Во мигот веројатно на новата вакцина против ковид-19 работат десеттици илјади врвни научни имиња. Се работи во 70 тимови. 26 потенцијални вакцини ширум светот се во фаза на клиничко истражување. Со оглед на тоа што многу земји страдаат економски поради пандемијата, расте загриженоста дека во прво време само богатите земји ќе имаат пристап до вакцина
Клиника на периферијата на главниот град на Буркина Фасо, Уагадугу – последна станица на вакцина која поминала половина свет. Тука мора да се чува на ладно. Но, токму тоа би можел да биде голем предизвик при глобалната распределба на идната вакцина против корона.
Жан-Клод Мубала, УНИЦЕФ- ов раководител за здравје и исхрана, објаснува:
„Имаме проблеми со капацитети за складирање на вакцините, имаме премалку фрижидери. Значи, ако денес, на пример, сакаме да вакцинираме против коронавирус, би ни биле потребни многу повеќе фрижидери за чување на вакцините.“
Друг проблем е цената. УНИЦЕФ и други хуманитарни организации бараат суспендирање на заштитата за патенти, за секој, и луѓето во сиромашните земји, да може да си дозволат вакцина против корона.
Елизабет Масуте, портпаролка на Лекари без граници, вели:
„Во минатото бевме сведоци и сѐ уште сме сведоци на тоа дека во посиромашните земји има помала веројатност за вакцинирање на луѓето. Во кризни региони, како Демократска Република Конго, минатата година повеќе луѓе починаа од морбили отколку од ебола. Тоа е така затоа што има премалку вакцини.“
СЗО сака да обезбеди услови за тоа да не се случи со Ковид-19. Затоа, со новата Ковакс-програма ширум светот треба да се обезбедат две милијарди вакцини до крајот на наредната година. Кон иницијативата веќе се приклучија 180 земји, меѓу нив и Кина, Индија и Германија.
Според најнова меѓународна студија, повеќето луѓе би се вакцинирале против Ковид-19 по препорака на нивната влада или на нивниот работодавач. 71,5 проценти од учесниците во студијата рекле дека најверојатно или поверојатно ќе примат вакцина против коронавирусот. 61,4 проценти се изјасниле дека би прифатиле соодветна препорака од нивниот работодавец. Во јуни годинава, 13.000 луѓе во 19 земји во светот учествуваа во студијата на Проектот за доверба во вакцините (Vaccine Confidence Projekt), кој меѓу другото е финансиран од Европската комисија и од фармацевтски компании.
Постарите луѓе опфатени во студијата во значително проголем процент се изјасниле дека би примиле вакцина, додека помладите испитаници поверојатно би прифатиле препорака на својот работодавач за примање на вакцината.
Особено големо одобрување доаѓа од Кина, каде околу 90 проценти од учесниците во студијата би примиле корона- вакцина, додека во Русија тоа процент изнесува нешто помалку од 55 Досега нема вакцина за корона вирусот на меѓународниот пазар. Единствено Русија во август како првата земја во светот одобри соодветна вакцина , која меѓутоа беше тестирана на луѓе претходно помалку од два месеци.
Фармацевтската индустрија ширум светот трескавично истражува вакцини против новиот коронавирус. Сепак, развојот на вакцина во рекордно време, како и одобрувањето на вакцината во Русија, без вообичаената широка студија за нејзината ефикасност, веќе поттикнуваат стравувања за сигурноста на вакцината.
Додека првиот човек на Светската здравствена организација уште еднаш се заложи за општа достапност на идната вакцина за коронавирусот и го осуди националистичкото „присвојување“ на вакцините, 26 потенцијални вакцини ширум светот се во фаза на клиничко истражување. Еден од најнадежните кандидати е онаа на американската компанија „Модерна“ која веќе 10 дена е во последната трета фаза на тестирање.
Всушност, пробната вакцина заедно ја развиваат биотехнолошката компанија „Модерна“ и американскиот Национален институт за алергии и заразни болести, дел од Националниот институт за здравство (НИХ).
Околу 30.000 возрасни волонтери од сите делови на САД во период од два месеци се очекува да учествуваат во студијата, во која меѓу другото се проценува и безбедноста на вакцината и дали таа може да спречи развивање на симптоми на Ковид-19 по примени две дози.
Волонтерите ќе добијат една или две инјекции од 100 микрограми вакцина или плацебо, во интервали од 28 дена. Истражувачите и учесниците нема да знаат кој ја примил вакцината и кој плацебо
Денеска беше објавено и оти швајцарската влада склучила договор со „Модерна“ за испорака на 4,5 милиони дози од вакцината доколку таа биде успешна.