Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КОГА БИЗНИС И ПОЛИТИЧКИТЕ МОЌНИЦИ СТАНУВААТ УРЕДНИЦИ: ОД РЕДАКЦИСКИ ПРИТИСОЦИ ДО СУДСКИ ПРОЦЕСИ (2)

June 24, 2025 Filed Under: Фељтон

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) годишно бележи 50 до 60 пријави за кршење на работничките и професионалните права. Но, се смета дека многу случаи на кршење на правата остануваат непријавени, дека новинарите ретко бараат правда, туку едноставно заминуваат од редакцијата или целосно ја напуштаат професијата

ОГНЕН МАРТИНОВ Овој адвокат ангажиран од ССНМ вели дека најчесто постапувал во случаи на доделување работни задачи и обврски надвор од определените со договорите

Еден од случаите што ја отсликува системската ранливост на новинарите изложени на различни влијанија е искуството на Ирена Мулачка, уредничка на „Фокус“, која зад себе има 17-годишно искуство во професијата како новинарка и уредничка.

На почетоците од нејзината новинарска кариера, во медиумот за кој тогаш работела, објавила серијал текстови за тогашен директор на клиника, за неговата работа, за начинот како ја добил дипломата и за тоа дека на незаконски начин сака да стане професор на Медицинскиот факултет.

„Иако целиот текст беше поткрепен со документи и докази, сепак директорот на клиниката ме тужеше по што се одржаа неколку судски рочишта. Но, мојот уредник во тоа време, наместо да ме заштити, всушност помогна да бидам осудена. Во редакцијата стигна анонимен имејл, дека директорот за кого пишував, не знаел англиски. Веднаш од мене беше побарано да го објавам тоа и да се потпишам. Одбив и реков дека нема да потпишам непроверена информација. Додека траеше дебатата во редакцијата, почна и судското рочиште против мене, па тргнав накај Кривичниот суд. Штом стигнав, на мое изненадување, ме пречекаа со критика дека, и покрај тоа што ме тужат, јас и тој ден сум напишала текст против директорот, во кој „тврдам“ дека не знае англиски. Под текстот беше потпишано моето име и презиме“ – објаснува Мулачка.

Во пракса, ваков непринципиелен однос во редакциите на релација уредник- (сопственици) – новинари не ретко завршува со дисциплински постапки, кратење на платата, намалување на слободите, за да кулминира и пред суд.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) годишно бележи 50 до 60 пријави за кршење на работничките и професионалните права. Но, се смета дека многу случаи на кршење на правата остануваат непријавени, дека новинарите ретко бараат правда, туку едноставно заминуваат од редакцијата или целосно ја напуштаат професијата.

ДАРКО ДУРИДАНСКИ Неретко добиваме пријави за кои основа се притисоци поради професионалните задачи, но тоа тешко се докажува

„Тешко е да се утврдат причините поради кои работодавачите или, пак, уредниците преземаат мерки кон новинарите и медиумските работници, а на крајот завршуваат со некаков вид работен спор. Неретко добиваме пријави за кои основа се притисоци поради професионалните задачи, но тоа тешко се докажува“, вели Дарко Дуридански, извршен директор на ССНМ.

Адвокатот ангажиран од ССНМ, Огнен Мартинов вели дека најчесто постапувал во случаи на доделување работни задачи и обврски надвор од определените со договорите за вработување склучени меѓу работниците и работодавачот, за вознемирување на работното место, промена на работното место, но и поради непочитување на работното време определено од работодавачите, како и за случаи на дискриминација и клевета и навреда.

ПОВЕЛБАТА НА ЕФМ И СИСТЕМСКАТА ПРАЗНИНА ВО МАКЕДОНИЈА Според Кодексот на новинарите на Македонија, новинарот има право да одбие работна задача доколку е во спротивност со принципите за професионално и етичко новинарство.

