Откако се спогодија Макпетрол и Владата: спорот за ГА-МА да се реши вонсудски сега се јавува отпор во опозицијата која нема образложение во она што го понуди дотогшнта практика. Ако сакаше можеше да го реши во минатото, имаше толку многу време!
Минатата недела по повеќе од дваесет часа беше прекината собраниската расправата по Предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Макпетрол АД Скопје по пат на спогодба, по скратена постапка. Продолжението на 20-та седница на чиј дневен ред е овој Предлог-закон ќе биде дополнително закажано. Законот предвидува да му се признае на Макпетрол сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра.
Пратениците од партијата на власт во дискусиите истакнаа дека проценката за вредноста на гасоводот е направена по сите стандарди од една домашна и една странска институција и е на 300 страници и оти покрај гасоводот во неа се ставени и други материјални добра и машини со што вкупната вредност е 33 милиони евра.
Во текот на расправата која траше и изминатата ноќ, пратениците од опозицијата со говори, реплики и контрареплики се обидуваа да го спречат донесувањето на овој закон. Тие сметаат дека предложеното законско решение е еден од серијата закони што ја убиваат правдата и ги прекршуваат основните начела на правото.
Според нив, не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее Собранието да прерасне во квази суд, бидејќи тоа е надлежно само за ратификации на договори, рекоа тие. Повикувањето на акти од минатото од 1987 година кои можат да се искористат како искуство, е недозволиво, посочија пратениците од опозицијата, а институциите не треба да се затскриваат зад законот, туку да го решат спорот на начин каде и како што треба. Тие очекуваат претседателот да стави вето ако овој закон сепак биде изгласан.
Во вчерашната расправа, во реплика, министерот за економија Крешник Бектеши посочи дека треба да се прави разлика помеѓу номиналната и актуелната вредност на секое АД и додаде дека во 2006 година кога била основано АД ГА-МА номиналната вредност била 1.500 денари за акција, а сега во моментов е 12.500 денари.
„Само гасоводот Клековце-Штип долг 61 километар чини 71 милион евра. Со изградбата на гасоводот како држава ќе добиеме поевтин енергенс и ќе се намали загадувањето на животната средина, а индустријата ќе стане поконкурентна на глобално ниво“, рече Бектеши.
Макпетрол АД Скопје и Владата на крајот на 2010 година склучија спогодба со која вонсудски требаше да се завршат судските спорови во врска со ГА-МА АД Скопје. Да се потсетиме дека тоа беше длабоко во времето на власта на екипата на сегашниот бегалец Груевски По ова, се одлучи да следува проценка од овластени проценители, па Макпетрол согласно пазарна цена ќе и го продаде својот дел од сопственоста во ГА-МА АД Скопје на Владата. Согласноста е постигната со поддршка од Енергетската заедница.
Двете страни односно Макпетрол и Владата претходно побараа медијација во Центарот за решеавање на спорови на Енергетската заедница, а нивна цел беше конечно, законско и правично регулирање на сопственичките односи во ГА-МА АД Скопје во согласност со законот за енергетика и третиот енергетски пакет кој е вклучен во Законот.
Се соопшти тогаш дека во периодот кој следи Макпетрол АД Скопје и Владата ќе треба да донесат соодветни правни акти за официјално потпишување на Спогодбата. Додека не завршат сите процедури и секоја од страните не го испочитува договорот, продажбата нема да се реализира.
Инаку Енеретската заедница се обврзала да ја следи имплементацијата на вонсудската спогодба и да ја дава потребната поддршка се до кончено завршување на постапката.
Во септември годинава Владата објави дека планира да ги скрати капиталните расходи и да вложи во докуп на сите акции на ГА-МА кои во моментов ги поседува Макпетрол АД Скопје.
Државата и „Макпетрол“ го водеа спорот со аргументи секој на своја страна за тоа кој поседува мнозински капитал во ГА-МА. Таа спогодба деновиве се вжешти кога требаше да се претвопри во Законот за спогодбено решавање на спорот меѓу Владата и „Макпетрол“ околу гасоводниот систем. Истиот ги зовре страстите во Собранието и предизвика жестока дебата.
За граѓаните да добијат увид за каква спогодба станува збор и кои се причините за овој чекор пренесуваме клучни поенти од Законот.
