ИВОН ВЕЛИЧКОВСКИ
Со „Случајот Рамадани” владеењето на правото за целата Влада во пар месеци се сведе на удел во партизирањето на извршувањето на санкциите и на (право)судството.
Преку врската на ВЛЕН со Курти и сестринската соработка на ВМРО-ДПМНЕ со Вучиќ и Орбан, вклучително проектираното кредитно заложништво на земјата, позицијата на Скопје со оваа Влада во два месеци се сведе на подизведувач на „оската 3Б”: Будимпешта – Бањалука – Белград.
Или конкретно: Северна Македонија во два месеци е понудена како компензација при решавањето на односите меѓу Белград и Приштина – од својата влада.
Оваа дестабилизација на позицијата на земјата а-ла ВМРО-ДПМНЕ/ВЛЕН ја вброи РСМ во редот на „монети за поткусурување” за appeasement кон Вучиќ/Додик.
Таа улога во различни периоди им беше наменувана де на БиХ де на Црна Гора:
- обезличувајќи го претставништвото во ФБиХ, се додека не се сфати дека Додик и Вучиќ не ја напуштаат проекцијата на „српски свет” како балкански продолжеток на рускиот и
- подривајќи ја црногорската нација низ толеранција кон етнофилитизмот на СПЦ, се додека не се сфати дека таа останува балкански инструмент на РПЦ.
Во сржта на оваа операција не е помирување на народите преку евро-интеграциите, туку:
- напуштање на принципот „нема решавање на етнички прашања со промена на границите” за
- подривање на европската и американската безбедносна архитектура во регионот.
Со сите опасности по нацијата на Северна Македонија и македонскиот народ по сите набројани нивоа.
Во такви услови беше прашање на време кога Меџити, Таравари, Касами и Гаши ќе ги напуштат позициите од 2022 за поддршка за Дополнителниот протокол, дополнување на Преамбулата за граѓанска еднаквост низ етничка рамноправност и за напредок на Северна Македонија во ЕУ интеграциите.
Има ли подобар начин да се саботира преговарачката рамка со ЕУ што се води од интересите на македонскиот народ и нацијата, одошто ВМРО-ДПМНЕ низ „репреговарање” да го одложи процесот и да овозможи низ него Северна Македонија да добие нови услови и од Софија и од Атина и од… Брисел?
Затоа улогата на VLEN во 2024 е да биде ништо повеќе од албанофонско покритие на југо-македонистичкото национално единство кое чека дали да се определи за европскиот пат само доколку тоа му го дозволи Србија. Или попрецизно Вучиќ.
Со непретставеноста на Македонците низ обидот членството на ВМРО-ДПМНЕ да биде замена за македонска етничка припадност и со непретставеноста на Албанците низ учество во владата на „подобни Албанци” – создадени се условите за оваа нова политичка динамика што ни се одвива пред очи.
Срочено на кусо: Се моли ВЛЕН да не прави вмровски работи.
(frontline.mk)