Најавата на државниот секретар на САД доаѓа нешто повеќе од една недела пред климатската конференција на Обединетите нации во Глазгов, Шкотска. Во меѓувреме Амзонија се претвори во пекол а ова подрачје е „одговорно“ за една петтина од кислородот на планетата. Амазонија произведува една третина од слатките в оди кои се влеваат во океаните
Ден по разговорите на високо ниво во Колумбија, државниот секретар на САД Ентони Блинкен најави регионално партнерство да се адресира соголувањето на амазонските дождовни шуми. „Ќе ја дадеме многу потребната финансиска помош за менаџирање на заштитените подрачја, и ќе помогнеме да се зголемат земјоделските практики со ниско ниво на јаглерод кај земјоделците низ Амазонија“, рече Блинкен.
Тој додаде дека „новото регионално партнерство ќе помогне да се спречат до 19 милиони метрички тони јаглерод диоксид да влезат во атмосферата“.
Амазонија покрива осум држави во Јужна Америка, вклучувајќи го Бразил, Колумбија, Еквадор и Перу. Амазонија и другите дождовни шуми се суштински бидејќи го апсорбираат јаглеродниот диксид и произведуваат една петина од кислородот во светот. Една третина од Колумбија е во Амазонија.
Колумбиските власти имаат амбициозни климатски цели, меѓу кои и нула соголување на шумите до 2030 година.
Најавата на Блинкен доаѓа на повеќе од една недела пред климатската конференција на Обединетите нации во Глазгов, Шкотска, каде околу 100 светски лидери ќе дискутираат за климатските промени и како да се справат со нив.
Амазонската дождовна шума продуцира огромни количества вода – не само за Бразил, туку за цела Јужна Америка. Таканаречените „летечки реки“ пренесуваат влага во голем дел од Бразил. Тоа се воздушни маси заситени со водена пареа, кои настануваат преку таканаречен процес на евапотранспирација, односно комбинација од атмосферско испарување и испарување од губењето на вода низ животните процеси на билките и животните. Овие огромни водени облаци влијаат на врнежите од дожд во Боливија, Парагвај, Аргентина, Уругвај, па дури и во крајниот југ на Чиле.
Според истражувањата на државниот научен институт ИНПА, едно дрво со просечна големина од 10 метри, дневно во атмосферата може да произведе над 300 литри вода во форма на пареа – повеќе од двојно отколку што дневно троши еден Бразилец.
Зачувувањето на Амазон е од клучно значење за земјоделството, прехранбената индустрија и производството на енергија во Бразил.
Уништувањето на дождовните шуми го нарушува процесот на евапотранспирација и досегот на „летечките реки“, а влијае и врз врнежите од дожд во многу земји на Јужна Америка. Притоа, Амазон обезбедува околу една петтина слатка вода која се влева во светските мориња.
Амазон и другите тропски шуми складираат меѓу 90 и 140 милијарди тони јаглерод, што придонесува кон стабилизација на светската клима. Само амазонските дождовни шуми произведуваат десет процени од вкупната биомаса на планетава. Сечата на шумите, од друга страна, е најголем извор на емисијата на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина. Сечење на шумите за да се добијат земјоделски површини ослободува стакленички гасови во атмосферата и ја дестабилизира климата.
Една од главните цели на Парискиот климатски договор од 2015 година е намалување на глобалното затоплување под два степена во однос на прединдустриското време, што неизбежно вклучува и заштита на шумите. Податоците на ОН од 2015 година покажува дека Бразил е една од десетте земји со најголема емисија на стакленички гасови.
Бразил се обврза до 2030 година да ја намали емисијата на овие гасови за 43%, во однос на нивото од 2005 година. За да ја постигне оваа цел, земјата се обврза да го зголеми својот удел во одржлива биоенергија и, меѓу другото, да обнови 12 милиони хектари шума.
Десет проценти од сите познати видови на земјата се во Амазон. Најголемата тропска шума во светот има најголем биодиверзитет во светот. Исто така постојат голем број видови кои не им се познати на научниците, особено од непристапните области.
Зачувувањето на биолошката разновидност е важна затоа што обезбедува одржливост на сите форми на живот. Здравите и разновидни екосистеми, исто така, подобро се опоравуваат од катастрофи, како што се шумски пожари.
Зачувување на биолошкиот диверзитет придонесува за стабилизација на останатите екосистеми во регионот. Големиот корален гребен на утоката на Амазон во Атлантикот е дом на видовите корали загрозени од глобалното затоплување.
Според биологот Карлос Едуардо Лаите Фереира од сојузниот Универзитет Флуминесе од Рио де Жанеиро овој гребен може да помогне оштетените делови од океанот повторно да се населат со корали. Сепак, нафтените компании како Тотал и БП план таму имаат платформи за дупчење нафта, со што се загрозува овој екосистем.
Животинските и растителните видови во Амазон се исто така важни за производство на лекови, храна и други производи. Над 10.000 видови растенија во регионот обезбедуваат активни состојки за медицинска употреба, козметика или биолошки препарати за штетници.
Според една студија на АБЦ Универзитетот во Сао Паоло, таканареченото растение „мачкин нокт“ може да се користи не само за третирање на артритис и артроза, туку влијае и врз намалување на замор, како и за подобрување на квалитетот на живот на пациентите болни од рак во напредната фаза.
Производите од дождовната шума се продаваат низ цел Бразил – Акаи бобинки, гуарана, тропско овошје, палмина срцевина, како и производи од домородците. Извозни производи пред сѐ се бразилските ореви, јарина (вид палма), рутил и жаборанди (билни состојки), пау роса (скапоцено дрво), како и смоли и масла.
Во подрачјето на дождовната шума долж Амазон се случуваат пожари предизвикани од човекот, но и природни пожари, меѓутоа, последните пожари не можат да бидат окарактеризирани како природни, истакна челник на непрофитна група за животната средина. „Околу 7.500 километри квадратни шума беа исечени во 2018 година, а со континуираното сечење во 2019 година бројката најверојатно ќе биде еден и пол пати или двојно поголема на крајот на годината“, изјави за Anadolu Agency (АА) Хенриет Волц, од Алијансата на глобална дефорестација на дождовните шуми. Групата работи со бизнис, земјоделски и шумски групи, со цел создавање подобра иднина за луѓето и природата преку склучување одговорни бизниси.
Волц вели дека иако во минатото во Амазонија се случувале природни пожари, како што беа сушните години од Ел Нињо, овогодишните пожари не можат да се разгледуваат како пожари настанати по природен пат. „Сезоната на најголемите пожари и на дефорестацијата е сувата сезона која трае од јуни до септември; јуни и јули бележат пораст од 60 до 90 отсто во однос на бројот на пожари во 2019 година споредбено со 2018 година. Помеѓу јануари и сега регистрирани се 74.000 пожари; ова е најголемата бројка пожари од 2013 година“, рече таа.
Додаде дека овој вид на дефорестација обично се користи за земјоделски цели со сечење и палење на дрвјата, со цел да се добие органско, продуктивно земјиште. „Предизвикувачите на дефорестацијата во Амазонија се комплексни. Причините за дефорестацијата на Амазон вклучуваат директни двигатели, како што се нелегалната сеча, расчистување на земјиштето за земјоделство и зголемениот урбан развој“, вели Волц, и посочува дека охрабрувањето на конвенционалното земјоделство или развој со меѓународните финансиски политики се исто така индиректни двигатели на дефорестацијата.
Таа нагласува дека врз дождовната шума, која игра круцијална улога во борбата против климатските промени, е под влијание на климатските промени. „Претседателот Жаир Болсонаро неколкупати истакна дека има за цел економски да го развие регионот на реката Амазон, и дека има намера да се започне со официјални активности на ископување и рударство во подрачјето на Амазон и автохтоните заедници“, посочи Волц во однос на дополнителните причини за дефорестацијата.
– Емисиите на јаглерод поради дефорестацијата се значаен поттикнувач на климатските промени, изјави за АА извршниот директор на „Amazon Watch“, Лејла Салазар-Лопез.
Поради климатските промени, дождовните шуми стануваат сѐ поподложни на пожари и суши кои водат кон поголема дефорестација.
„Последниве пожари кои ја пустошат Амазонија се глобална трагедија и опасен придонес кон климатскиот хаос“, истакна извршната директорка на организацијата што работи на заштита на дождовните шуми и на унапредувањето на правата на автохтоните заедници во басенот на Амазон.
Во Амазонија изгореа над 800.000 хектари, значително придонесувајќи кон климатските промени „и од јаглеродот ослободен од шумските пожари, но и од загубата на дрвјата и нивната можност да апсорбираат јаглерод во иднина“, рече таа.
„Срцето на Земјата“ или „белите дробови на Земјата“ се регулатори на регионалната и глобалната клима, на океанските струи, како и на временските модели.
„Оттука, заштитата на Амазонија е есенцијална за заштита на климата, или во најмала рака, за забавување и ублажување на климатскиот хаос“, вели таа.
Потенцираше дека заштитата на дождовните шуми и ублажувањето на климатските ефекти преку бранењето на правата на автохтоните заедници е значајно решение за растечките климатски закани.
„Илјадници години, Амазонија е дом на најмалку 400 различни автохтони заедници од (осум])различни јужноамерикански земји, чии животи се длабоко поврзани за земјата, за водата, заради секојдневен и културен опстанок“, рече Салазар-Лопез, чии соработници од организациите на автохтоните заедници и еколошките организации за човекови права, заеднички се борат за одговорност и зачувување на екосистемите во Амазонија.
На 5 септември се одбележува Глобалниот ден на акција за Амазон, кои го одбележуваат голем број невладини организации, и на глобално ниво преку протести и демонстрации за подигање на свеста за тековните пожари во Амазонија и односот на Болсонаро кон дождовните шуми.
(Користени се материјали од светските агенции)