„Со Законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје по пат на спогодба, се решава долгогодишниот спор што се води помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје, Сите детали околу спогодбата меѓу Владата и „Макпетрол“ за гасоводот.
Изградбата и располагањето со гасоводниот систем и гасификацијата во Република Северна Македонија е од огромно значење, тоа претставува огромна капитална инвестиција и истата на среднорочен и долгорочен план е од круцијално значење и носи огромни придобивки во севкупниот развој на Република Северна Македонија. Како резултат на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје, се отпочнати повеќе постапки пред надлежниот суд, кои постапки со децении немаат завршница и до денес ниту една од нив не е правосилно завршена“, пишува во предлог-законот.
Во него се додава дека резултат од ваквото постапување во спорот, е тоа што досега се потрошени огромни финансиски средства, потрошено време, човечки потенцијали и што е особено важно, граѓаните неоправдано се лишени од можноста да добијат гасификација, а Република Северна Македонија како држава неоправдано е попречена во развојот со користење и располагање на овој енергетски ресурс.
„Со Законот се уредува решавањето на спорот, се решаваат несогласувањата помеѓу страните и води кон целосно окончување на постапките кои произлегле од ваквиот спор и дава можност за мирно надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки. Решавањето на спорот, во овој формат, со носење закон во скратена постапка,со кој се усвојува Спогодба за регулирање на меѓусебните односи, произлезе од укажувањето на Државното правобранителство на Република Северна Македонија, како и од обврската спорот да се реши што побрзо, согласно Законот за енергетика и присутната опасност да бидат воведени соодветни санкции од страна на Европската унија.
Државното правобранителство на Република Северна Македонија имајќи го во предвид значењето на изградбата на гасоводот и гасификацијата во Република Северна Македонија, има разбирање за неговото значење, и како застапник на Република Северна Македонија пред надлежниот суд, укажува дека пред склучување на спогодба. Собранието на Република Северна Македонија потребно е да донесе акт, врз основа на кој Владата да склучи спогодба за регулирање на меѓусебните односи. Собранието на Република Северна Македонија на 21.5.2018 година, го донесе новиот Закон за енергетика (“Службен весник на Република Македонија“ бр.96/2018), кој закон е во целост усогласен со третиот пакет на ЕУ директивите, кои, се однесуваат на внатрешниот пазар на енергија, а истовремено Република Северна Македонија е и потписник на Енергетската заедница од нејзиното основање во 2006 година, поради што е потребно овој спор да се реши во најбрз можен рок“, пишува во предлог-законот.
Во моментот, Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје се акционери во деловниот субјект ГА-МА АД Скопје, што претставува сериозен проблем, бидејќи со Законот за енергетика е предвидено да се изврши сопственичко раздвојување на Операторот на системот за пренос на природен гас.
„Тоа значи дека ист субјект ќе нема право во исто време да ја врши дејноста Оператор на системот за пренос на природен гас и дејностите на трговија и/или снабдување со природен гас. Во Република Северна Македонија, со системот за пренос на природен гас, управува ГАМА АД Скопје, а сопственици на истата се Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје.
„Макпетрол“ АД Скопје поседува и фирма за снабдување со природен гас, што е во спротивност со одредбите од Законот за енергетика кои се однесуваат на сопственичкото раздвојување. За Република Северна Македонија, од особено значење е да се задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас и токму поради тоа во член 110 од Законот за енергетика е пропишано дека сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерство за економија, а истовремено преку државната компанија МЕР АД Скопје во тек е изградба на магистралниот гасовод низ целата држава и во иднина, по изградба на целосната мрежа, за непречено функционирање, потребно е овој гасовод што го гради МЕР АД Скопје, да се спои со системот на природен гас со кој сега управува ГА-МА АД Скопје. Со цел, Република Северна Македонија, успешно да го заврши процесот на сертификација на операторот на преносниот систем на природен гас, и да се изврши спојување на двете компании МЕР АД Скопје и ГА-МА АД Скопје и акциите да се префрлат од Владата на Република Северна Македонија на Министерство за економија, согласно Законот за енергетика, потребно е во најбрз можен рок да се реши спорот со „Макпетрол“ АД Скопје“, пишува во предлог законот.
Член 2 – Со денот на потпишувањето на оваа Спогодба, Владата на Република Северна Македонија изјавува дека се одрекува од тужбите и од тужбените барања истакнати во следниве тужби (наведени поединечно) …