за бомби е како и покрај променетите електронски адреси на училиштата, кои се наоѓаат на заштитен сервер на Министерството за образование и наука (МОН), веднаш се нашле кај тие што ги испраќаат заканите.
На ова прашање денеска се наврати премиерот Димитар Ковачевски, а за кое говореше и на вчерашната собраниска седница за пратенички прашања, на која кажа дека истрагата што ја спроведува МВР покажува првични интересни податоци. И денеска премиерот посочи дека не може повеќе да коментира бидејќи станува збор за дел од истрага која сè уште не е финализирана.
„Министерството за внатрешни работи по секоја лажна пријава за бомба постапува согласно со законот, процедурите и постапките за антитероризам. Се води секогаш истрага за пријавата за лажни бомби и таа истрага која ја спроведува МВР покажува првични интересни податоци кои не можам да ги коментирам бидејќи се дел од истрага и не може со точност да се знае со каков финален епилог и ефект ќе заврши. И при промената на мејл-адресите кај училиштата, бидејќи тие се ставени на еден сервер, кој што е заштитениот сервер на МОН како тоа веднаш адресите на училиштата се нашле кај тие кои ги пријавуваат лажни бомби. Меѓутоа како, тоа единствено може да го даде истрагата“,
рече денеска Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за време на неговата посета на фабриката „Гересхајмер“ во ТИРЗ 2.
На прашањето дали проблемот може да се лоцира во службите премиерот рече дека тој не би го лоцирал проблемот само таму, туку тој може да биде и поширок и оти како претпоставка вклучува некој на кого не му се допаѓа надворешната политика на Северна Македонија.
„Не би го јас лоцирал проблемот само во службите туку може да биде и поширок и секако претпоставка би било дека вклучува некој кој што не сака Северна Македонија да ја има својата надворешна политика таква каква што ја има, усогласена со Европската Унија, усогласеност целосна со НАТО како земја членка и земја која преговара со Европската Унија“,
рече Ковачевски.
Инаку, дојави за наводно поставени експлозивни направи имаше и денеска, а мета беа 18 скопски и едно училиште во Прилеп.
Пријавите, како што соопшти МВР, стигнале утрово, а по извршените проверки кои завршија попладнево беше утврдено дека сите се лажни.
За учениците да не губат настава, Министерството за образование и наука (МОН) вчера им препорача на училиштата да организираат онлајн настава во деновите кога ќе добијат закана за поставена бомба, наместо целосно да ја прекинуваат наставата тој ден.