Лекарите се чудат како некој може да открие нечија здравствена состојба а од Министерството за одбрана јасно ја осуидуваат постапката на Ковачки и кажуваат дека следи кривична постапка
Документот кој е објавен на социјалните медиуми и презентиран од политичка партија, по првичната проверка претставува документ кој во документација на Министерството за одбрана и Армијата првично е заведен како документ со печат „воена тајна“ а подоцна по носењето на Законот за класифицирани информации, добива класификација „строго доверливо“, велат од Министерството за одбрана за Цивил Медиа. Повод – фактот дека Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ (поранешен висок припадник на АРМ), објави документ, извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи, со кој се тврди дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за „трајно неспособен“.
„Министерството за одбрана, согласно своите надлежности, постапувајќи по Закон и штитејќи ги интересите на државата и на граѓаните, отвора постапка за утврдување на одговорност за несовесно ракување и неовластено објавување на документи со класифицирана содржина. Министерството за одбрана ги повикува политичките партии и поединци, во своите настапи и обиди да придобијат политички поени, да стојат понастрана од припадниците на Министерството за одбрана и Армијата, да не ги поттикнуваат на извршување на кривични дела, со кои го нарушуваат сопствениот, но и угледот на Министерството и Армијата“, велат од МО.
Премиерот и претседател на СДСМ, Димитар Ковачевски, претходно одговори на обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека е трајно неспособен и дека лажел за да избегне издржување на воен рок.
„ВМРО-ДПМНЕ не избира ни средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека се она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза“, наведува Ковачевски.
Тој додава дека како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволи политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и културно ќе одговори на лагите и навредите.
Ковачки не само што ја напуштил АРМ туку има и кривична пријава, толку е очаен Мицкоски
Прво единствен воен дезертер на политичката сцена е Драган Ковачки.
Ковачки беше полковник во АРМ, но политички дезертираше и ја напушти Армијата за да му слугува на Мицкоски како пратеник, велат од СДСМ.
Дополнително јавноста треба да знае дека против Драган Ковачки има и кривична пријава, за фалсификување исправа. Кривичната протв Ковачки е поднесена до Судот во Делчево од страна на СВР Делчево, неговиот роден град. Иако станува збор за дело направено пред неколку години тоа многу говори за матрицата и кредибилитетот на Ковачки.
Ете до толку е очаен Мицкоски.
Полковник Ковачки исто така е казнет поради закана кон началникот на ГШ генерал-потполковник Ѓурчиновски
„Долга е раката на ВМРО“ е заканата на полковникот Драган Ковачки, кој е и член на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, кон началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија Васко Ѓурчиновски преку вибер комуникација на која покрај заканата, клеветел и обвинувал. Претходно Ковачки поднесе кривична пријава против министерката за одбрана Радмила Шекеринска, па таа на својот фејсбук профил напиша дека против полковникот Ковачки се води дисциплинска постапка поради закани кон началникот на Генералштабот на Армијата.
Полковник Ковачки за ова беше казнет
Од Министерството за одбрана за МИА тогаш информираа дека Ковачки добил дисциплинска мерка шест месеци пониска плата за 30 отсто. Главната военодисциплинска комисија предложила најстрога дисциплинска мерка – губење чин, која предвидува престанок на работниот однос.
„Министерката Шекеринска, водејќи се по начелото на сразмерност на казната со вината, ја оцени оваа мерка за престрога. Со оглед утврдената вина од Воено дисциплинската комисија за однесувањето на полковникот Ковачки, началникот на Генералштабот како надлежен старешина ја донесе и спроведе следната пониска дисциплинска мерка, а тоа е парична казна во висина од 30 проценти од едномесечниот износ на платата исплатена во последниот месец, во траење од шест месеци“, велат за МИА од Министерството за одбрана.
Главната военодисциплинска комисија, по иницијатива на началникот на ГШ, расправала за утврдување на дисциплинска одговорност на полковник Драган Ковачки по три основи. Поради испратена порака преку вибер до началникот на Генералштабот во која изнел закани, клевети и обвинувања, политички пост на Фејсбук профилот на полковникот Ковачки во кој изнел неосновани обвинувања за врховниот командант на Армијата, претседателот Пендаровски и поради јавните настапи на полковникот при што тој не ги почитувал насоките од Правилото за односи со јавноста на Армијата, усвоено во 2016 година.
„Главната воено дисциплинска комисија ја заврши постапката за утврдување одговорност и до министерката Шекеринска упати предлог за изрекување на дисциплинска мерка. По спроведената постапка Главната воено дисциплинска комисија утврдила вина на полковникот Драган Ковачки за сторени повредни по членот 131 став 2 точка 13, 17, 22, 28 и 31 од Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија. Еден од основите за кој е утврдена вина е и точката 13 од наведениот член и став, „повреда на достоинството и авторитетот на претпоставен и постар”, бидејќи упатена е закана од полковникот Драган Ковачки кон началникот на Генералштабот, која гласи – „долга е раката на ВМРО“, информираат од Министерството за МИА за причините и одговорнота на Ковачки за дисциплинската постапка.
Меѓу останатите основи по кој е утврдена вина се и „непочитување на редот и дисциплината пропишани со правилата за ред и дисциплина “, „постапка со која секогаш и на секое место, без оглед дали се во униформа или не, воениот и цивилниот персонал не води сметка за своите постапки, непримерно се однесува, не ја репрезентира Армијата и не го чува угледот и достоинството на Армијата”, како и „постапување спротивно на правилата и прописите за вршење воена служба и овој закон”.
Ова не пречеше Драган Ковачки во својата партија да има посебен третман. Да потсетиме дека тој беше предлогот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за прв човек во Министерството за внатрешни работи. А во еден период од својата кариера, додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт, а Ѓорѓе Иванов врховен командант, Драган Ковачки бил раководител на Воената служба за безбедност и разузнавање.
Неговото име се актуелизираше пак неодамна, откако Стево Пендаровски ја презеде претседателската позиција. Имено, Ковачки беше меѓу неколкуте спорни унапредувања кои Иванов ги потпишал во предизборниот период! Затоа, Оендаровски како нов шеф на државата и врховен командант потпиша нови укази за разрешувања, поставувања и отповикувања во Армијата. Така, Ковачки беше разрешен од позицијата на која го постави Иванов – командант на 1. Механизирана бригада.
Но, посериозен проблем во потегот на Мицкоски да го предложи Ковачки за технички министер за внатрешни работи лежи во Уставот на земјата кој забранува униформирано лице да биде цивилен шеф на министерството за внатрешни работи или за одбрана.
Ковачки важеше за човек близок до Синиша Алексовски, поранешниот советник за национална безбедност на претседателот Иванов. Името на Алексовски беше споменато на судењата за настаните на 27 април.
Во текот на процесот браќата Стефан и Михаил Младеновски, кои беа учесници во инцидентите, сведочеа дека Алексовски им пренел дека Ѓорѓе Иванов планирал вечерта на 27 април да прогласи воена состојба и дека припадници на воената полиција се подготвени да го уапста раководството на СДСМ.