Во Повелбата за работните услови на новинарите на Европската федерација на новинари (ЕФН), стратегиски документ врз чија основа дејствуваат новинарските синдикати во регионот, разработени се главните принципи и правила врз кои треба да се засноваат односите меѓу новинарите и нивните работодавачи и уредници.

Принципот 7 го дефинира правото на новинарот да одбие да потпише содржина.

„Новинар или медиумски работник не може да биде судски гонет во случаите кога уредникот суштински ја променил содржината на нивниот новинарски производ. Новинарот или медиумскиот работник не може да биде отпуштен или да му биде раскинат договорот или да се доведе во полоша положба кога го користи ова право на работното место“, пишува во Повелбата.

Оваа меѓународна Повелба делумно е вградена во Законот за медиуми, но, сепак, недостасуваат одредби што можат да бидат основа за подобрување на слободите и правата на новинарите и медиумските работници во редакциите.

„На пример, актуелната верзија на Законот за медиуми содржи општи одредби со кои се гарантира слободата на изразување и слободата на медиумите, но не и одредби со кои се гарантира правото на здружување на новинарите, вклучително и правото на основање и зачленување во професионални здруженија заради заштита на своите интереси“, пишува во публикацијата „Работничките права на новинарите и медиумските работници – домашна правна рамка.“

Овие принципи се вградени во Повелбата за професионалните и работните права на новинарите и медиумските работници на ССНМ, која налага „професионалната независност на новинарите мора да биде заштитена од секоја форма на манипулација, влијание или притисок. Новинарите имаат право да одбијат да потпишат содржина што е изменета без нивна согласност или што го нарушува нивниот интегритет и објективност.“

Без јасни законски измени, медиумската независност ќе продолжи да биде под закана, а јавниот интерес – потиснат зад корпоративните и партиските агенди.

ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНИ И ВЛИЈАНИЕТО НА МЕДИУМИТЕ

Едно од прашањата во сондажата на ССНМ и РЕСИС е колку новинарите биле подложени на владина цензура. Од вкупно 137 новинари од приватните медиуми, 17 проценти одговориле дека биле изложени на умерена, 7 проценти на изразена и 7 проценти на екстремна владина цензура. Додека од 48 новинари вработени во јавниот сервис, кои одговориле на ова прашање, само петмина признале дека се соочиле со умерена, а тројца со екстремна владина цензура.

КОЛКУ СЕ ВЛИЈАТЕЛНИ ОБИДИТЕ ЗА ЦЕНЗУРА ОД ВЛАСТА ВРЗ РАБОТАТА НА НОВИНАРИТЕ? 

 

 

 

Вкупно

  Приватни медиуми Јавен сервис Други
Воопшто не се влијателни 50% 83% 56% 58%
Малку влијателни 19% 8% 16% 16%
Умерено влијателни 17% 4% 12% 13%
Многу влијателни 7% 0% 12% 6%
Исклучително влијателни 7% 4% 4% 6%
Вкупно 100% 100% 100% 100%

Пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, во кој загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени, може да се земе како најсвеж пример за влијание од власта врз медиумите, поточно за креирање раширена јавна перцепција според интересите на владејачката структура.

Владата, преку својот портпарол, одлучи да ги „потсети“ медиумите да се држат до етичките стандарди при известувањето за трагедијата, во името на погодените семејства и нивното право на приватност. Овој повик, иако формално заснован на професионални новинарски принципи, доаѓајќи од извршната власт – доведе до степен на самоцензура кај дел од новинарите, особено кај помалку искусните репортери. Тие бргу решија да застанат на „безбедната страна“ – минимизирајќи ги деталите за жртвите и ограничувајќи го визуелниот приказ за димензиите на трагедијата.

Во јавноста, пак, оваа владина интервенција, јавно поддржана и од неколкумина уредници во одбрана на владејачките партии, се рефлектираше со раширена перцепција дека медиумите треба да се држат „на око“, за тоа што и како јавуваат за тагата во Кочани.

