БЕСА АРИФИ
Проблемот настанува кога не се преговара за закон, туку се преговара за тоа дали ќе има правда или не. Е ова е нешто за што не може да се преговара. Не може да преговарате, па да попуштите некаде, па да направите компромиси за тоа дали ќе има кривична одговорност или нема да има
Навистина е апсурдно, колку лесно на ВМРО-ДПМНЕ и се дава толкав простор и толкава можност слободно да преговара за избор на нов шеф на Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција (ЈООКК). Во суштина, ова е точката во која заглавиле преговорите кои пропаднаа минатата недела, после долгите средби на партиските лидери кои, како и во старите, за некои добри времиња траеја до раните утрински часови.
Прво и основно, нормално е дека за секој нов закон кој се поврзува со правосудсвото, како што се на пример Законот за судовите, Законот за јавно обвинителството или пак законите за кривична или граѓанска постапка, потребен е општ консензус. Не случајно овие закони се носат со квалификувано двотретинско мнозинство, бидејќи тие претставуваат национални прашања, важни за владеењето на правото, важни за секој граѓанин. Секогаш кога се носат такви закони, нормално е да има преговори и дискусии меѓу парламентарните групи кои истите треба да ги гласаат.
Проблемот настанува кога не се преговара за закон, туку се преговара за тоа дали ќе има правда или не. Е ова е нешто за што не може да се преговара. Не може да преговарате, па да попуштите некаде, па да направите компромиси за тоа дали ќе има кривична одговорност или нема да има.
Во секоја нормална држава кривичната одговорност се регулира со закон и се спроведува преку правосудните органи. Во духот на секој кривичен закон е тие што направиле злодела да одговараат за нив пред суд и доколку има докази, тие да бидат казнети. Моментот кога на политичките партии им се дозволува да одлучат, дали во една држава ќе има правда и кривична одговорност или нема да има е токму моментот кога правдата лета низ прозорецот за никогаш повеќе да не се врати.
Како стојат моментално работите со новиот Закон за јавно обвинителство (ЗЈО) кој е во собраниска процедура?
Отсекогаш главниот проблем со овој закон беше решавањето на статусот на СЈО. Владата бараше СЈО да прерасне во одделение на редовното јавно обвинителство кое ќе гони висока корупција. Од друга страна, претставниците на СЈО бараа тие да продолжат да бидат автономна но редовна институција која и понатаму ќе гони ваков вид на криминал. Од трета страна, ВМРО-ДПМНЕ не беше заинтересирано воопшто СЈО да продолжи со работа, особено не со новите предмети и истраги кои ги отвори. Ова беше првиот момент кога преговорите беа блокирани и долго време немаше никаков напредок. Се до моментот кога се објави случајот „Рекет“ и снимките кои постоеле многу порано од започнувањето на преговорите за овој закон. Специјалната јавна обвинителка заврши во притвор од каде на регуларен начин и според редовните процедури испрати писмо со одобрение предметите на СЈО да преминат во редовните јавни обвинителства. Во меѓувреме, заврши и првиот мандат на специјалните јавни обвинители кои се вратија во нивните работни места од каде тие беа пренесени во СЈО, и сега, како што веќе се случува, на нив им се пренесуваат случаите на кои веќе тие работеа и како дел од СЈО. Со ова, добар дел од дебатата за Законот за ЈО станува беспредметна, бидејќи формалниот статус на СЈО веќе не е суштинскиот проблем кој треба да се реши.
Сега проблемот се состои во тоа како ќе продолжат предметите кои сега се префрлуваат во редовните јавни обвинителства. И токму сега, ВМРО-ДПМНЕ бара тие да предложат нов шеф на ЈООКК од кое обвинителство ќе се гонат повеќето предмети на СЈО.
Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека мандатот на сегашниот шеф на ЈООКК, Вилма Русковска треба веднаш да заврши и дека место неа треба да се избере нов шеф на тоа обвинителство според нивен предлог. Тие одат до таму што предлагаат и посебна методологија како тоа треба да се направи: ВМРО-ДПМНЕ ќе предложела обвинител за таа позиција од тие кои ќе се јавеле на јавен оглас, а кој би треба да биде избран од Советот на јавни обвинители. Ако Советот не го избере нивниот предлог, тие би имале право да излезат со нов предлог. Ако и таквиот предлог не помине, третиот предлог би дошол како заеднички предлог на опозицијата и власта. Ако и тој предлог не помине, ВМРО-ДПМНЕ би имало право да предложи тројца обвинители за таа позиција од кои Советот ќе избере еден. Навистина треба да им честитаме на ВМРО-ДПМНЕ за ова ептен креативно решение со кое на најдобар начин редовното работење на ЈООКК би се оневозможило за цели децении!
