Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КОГА БИЗНИС И ПОЛИТИЧКИТЕ МОЌНИЦИ СТАНУВААТ УРЕДНИЦИ: ВЛИЈАНИЕТО ВРЗ КАМЕРИТЕ?(1)

June 10, 2025 Filed Under: Фељтон

„Според неговата логика, емисиите требаше да бидат бучни, кавгаџиски, со расправии и навреди до ’фаќање за гуша’, додека водителот постојано повикува: ’Ве молам, ве молам, бидете парламентарни!’ Тврдеше дека така се собираат лајкови и кликови на социјалните мрежи“

ВЛИЈАНИЕ Ова е истражување на тема за која ретко јавно се говори во земјава

ВЕСНА КОЛОВСКА – БИЛЈАНА ГЕОРГИЕВСКА

„Се подготвував за емисијата кога заѕвони мобилниот. Позната докторка, политички ангажирана, самоуверено ми рече: ‘Слушнав дека вечер имаш емисија за здравството, ќе дојдам и јас!’ Додека размислував од каде дознала и кој ѝ го дал мојот број, линијата беше прекината.“

Веднаш ми стана јасно дека зад ова „самоиницијативно гостување“ стоеше менаџерот на телевизијата, бидејќи редовно влијаеше врз изборот на гостите, некогаш и врз темите, сакајќи да ги претвори дебатните емисии во спектакли.

Според неговата логика, емисиите требаше да бидат бучни, кавгаџиски, со расправии и навреди до „фаќање за гуша“, додека водителот постојано повикува: „Ве молам, ве молам, бидете парламентарни!“ Тврдеше дека така се собираат лајкови и кликови на социјалните мрежи, се ангажираат голем број следбеници, се покренуваат коментари.

Тоа што коментарите на мрежите продолжуваа во истиот „кавгаџиски“ дух, со навреди, па дури и со говор на омраза, не го загрижуваше. Напротив, целиот тој „трафик“ го сметаше за печат за успех на програмата. Понекогаш изгледаше дека има разбирање за квалитетното и одговорно новинарство, но само до следната емисија, кога притисокот се повторуваше.“

Ова новинарско искуство во домашна национална телевизија е продукт на праксата кога уредувачката политика е спој на клиентелизам, грижа да им се удоволи на политички и бизнис-кругови, со сензационалистички пристап. Во исто време е илустрација на тоа како медиумски менаџери и уредници, во спрега со овие структури, ја поткопуваат слободата на говор и го потценуваат јавниот интерес, уривајќи го квалитетот на новинарските содржини.

Но, реално, колкав е притисокот? Според истражувањето на ССНМ и на Институтот РЕСИС, 73 проценти од новинарите во приватните медиуми признале дека работат под влијание од деловните менаџери. Од нив, 25 отсто искусиле умерено влијание, 28 отсто искусиле изразено влијание, додека 20 отсто рекле дека биле под екстремно влијание.

КОЛКУ СЕ ВЛИЈАТЕЛНИ МЕНАЏЕРИТЕ НА МЕДИУМИТЕ ВРЗ РАБОТАТА НА НОВИНАРИТЕ?  Вкупно
  Приватни Јавен сервис Други
Воопшто не се влијателни 15% 34% 15% 20%
Малку влијателни 13% 31% 8% 17%
Умерено влијателни 25% 15% 23% 22%
Многу влијателни 28% 13% 31% 24%
Исклучително влијателни 20% 8% 23% 17%
Вкупно 100% 100% 100% 100%

Овие бројки сугерираат дека дел од новинарските содржини во приватните медиуми можеби се создадени под притисок од менаџерите, односно дека за нивните автори не бил приоритет јавниот интерес и почитувањето на етичките и професионални стандарди, туку подлегнале пред интересите на директорот.

Во јавниот сервис, каде што се анкетирани 62 новинари, влијанието било пониско: само 36 проценти изјавиле дека биле под умерен до екстремен притисок. Тоа веројатно се должи и на фактот што поголем дел од анкетираните новинари во јавниот сервис не доаѓаат редовно во контакт со менаџерскиот кадар, така што влијанијата од нив не ги чувствуваат директно.

