Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КОГА КАЈ ФЕМИЦИДОТ ПАЃА СИСТЕМОТ, НАЈОДГОВОРНИ СЕ ОНИЕ ОД ВРВОТ НА СИСТЕМОТ!

March 10, 2026 Filed Under: Македонија

Жена е убиена поради институционални слабости, понорот се полни со човечки животи – смета Фатмир Битиќи.  Со измените на Кривичниот законик, насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност, дури и кога пријавата е повлечена – нагласува Јованка Тренчевска

БИТИЌИ Општеството мора јасно да го именува злото и да се спротивстави на родово базираното насилство

Неодамна претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова по повод скокот на младата мајка и нејзината 6-годишна ќерка од балконот на нвниот стан изјави дека годинава нема резон да се слави Осми март и дека овој настан е резултат на пад на системот. Ова е еден од ретките можности да се сложиме со констатација која ја дава таа во однос на некаква вина во оваа земја. И кога ни загинаа 62 лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, како што првиот ден констатираше тогашниот републички јавен обвинител Љупчо Коцевски, не чувме слична констатација но тоа секако сега и не е толку важно.

Факт е дека во неделата што е зад нас токму наведеното самоубиство на Ивана и Катја беше главна тема, во рамките на несопреното насилство по родова основа што во земјава е на ранг на епидемија!

Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, во овој контекст, на собраниската седница се осврна на трагедиите поврзани со родовото базирано насилство како последица на институционални слабости и вредносна криза во општеството.

„Со оглед на тоа што е Осми март, за жал не можам да започнам со честитка. Оваа седница се случува три дена по трагедијата која ја потресе нашата татковина и нè исполни со горчина. Ужас во кој, поради непрекината низа од институционални слабости, згаснаа два животи, мајка и малолетна ќерка. Кога институциите не ги полниме со политички вредности, ние го држиме отворен понорот во општеството и тој понор не останува празен. Го полниме со човечки животи, со човечка крв, а потоа се обидуваме да го измиеме со солзите на нечии родители, ќерки и синови“, истакна Битиќи.

Тој нагласи дека општеството мора јасно да го именува злото и да се спротивстави на родово базираното насилство.

„Кога жена е убиена поради родово базирано насилство, тоа е фемицид. И ако не умееме да го препознаеме, спречиме и санкционираме, тогаш понорот што го држиме отворен не е случајност, туку последица на нашата вредносна пустина. Ќе се запрашате зошто. Затоа што, функционираме како држава на ’алфа-мажјак, арбитрарна и репресивна, исполнета со политички елити кои својата одговорност ја врзуваат за дискриминацијата и понижувањето, што ја претвора силата во понижување, а различноста во причина за дискриминација.“, рече Битиќи.

Тој предупреди дека во општество во кое доминираат дискриминацијата и понижувањето, жените постојано се принудени да докажуваат дека заслужуваат да бидат слушнати, почитувани и заштитени.

ТРЕНЧЕВСКА Потфрли Панче Тошковски. Потфрли МВР. Потфрлија центрите за социјална работа

Тој посочи и на економската нееднаквост со која се соочуваат жените, нагласувајќи дека само околу 38 проценти од жените се вработени, додека 57 проценти се економски неактивни, а кај младите жени стапката на вработеност изнесува 27,6 проценти, наспроти 39,3 проценти кај младите мажи.

„Тоа значи дека илјадници девојки влегуваат во животот со однапред поставена пречка, не затоа што се помалку способни, туку затоа што системот им нуди помалку шанси. Мажите заработуваат повеќе од жените за околу 12,8 проценти, односно трудот на жената се вреднува помалку, а државата го толерира тоа“, нагласи Битиќи.

Тој додаде дека економската нееднаквост не може да се надмине без политичка еманципација и вистинска поделба на општествената моќ.

„Економијата не ја сочинуваат единствено бројки. Во прашање е и моќ. Изборот пред кој стоиме е дали таа ќе се узурпира или ќе се дели. Трета можност не постои. Држава која не ја штити жената, не ја штити ни демократијата“, истакна Битиќи.

Говорот го заврши со пораката на активистката за човекови права Одри Лорд: „Не сум слободна додека било која жена не е слободна.“

Трагедијата во скопската населба Карпош, каде трагично згаснаа два животи на мајка и дете, покажа сериози пропусти на институциите за заштита од семејно насилство.

Две години пријавувано семејно, физичко и психичко насилство. Дури 12 пријави имало за сопругот, кој имал и други обвиненија а последниот случај му била најдена и дрога.