Луѓе што немаат допирна точка со професијата новинарство, но и стотици ботови од политичките пиар-фабрики активирани на социјалните мрежи, почнаа хајка против  медиумите, со остри критики, дури и со закани, без елементарно знаење за принципите на слобода на говор, но и за задачата на медиумите детално и континуирано да известуваат за една од најмасовните трагедии во земјата и причините што доведоа до неа.

Во некои од тие реакции јасно се читаше од каде доаѓа влијанието, како на пример коментарот „нашата влада ќе биде известена за ваквото видео, засрамете се“, упатен кон странски медиум со интернет-пренос од погребот на жртвите во Кочани, можеби како предупредување во својата земја.

Дел од искусните новинари во земјава, пак, според реакциите на социјалните мрежи, се почувствуваа понижени од владината интервенција кон медиумите.

„Огромна грешка направивме што дозволивме владата да ни биде главен уредник на сите медиуми. Ние сме професионалци, нема што да ни смислуваат протоколи, да ни делат лекции…“

ОРКЕСТРИРАНИ НАПАДИ ВРЗ НЕЗАВИСНИ ПЛАТФОРМИ Студентската информативна платформа „Студентарија“ беше таргетирана преку социјалните мрежи. Основачот Гоше Николов беше лажно обвинет дека е организатор на младинските протести, а негови фотографии беа споделувани на координиран начин преку сомнителни профили и страници на Твитер и на Фејсбук, со синхронизирани објави.

Главниот мотив беше најавата и следењето на студентскиот собир на 17 март, на платото на УКИМ, на кој младите оддадоа почит кон жртвите, кога беше исвиркана министерката за образование и наука – додека држеше говор – што беше документирано на „Студентарија.“

– Во дел од објавите директно бев етикетиран и поврзуван со политички партии, со намера да ме прикажат како нечиј инструмент или политички активист. Во некои случаи беа упатени и повици за притвор, а во коментарите под објавите се забележаа примеси на говор на омраза и повици на насилство. Иако сè беше веднаш демантирано од наша страна, штетата и ризикот беа реални, сподели Николов.

Последиците од владиното влијание

Резултатот од владината интервенција за тоа како да се известува за Кочани беше потиснување на темата, затскривање на причините што доведоа до пожарот и големиот број жртви, стивнување на гневот и фокусирање кон официјалните бројки за приведени и владини ветувања за неселективност и транспарентност во истрагата.

Во Македонија, новинарите веќе имаат искуство со известување за трагедии – пожарот во модуларната болница во Тетово, автобусот кај Ласкарци, поплавата во Стајковци. Тие знаат да балансираат меѓу етиката и јавниот интерес. Но, во случајот со Кочани, владиното влијание беше посебно силно, така што границите меѓу одговорното известување и контролираната перцепција беа намерно замаглени.

Македонија е мала земја, се знаат конекциите и лесно се воочуваат влијанијата во јавниот простор, преку медиумите. Претстојат локалните избори, кога одново на сцена ќе стапат „политичко-бизнис-медиумските бракови“ на штета на јавниот интерес и одговорното новинарство како општо добро за здрава демократија.

(Оваа  анализа е создадена во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во анализата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења е во целост на спроведувачите и на авторите).

 

Filed Under: Фељтон

КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ
MАЛА ФОРМА, ГОЛЕМА ПРЕТСТАВА: БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ ЗА МОЌТА НА МОНОДРАМАТА И СИЛАТА НА ЕДЕН АКТЕР
ЗОШТО СИТЕ ПУКААТ ПО ПП-ДБ?

Најново

  • КOГА ЈАГНИНАТА ЌЕ СТИВНАТ, ВОЛЦИТЕ ПОБЕДИЛЕ
  • ФРЧКОСКИ: ВТОРИОТ ФРАНЦУСКИ ПРЕДЛОГ Е ПОДОБАР ОД ДОГОВОРОТ СО БУГАРИЈА ВО 2019 ГОДИНА
  • БЕЗ НИВ СЕ’ ЌЕ СЕ СРУШИ: БРИТАНИЈА И МИГРАНТИТЕ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet