По речиси 2 години изгледа дека до Јавниот сервис се уште не стигнал реформскиот бран, амбициозен барем на хартија. Дека работите во МРТ се уште не се промениле констатираа и „Репортери без граници“ во својот последен извештај за земјава. „Програмите на Јавниот сервис се уште и служат на интересите на некогашната владејачка партија“ – стои во извештајот.
ВЛАДИМИР МИРЧЕВСКИ
„Ќе предложиме законски решенија со кои МРТ од партиски билтен ќе ја трансформираме во професионален сервис на сите граѓани и во силен идентитетски столб на Република Македонија“. Ова во својата програма го напиша тогаш новата влада која во 2017-та ја презеде власта.
По речиси 2 години изгледа дека до Јавниот сервис се уште не стигнал реформскиот бран, амбициозен барем на хартија. Дека работите во МРТ се уште не се промениле констатираа и „Репортери без граници“ во својот последен извештај за земјава. „Програмите на Јавниот сервис се уште и служат на интересите на некогашната владејачка партија“ – стои во извештајот.
Комуниколог Сефер Тахири за „Гласот на Америка“ кажа дека според него ситуацијата е статус-кво:
„Процесот на реформирање на МРТ, за жал, се уште е статус-кво заради фактот што законот не се применува во однос на избор на новите раководни органи – Советот на МРТВ кој треба да ги избира директорите на куќата. Овој процес ќе причека до после изборите“.
Тахири ова го објаснува со фактот дека допрва треба да се изберат членовите на програмскиот совет – постапка што во моментот е во мирување поради претседателските избори. Но, процесот на реформа на јавниот сервис е многу повеќе од едноставно пополнување позиции:
„Најбитна е политичката волја – власта да покаже дека навистина е подготвена за трансформација на МРТ, а не само шминка. Ќе треба да се најдат кадри кои ќе треба да се вработат од надвор. Со актуелниот кадровски потенцијал на МРТ не можеме да очекуваме никакво придвижување“ вели Тахири.
Ако се оди според предвидената динамика се очекува од септември, повеќе од две години по промената на власта, да се видат првите резултати од најавената реформа на МРТ, при што примарниот елемент ќе биде создавање јавен, а не партиски сервис, како што беше во минатото.
Во пресрет на Светскиот ден на слобода на печатот Гласот на Америка разговараше со претставници на медиумите во Северна Македонија, кои се едногласни дека е потребна реформа на медиумската сцена во државата
Иако има подобрување во однос на слободата на медиумите во земјава, генерално состојбата останува лоша, велат од Здружението на новинари (ЗНМ). Од таму додаваат дека треба да се направи уште многу за да се промени сегашната состојба. Но, за тоа да се случи вели првиот човек на оваа организација, Младен Чадиковски, ќе биде потребно да бидат исполнети неколку предуслови.
„Едниот е ослободување на стегите кои што постоеја за бизнисот и политиката. Но, за тоа да се случи треба да се осигура независноста на медиумите од државни пари и од бизнис центрите на моќ кои сега ги контролираат на некој начин дел од медиумите. Ние сметаме дека волја постои во носителите на власт, но таа ќе треба да се конкретизира во соодветни законски решенија и во носење на соодветна стратегија“, вели претседателот на Здружението на новинари, Младен Чадиковски.
„Да кажеме дека оние драстични примери на вршења силни влијанија, уцени, закани и насилства, дека ситуацијата во таа сфера се подобрува. Но, далеку сме од ситуација да имаме професионално новинарство, професионално новинарско известување“, вели Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите.
Од ЗНМ додаваат дека нивна цел е да се реформира и медиумската сцена во земјава.
„Мора да систематизираме одредени вредности во новинарството кои порано постоеја. Да ги вратиме како такви на сцената, тие да бидат репер и во тоа да се тркаат новинарите. Не да се тркаат во пропаганда, во ширење на дезинформации и лажни вести“, вели Чадиковски.
Драган Секуловски директор во ЗНМ вели дека се додека медиумите продолжат да работат во тешки економски услови не може да се зборува за независност на тие медиуми.
„Имаме пријави за одредени притисоци кон одредени медиуми и новинари, во изминатиот период каде одредени високи претставници на коалиционата власт имаа непримерен говор и непримерен однос кон одредени новинари. Ние на тоа реагиравме и укажавме дека тоа не смее да биде пракса. Се надеваме дека ќе не послушаат и дека во иднина ќе имаат разбирање малку повеќе кон професијата новинарство“, вели Секуловски.
За разлика од пред некоја година кога Северна Македонија според Репортери без граници беше на 123-то место во однос на слободата на медиумите, земјава сега бележи благо покачување и се наоѓа на 109-то место. Но, се уште се наоѓа на претпоследното место во Европа.
(ВОА – опремата е на Глобус)