Севкупно гледано, 63 проценти од вкупно анкетираните 232 новинари се изјасниле дека работат под извесно влијание од раководните структури, застапувајќи нивни интереси (најчесто на блиски политички, бизнис или други кругови) во објавените новинарски содржини наместо на прво место да биде интересот на граѓаните.

Политичко и економско влијание: медиумите како „штит“

Новинарите речиси секогаш и секаде се соочуваат со помалку или со повеќе притисоци и влијанија од различни страни. Но, во некои периоди од изминатите три транзициски децении во Македонија, потиснувањето на слободата на говор и заобиколувањето на јавниот интерес во медиумите, од политички и бизнис-фигури, менаџери и уредници во спрега со нив, некогаш достигнуваше епски размери. Незаборавни се примерите кога репортери се појавуваа на политички настани со испечатени текстови и згора на сѐ – со потцртани реченици во нив, за да нема забуна што треба да изговорат пред камера. Или очигледното форсирање теми од делокругот на бизнис-активностите на медиумскиот сопственик. Или нарачани прашања на прес-конференции за фалење или омаловажување на говорниците. Или дадени прашања во рацете на новинар што води интервју, напишани токму од соговорникот или од неговиот кабинет. Сѐ до случајот со вклучувањето на директорот во емисија во живо за да го избрка гостинот од студио. Сево ова резултираше со прилично нарушен медиумски кредибилитет и квалитет на новинарството во земјава.

Фактот што повеќето „најгледани“ телевизии беа основани и сѐ уште се во сопственост на бизнисмени со политички амбиции, всушност ги става медиумите во улога на штит на интересите на газдите, а не на јавноста, што за некои новинари е неприфатливо.

Новинарката Убавка Јаневска одлучила дека е подостоинствено да остане без работа отколку да дозволи постојана редакциска интервенција во нејзините прилози во полза на владејачка партија:

„Еднаш ми сменија дел од видеоизјава во прилогот што го пратив целосно монтиран. Следниот пат ја сменија најавата – што даде сосема друг контекст. Кога министер дојде во градот, колега ме замоли да поставам прашање во негово име. Го известив портпаролот на министерот, но по кусо време видов неколку пропуштени повици од уредникот. Му пренел на снимателот да не го поставувам прашањето. Јас, сепак, го поставив – од колегијалност. Неколку часа подоцна му се јавив на уредникот и му кажав дека повеќе нема да работам за медиумот“, раскажа Јаневска.

Но, други новинари сметаат дека немаат алтернатива. Во услови на раширен клиентелизам, кој го задушува професионализмот, изборот е мал – преминувањето во друг медиум не значи поголема независност, ниту финансиска стабилност поради што подлегнуваат на притисоците на сметка на професионалните стандарди.

Приказот на влијанието од сопственик на медиум врз новинарите, според опсежната анкета на ССНМ и РЕСИС, сугерира дека дури 83 од 141 анкетиран новинар, вработени во приватните медиуми биле изложени на влијание, и тоа: 21 процент од нив на умерено, 21 процент на изразено, а 16 проценти на екстремно влијание од сопственикот на медиумот. Вкупно тоа се 83 анкетирани новинари, или 58 отсто што искусиле влијание од таков тип.

КОЛКУ СЕ ВЛИЈАТЕЛНИ СОПСТВЕНИЦИТЕ НА МЕДИУМИТЕ ВРЗ РАБОТАТА НА НОВИНАРИТЕ?  Вкупно
  Приватни медиуми Јавен сервис Други
Воопшто не се влијателни 26% 39% 36% 31%
Малку влијателни 15% 25% 4% 16%
Умерено влијателни 21% 20% 20% 21%
Многу влијателни 21% 10% 20% 18%
Исклучително влијателни 16% 7% 20% 14%
Вкупно 100% 100% 100% 100%

Недостиг од професионалност во новинарството во Северна Македонија регистрира и организацијата „Репортери без граници“ во Индексот за слобода на говор за 2024 година. Во извештајот се додава дека „постои голем јаз меѓу гледаноста и довербата во медиумите“, при што се наведува дека најгледаните ТВ канали во земјава – Алсат, Сител, МТВ1 и Канал 5 – имаат низок степен на доверба.