Туку, да се вратиме во реалноста, подалеку од соништата што ВМРО-ДПМНЕ на јаве ги сонува.
Во оваа земја има закони кои одредуваат како се бира шеф на јавно обвинителство. Според тие закони, Советот на ЈО го бира шефот на ЈООКК, а не политичките партии. Токму тој Совет ја избрал Русковска да го води ЈООКК и таа има мандат тоа да го направи. Во кој филм ВМРО-ДПМНЕ видело дека политичките партии треба директно да влијаат во законските процеси на избор на редовни јавни обвинители и шефови на редовни јавни обвинителства кога според Уставот имаме поделба на власта, а и според сите релевантни извештаи треба да направиме департизација на државните институции?
Тие викаат граѓаните немале доверба во Советот на јавни обвинители. А во што би имале доверба граѓаните? Во обвинител избран од ВМРО-ДПМНЕ, од СДСМ или од ДУИ? Ова е врв на апсурдни ситуации кои навистина не разбирам како се дозволува да бидат предмет на било какви преговори. Зарем нема никој за да им каже дека тоа што тие го предлагаат, не е само противзаконско, туку е и противуставно, бидејќи начинот на функционирањето на јавните обвинителства е уставна категорија и не некаква карикатура содржана во некој партиски статут?
Втората многу значајна работа што мора да се има предвид е следната: ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која не расчистила со своето криминално минато. Сите претставници на оваа партија, без исклучок, сите предмети покренати против нивни членови, симпатизери или поддржувачи, било тие предмети да биле покренати од СЈО било од ЈООКК (како на пример предметот 27 април), тие предмети ги нарекоа „политички прогон“, а нивниот лидер дури ги спореди со Нирнбершките процеси (тие процеси кои се воделе против нацистите после Втората светска војна!?). Ниту еден претставник од ова политичка партија јавно не се оградила од ниту еден нивен член инволвиран во предмет отворен или од СЈО или од ЈООКК. Почесен претседател на оваа партија е се уште лицето осудено на ефективна казна затвор со правосилна пресуда а кое е во бегство.
Значи уште еднаш да повторам, нивен почесен претседател е лице кое избегал од издржување на затворска казна! Дотолку повеќе, член на преговарачката група на оваа партија за Законот за ЈО е Антонио Милошоски, токму тој кој ја претстави методологијата за избор на шеф на ЈООК, е лице кое е осомничен во истражна постапка претходно водена од СЈО а сега веројатно пренесена во ЈООКК, значи лице со статус на осомничен во кривична постапка.
Во секоја кривична постапка има осомничени кои може да станат и обвиниети, или кон нив да се прекине натамошната постапка. Меѓутоа, не постои кривична постапка во која осомничено лице ќе избере или ќе предложи избор на јавен обвинител или на шеф на јавно обвинителство. Осомничено лице може да избира адвокат кој ќе го претставува пред кривичен суд. Осомничено лице може да преговара за признавање на својата вина и да договара поблага казна врз тој основ. Меѓутоа, осомничено лице не може да предлага избор на јавен обвинител ниту пак шеф на јавно обвинителство што него го гони, тоа го нема никаде во свет.
Додека трае оваа ситуација на непристојни предлози и на обид за изнаоѓање на компромиси со лица осомничени за криминал јасно е дека ефективно и правично решение за доенсување на Законот за ЈО нема да има. А решението е сепак тука, за тие што сакаат решение, само треба да се спроведе.
Решението на овој проблем не се однесува на менување на законот. Решението е судско.
Оставете ги јавните обвинители да ја извршат својата работа – да гонат криминал. Оставете ги судовите да одлучуваат во врска со реалните и евентуалните обвиненија. Не ги одолговлекувајте судските постапки, немојте да се борите по секоја цена предметите да застаруваат. Нека се воведе еднаш засекогаш праведна кривична одговорност за сите, без разлика на нивната партиска или етничка припадност. Нека одат во затвор тие чијашто вина ќе се докаже. После тоа преговарајте колку сакате, со кого сакате, како сакате, за којбило закон, правилник или статут. Преговарајте до бесвест да донесете подобри или полоши законски решенија.
Меѓутоа разберете веќе, за правда и за кривична одговорност не се преговара. Правда или има, или нема.