Анксиозност, депресии и несоница според една нова британска студија на Универзитетот Оксфорд се најчестите долгорочни последици од заболување од Ковид- 19.
АЛЕКСАНДАР ФРОЈНД
Над една година по појавата на новиот вид коронавирус САРС – КоВ-2 познато е дека овој агресивен патоген не ги напаѓа само белите дробови и дишните патишта, туку може сериозно да го оштети срцето, крвните садови, нервите, бубрезите и кожата. Во јули британските невролози беа шокирани од сознанието дека САРС-КоВ-2 дури и кај пациенти со лесни симптоми или веќе излечени, може да предизвика тешки последици на мозокот и централниот нервен систем, како психози, парализа и мозочни удари кои често доцна се препознаваат.
Научниците од Центарот за биомедицинско истражување на Оксфорд открија дека секој петти пациент може да развие проблеми со менталното здравје како последица на болеста. Особено изолацијата може да доведе до нарушувања како анксиозност, депресии и несоница. Научниците ги објавија своите наоди во стручниот магазин „Лансет психијатрија“, за што пртенесевоме иво минатиот број.
Психички проблеми се дијагностицирани кај речиси 6% од пациентите
За обемната студија спроведена заедно со здравствената мрежа ТриНеткс беа анализирани речиси 70 милиони анонимизирани електронски досиеа на пациенти во САД. Меѓу нив беа и 62.000 Ковид- пациенти со лесни симптоми. Се испитуваше дали овие пациенти развиле психички проблеми во периодот од две недели до три месеци по дијагнозата.
Според студијата, кај 18,1% од Ковид – пациентите во анализираниот период е дијагностицирано психичко заболување, што значи кај секој петти заболен пациент. Кај 5,8% од анализираните за првпат се дијагностицира психичко заболување.
За да се осигура дека овие психички болести се во директна поврзаност со Ковид 19, направена е споредба со податоците од шест други заболувања за истиот период: грип, други респираторни инфекции, кожни болести, камења во жолчка, камења во уринарниот тракт како и фрактури на коските. Кај овие болести сепак само 2.5% до 3,4% развиле и психички проблеми.
„Ова откритие беше неочекувано и мора дополнително да се истражи. Во меѓувреме психијатриските нарушувања треба да се додадат на листата фактори на ризик за Ковид 19,“ вели Макс Такет од Националниот институт за здравствени истражувања и еден од авторите на студијата.
Во истовреме британските научници предупредуваат дека не треба да се преценуваат резултатите од студијата, бидејќи за одредени абнормалности се уште нема убедливо објаснување. Така според податоците постои 65% зголемен ризик за заразување со САРС КоВ -2 кај лица со психички заболувања.
Освен тоа, деменциија беше дијагностицирана два пати повеќе кај Ковид-пациенти за анализираниот период. Тоа не мора да значи дека САРС КоВ-2 има директно влијание врз мозокот. Можно е деменцијата да е почесто дијагностицирана едноставно само поради тоа што повеќе луѓе се одеднаш прегледани, вели Пол Харисон, професор по психијатрија на Универзитетот Оксфорд.
Не се земени предвид полот и староста на пациентите, дали пушат или конзумираат дрога. Сето тоа се фактори кои го зголемуваат ризикот од психичко заболување. Не се земени предвид и социоекономските аспекти и општиот стрес од пандемијата. Притоа ризикот од заболување е повисок за лица од помалку привилегирани социоекономски околности поради лошите услови за работа и живеење. Тие почесто страдаат од психички заболувања. Следните години ќе покажат во кој обем вирусот предизвикал долгорочни последици и психички заболувања