Институциите биле алармирани, било пријавувано, имале сознанија, имало индиции за ризик и со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите.

Потфрли Панче Тошковски, потфрли МВР, потфрлија Центрите за социјална работа, целиот институционален, државен систем.

Формалното постапување, не почитувањето на законските одредби за гонење на семејно насилство по службена должност, недостатокот на навремена реакција доведоа до трагична смрт на мајка и дете.

Само пред неколку месеци, во Велес, млада жена не беше заштитена, иако пријавувала малтретирање институциите не реагирале соодветно и беше убиена заедно со нејзиниот татко.  Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство.

За сите овие институционални пропусти мора да има одговорност.

Бараме оставка од Панче Тошковски, соодветна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и кај сите останати институции.

Проблемот почнува од врвот!

Сега Тошковски се сети да праќа телеграми, кога на некој му стигнуваат телеграми со сочувство? Требаше досега нешто да преземе. Одговорноста е кај оној што го води системот и не може да биде префлрена на некој друг. Единствена телеграма сега што треба да ја прати е неговата оставка.

Со измените на Кривичниот законик, насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност, дури и кога пријавата е повлечена, нагласи на денешната прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, а во однос на трагедијата во скопската населба Карпош. Тренчевска посочи дека непостапувањето на институциите согласно законските обврски доведе до трагични последици.

„Со измените на Кривичниот законик насилството врз жените и семејното насилство се гонат по службена должност. Дури и кога пријавата е повлечена. И не само кога има телесни повреди, туку и кога со насилството се нарушува здравјето на жртвата. Полицијата е обврзана да постапува и согласно Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, рече Тренчевска.

Тренчевска посочи дека загрижувачки е фактот што жртвата две години пријавувала семејно, физичко и психичко насилство, имало 12 пријави за сопругот кој имал и други обвиненија и пријави, меѓу кои и за дрога. Институциите имале сознанија и било пријавувано, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите.

„Потфрли Панче Тошковски. Потфрли МВР. Потфрлија центрите за социјална работа. Потфрли целиот институционален систем. Формалното постапување, игнорирањето на законските обврски и непостоењето на навремена реакција доведоа до најстрашниот исход – трагична смрт на мајка и дете“, рече Тренчевска.

Таа додаде дека ова не е изолиран случај и потсети дека пред неколку месеци во Велес млада жена беше убиена заедно со нејзиниот татко, која исто така пријавувала насилство, а институциите повторно не реагирале навреме.

„Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи поради родово базирано и семејно насилство. Ова е аларм за ресет на целиот систем и повик дека одговорност мора да има“, рече Тренчевска.

На прес-конференцијата, Тренчевска повика МВР да спроведе темелна истрага која со име и презиме ќе утврди одговорност кај сите службени лица – во МВР, центрите за социјална работа и во сите институции кои потфрлиле, а министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да си поднесе оставка.

(Р.Г.)

Filed Under: Македонија

ТОНИНО ПИЦУЛА: МОЖНО Е РАДИКАЛИЗИРАЊЕ НА ОДНОСИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
ЕУ САКА ДА ЈА ИЗБЕГНЕ НОВАТА УНГАРИЈА: ЦРНА ГОРА КАКО „ТЕСТ ПОЛИГОН“ ЗА НОВИОТ ДОГОВОР ЗА ЧЛЕНСТВО
ОВА НЕ Е ОГРАНИЧЕНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА, ТУКУ ВОЈНА НА ДВЕ ДРЖАВИ КОН ТРЕТА
СОЛИДАРНОСТ: АСАНИ МУ ПОМОГНАЛ НА АШКОСКИ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ИРАН
ИРАНСКАТА НАФТА ИМА АЗИСКИ МУШТЕРИИ

Најново

  • ТОНИНО ПИЦУЛА: МОЖНО Е РАДИКАЛИЗИРАЊЕ НА ОДНОСИТЕ НА ЗАПАДЕН БАЛКАН
  • ЕУ САКА ДА ЈА ИЗБЕГНЕ НОВАТА УНГАРИЈА: ЦРНА ГОРА КАКО „ТЕСТ ПОЛИГОН“ ЗА НОВИОТ ДОГОВОР ЗА ЧЛЕНСТВО
  • ОВА НЕ Е ОГРАНИЧЕНА ВОЕНА ОПЕРАЦИЈА, ТУКУ ВОЈНА НА ДВЕ ДРЖАВИ КОН ТРЕТА

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2026 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet