Ми недостасува црната боја на рацете и мирисот на печатница. Најстрашно е што идиотите ги избришаа и сите интернет архиви на весниците. Избришаа безброј кариери, успеси, животи. Постоиме само во НУБ „Св. Климент Охридски“…
Јас сум дел од телевизиската генерација. Растевме со телевизија, иако важно место во нашиот живот имаа и програмите на Радио Скопје. На нив ги слушавме феноменалните песни од „Скопскиот фестивал“ и го делкавме нашиот музички вкус. Не постоеше Јутјуб. Купувавме сингл плочи од последните југословенски шлагерџии од тоа време и чекавме да пристигнат изданијата на некои светски групи. Кои упорно доцнеа. Ние, кои немавме роднини или врски во Лондон… Долго време потоа, се појави „Диско селектор“ на Драган Б. Костиќ и икс други емисии на Втората програма на Радио Скопје (подоцна Македонско Радио), од калибарот на „Радио Спектар“, „Средби низ музика“ (со колегата Ѓоко Георгиев), „Три гонга“… (додуша, некои од нив се емитуваа на Радио Скопје 1, ако добро паметам?!). Ги чекавме нашите песни со подготвени касети за снимање и се молевме да не пуштат џингл среде песна.
Црно-белите телевизори набрзо добија боја. Уште го паметам првиот телевизор во боја „КЕРТИНГ“ и денот кога татко ми свечено го донесе дома. Одеднаш мојот свет доби боја. Партизаните добија зелени титовки и можев да гледам фудбал, без да се мачам да препознаам кои се дресовите на Партизан, а кои на Ѕвезда. Замислете, гледате фудбал, а сите играчки се облечени во некои сиви или полуцрни дресови и гаќици. Оди па познај кој е кој?! Ужас! А кога врнеше снег, топката беше портокалова, па и неа не ја разликувавме по теренот…
Така беше за време на црно-белата ера, која одбележа (за среќа!) мал дел од моето дество. Денес да речеш: На времето, имавме црно-бел телевизор, ќе се скршат младиве од смеење! Тоа беше нашиот екран, нашиот прозорец кон светот. Но, и еден друг ЕКРАН го одбележа моето дество и цела младост. Ревијата „ЕКРАН“, која за жал, одамна не постои.
Некаде во 1976 година ја имав првата средба со оваа ревија. Во тој период, во секој број на „Екран“ излегуваше по еден дел од постер на позната странска група, во продолженија. Паметам дека прво ги собирав постерите на групите „АББА“ и „БИ ЏИЗ“. Замислете каков шок беше тоа за 5-годишниот Оги, кога после сингл плочите со Тереза, Душко Локин, Оливер и Џо Марачиќ – Маки, се соочи со овие светски атракции?! Патем, тогаш уште не знаев да читам…
Нејсе, ги собрав сите делови од постерите и уште тогаш го оформив својот вкус кога се во прашањето девојките. Повеќе ми се допаѓаше русокосата Агнета Фелтског, иако и црвенокосата Ани-Фрид Лингстад не беше лоша… И денес се прашувам како можеа во 70-тите години да создаваат толку добри и моќни песни? И зошто денес никој нема сила, храброст и авторска моќ да создаде приближно слични музички ремек дела? Признавам, од машкиот дел на „АББА“, посимпатичен ми беше типот со брадата, Бени Андерсон, а русокоскиот Бјорн ми личеше на мајмун и малку му бев љубоморен, затоа што нон стоп беше залепен до убавата Агнета. Уште од тогаш сонував да станам автор и да создавам песни кои ќе ги пее во еден глас целата публика.
Што се однесува до групата „БИ ЏИЗ“, тројцата брадести браќа беа многу смешни и неуредни (но, насмеани и позитивни!) на прилепените постери од „Екран“. Какви и да беа, сепак остварија некоја моја прва средба со терминот постер на идол. Подоцна собирав разни постери од разни списанија („Браво“, „ИТД“, „Чао“, „Ју Рок Магазин, “„Наш свет“ итн) и ги лепев со селотејп на ѕидовите на мојата тинејџерска соба. Се разбира, имав постери и од спортисти. Неодамна прочитав некаде дека Принцот Чарлс го одликувал со титулата витез Бери Гиб, едниствениот жив член на групата „БИ ЏИЗ“. Притоа, сигурно му аплаудирале од небото неговите браќа Робин и Морис… Низ главата повторно ми поминаа рефрените од моите драги песни од 70-тите години на минатиот век: „How Deep is Your Love“, „Stay in Alive“ или „Tragedy“.
Кога научив да читам, секој четврток уште кога ќе се разденеше, помислував на мојот омилен „Екран“. Во тој период, секое утро мајка ми редовно пазареше и со душа ја чекав да го донесе „Екранот“. Дома буквално се грабавме кој прв ќе го отвори и разлиста. Чекавме ред. Дури после се вртев кон торбите со јадење. Толку ми беше важен „Екран“. Го читав во еден здив, од прва до последна страница. Сонував некогаш да пишува и за мене на тие волшебни страници.
После икс години, кога станав познат како текстописец, осамна и моето име во овој неделник. Бев пресреќен. По десет пати ги препрочитував деловите од текстот поврзани со мене, а мајка ми (кога ќе застареше „Екранот“!) внимателно со ножички ги сечеше тие делови и ми правеше мини архива. Уште ги чувам тие написи, од Макфест, од Интерфест, од Валандово. Фала Грета, фала ВХС! На некои ме има и на фотографии, на кои дури ни јас сега не можам да се препознаам. Голобрад, занесен, загледан во иднината, а толку чисто вљубен во музиката. Фала Грета Оџакова, фала Виолета Хаџи – Скерлева (ВХС) !
Можам да се пофалам и со тримесечно искуство како новинар на „Екран“, во 1993 година. Благодарение на Тимчо Апостолов. Големиот Тимотие, бардот на македонското новинарство. Правев интервју со Сузе Спасовска (и насловна страница, со нејзина шарена фризура, кога ја пееше „Џаро ми е драг“), а пишував (во продолженија – како постерите на АББА!) тематски написи за фолк музиката „Каде плови овој брод“. Немав ниту диктафон, ги запишував на рака изјавите на соговорниците и ги молев да зборуваат малку побавно или да ги повторуваат речениците! Хонорараот не ми беше битен… Иако, Тимчо уредно и професионално мислеше на мојот студенстки џепарлак.
Каде е сега Екран? Го изедоа амбициозните „Антена“, „Магазин плус“ и сличните подлистоци, кои на времето можеа да се купат за 5 денари, во пакет со дневниот весник. Но, чичко Дарвин и ним им пресуди. За жал. Веќе нема човек каде да прочита ништо за себе, за своето дело, за својот успех или за своите грешки. Знам, Интернетот ги нокаутира печатените медиуми, но мислам дека никаде во светот не е толку лошо на ова поле како кај нас… Ми недостасува „Екран“, но и „Дневник“ (заедно со „Антена“ и „Викенд“), „Утрински весник“ (со „Магазин плус“), „Вест“, „Македонија денес“, „Време“, „Шпиц“, „Теа Модерна“, „Свет“… Ми недостасува црната боја на рацете и мирисот на печатница. Најстрашно е што идиотите ги избришаа и сите интернет архиви на весниците. Избришаа безброј кариери, успеси, животи. Постоиме само во НУБ „Св. Климент Охридски“…
Сега ми текна, некаде во 1992 година, кога раскинав со една од моите девојки, по шест месеци надмудрување, взаемно малтретирање и повлечи-потегни врска, прво што направив си купив „Екран“ во трафиката преку улицата „Џон Кенеди“… Да, беше четврток. И ја заборавив гореспоменатата веќе на петтата страница од „Екран“. Веднаш до продавницата на „Славија“, во која работеше тетката која сите ја викаа „Злато, срце, душо“ и на која, хоби ѝ беше точно да не враќа кусур, односно да поткраднува по неколку денари… Добро де, сигурно од тоа не пропадна Југославија!
Вечна ти слава мој мил и никогаш непрежален „Екран“ (роден на 20.11.1970, а згаснат кога се накотија хохштаплерите).
(Текстот е производ на емоциите излеани по повод 48-годишнината од раѓањето на ревијата Екран, одбележна минатата недела.)