Во овој Извештај, медиумската подложност на политички и економски влијанија е опишана како системски феномен, при што се додава дека двете најголеми партии – владејачката и опозициската – имаат создадено паралелен медиумски систем што служи за нивно политичко и економско влијание.

„Поради силната политичка поларизација, медиумите може да бидат под притисок на властите, политичарите и на бизнисмените и на национално и на локално ниво… Странските грантови базирани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Новинарството е многу несигурна професија. Некои медиумски куќи се подложени на влијание од маркетинг-агенциите“, пишува „Репортери без граници.“

Како резултат на интервенција на менаџментот, новинарот Жарко Настоски, пред две години се повлече од редакцијата „Слободен печат“, веднаш откако неговиот текст за спојување концесии за рудникот Иловица-Штука беше избришан.

Текстот, објавен на 5 јули 2023 година, зборуваше за „полутајно“ дозволено спојување концесии, но беше избришан неколку часа подоцна од сајтот на медиумот. Настоски изјави дека редакцијата му објаснила дека имаат меѓусебен усен договор да не се објавуваат „непроверени информации“ во случајот со рудниците во Струмичко.

„Слободен печат“ тогаш тврдеше дека неговиот договор не бил продолжен и дека текстот бил преземен од друг портал без проверка.

МЕХАНИЗМИ ЗА ПОЛИТИЧКО И ЕКОНОМСКО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ МЕДИУМИТЕ Во секојдневната работа, редакциите со малубројни новинарски тимови запаѓаат во т.н. институционализирана медиумска пасивност – новинарите главно ги репродуцираат партиските наративи преку соопштенија, без суштинска редакциска обработка. Притоа селективно ги претставуваат страните, во зависност од политичката ориентација на сопствениците на медиумите. Во таква медиумска поставеност, новинарите остануваат под влијание, јавниот интерес е потиснат, а одговорното новинарство и професионалните стандарди – заборавени.

Д-р Марина Тунева, во „Водичот за интегритет на медиумите“ (2023), вели дека овој механизам, не само што ги замаглува границите меѓу независното новинарство и политичките агенди, туку и го редефинира новинарството како медијаторска, а не аналитичка професија. Таа предлага јасна законска регулатива за политичко рекламирање, со особена внимателност кон државното рекламирање, кое се користи како алатка за медиумски клиентелизам.

Зависноста од економско-политичките врски врз редакциите ја констатира и Извештајот за напредокот на Македонија за 2024 година на Европската комисија:

– политичките партии продолжуваат да користат државни средства за рекламирање;

– нетранспарентноста во платеното политичко рекламирање останува проблем;

– политичарите и јавните личности употребуваат неприфатлив јазик против новинарите;

-судовите пријавиле 19 тужби за клевета против новинари во 2023 година,

– регистрирани се шест SLAPP тужби, што укажува на недостиг од механизми за правна заштита.

(Оваа  анализа е создадена во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во анализата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторите).

– Продолжува во следниот број –

 

Filed Under: Фељтон

БЛУМБЕРГ: ДА НЕ СЕ ЛАЖЕМЕ ЗА МИГРАНТИТЕ
ДАЛИ ДА ГЛАСА ДИЈАСПОРАТА НЕ Е ВИСТИНСКОТО ПРАШАЊЕ
ЖИЖЕК: ДАЛИ СТЕ СВЕСНИ ДЕКА ДЕНЕШНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ СТАНУВААТ СЕ ПОГЛУПАВИ СЕКОЈ ДЕН!
ЦРНОБУКИ ГО ПРИВЛЕКУВА ИНТЕРЕСОТ
КОГА БИЗНИС И ПОЛИТИЧКИТЕ МОЌНИЦИ СТАНУВААТ УРЕДНИЦИ: ВЛИЈАНИЕТО ВРЗ КАМЕРИТЕ?(1)

Најново

  • БЛУМБЕРГ: ДА НЕ СЕ ЛАЖЕМЕ ЗА МИГРАНТИТЕ
  • ДАЛИ ДА ГЛАСА ДИЈАСПОРАТА НЕ Е ВИСТИНСКОТО ПРАШАЊЕ
  • ЖИЖЕК: ДАЛИ СТЕ СВЕСНИ ДЕКА ДЕНЕШНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ СТАНУВААТ СЕ ПОГЛУПАВИ СЕКОЈ ДЕН!

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet