ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Времето на „владеење“ на Марко Зврлевски ќе остане запаметено како време кое обвинителството го помина во молк, но изгледа дека молчењето стана поведение за многумина
Изминативе десетина дена, низ дел од медиумите, во негативен контекст, се споменува име на една обвинителка. Тоа што името на обвинителката се провлекува во медимуите и што има најава за кривична пријава против неа, не мора да значи дека жената се огрешила од законот, но од друга страна може да биде и добро, бидејќи тоа може да значи дека веќе нема недопирливи.
Времето на владење на Марко Зврлевски, поранешниот скопски и републички јавен обвинител, ќе остане запаметено како време што обвинителството го помина во молк и во подаништво на тогашната власт. Тоа време ќе остане запаметено како време во кое на државниот криминал и корупција им се „гледаше низ прсти“, а Зврлевски ќе остане запаметен како обвинител кој за случајот „Македонска банка“ ќе каже дека е застарен, а дека „Актор“, баш и не е некој случај?!
Само малку подоцна, „заразата“, изразена во форма на молк, се пренесе и на Специјалното јавно обвинителство, кое, пак, беше формирано токму како потреба од гласност и отчетност во работењето. Имено, само кратко време по првичното групно фотографирање на Катица Јанева и нејзините 12 помошници, од тимот испаднаа обвинителките Лејла Кадриу и Марија Ѓоргева. Зошто овие две беа набркани од СЈО никогаш јавно не беше соопштено. Навиката да се молчи продолжи. Ниту Јанева кажа зошто бара нивно исклучување од СЈО, ниту Советот на јавни обвинители кажа зошто водел постапка која тоа всушност и не е!
Против навиката да се молчи најгласна во тој момент беше токму обвинителката Кадриу, која побара Катица Јанева да каже зошто бара нивно исклучување од СЈО. Но тоа не се случи.
Молчењето уште еднаш се претвори во злато, а Ѓоргева, од истиот тој Совет на јавни обвинители, побара и доби унапредување. На гласањето за нејзино напредување во кариерата, (само за да има кворум), се појави и тогашниот птретседател на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјов. Тој, кога беше избран за претседател на ова тело, најави невидена транспаретност, а во реланост ја затвори до крај и онака подзтврената врата на Советот. Имено, тетинот на Марија Ѓоргова, или, како што уште го нарекуваат, „претседателот на сите банки во земјава“, негира дека дека внуката на неговата жена и сопругата на негов внук од братучед му е роднина?!
Впрочем, на Коле Штерјов и на Советот на јавни обвинители и на целокупното обвинителство им појде од рака да ја одмолчат и неговата сообраќајна несреќа кога самиот го управувал службено возило.
Никогаш не се кажа зошто јавен обвинител не излегол на местото каде што се случила сообраќајката ( а морало да излезе!), дали тој имал службен патен налог и за каде му важел, зошто Штерјов, а не службен возач, го управувал возилото, дали бил сам или со него, наводно, имало уште едно лице?
Нема ништо од одговорите на овие прашања! Најубаво е кога се молчи!
Веројатно никогаш нема да слушнеме од обвинителствтото дали обвинителот Бодан Лазаревски го истражувал случајот со плацот каде денеска се простира „Сити мол“, со кој во кулоарите се поврзуваше името на еден поранешен претседател? Јавноста би сакала да знае и нешто повеќе за случајот „Поткуп“. И тука обвинителот ни остана должен многу информации поврзани со овој предмет, а пред се: како се случи од предметот да исчезне снимка обезбедена со примена на таканаречни посебни истражни мерки? Од него се очекува да каже дали е вистина водел уште десетина други предистраги само за да најде нешто за што ќе може да го обвини тогашниот струмички градоначалник?
Убаво би било да се слушне и обвинителот Ацо Колевски да објасни зошто наместо да го гони, пред Врховниот суд, застана во одбрана и се зазема за сега осудениот Сеад Кочан?!
Не е на одмет да се побара мислење и од Љупчо Шврговски, инаку поранешен државен јавен обвинител. Несомнено дека би било интересно да се слушне нешто за продажбата на депонијата „Дрисла“, дотолку повеќе што во јавноста на големо се прикажува дека токму тој, наводно, е адвокат на италијанската компанија којашто години наназад стопанисуваше со „Дрисла“?! Би било убаво, но се уште е молк!
Секако дека е убаво да се знае зошто јавна обвинителка цели седум години не изготвила било каква одлука по пријава за злоупотреби со лабораториите на Министерствтото за внатрешни работи!
Ако мене некој ме праша како јас ја замислувам правдата и како го доживувам обвинителството ќе кажамведнаш: сакам Јавно обвинителство што ќе го повика поранешниот претседател на државата да појасни некои негови постапки.
Сакам обвинителствто кое нема да има пардон за претседателот на Собранието, за премиерот и министрите! Сакам обвинителство што ќе ме заштитува и нема да учествува во криминал!
Можеби некој ќе каже дека имам преголеми очекувања и дека барањата ми се нескромни, но изминатата деценија имавме се само не и обвинителство!
Крајно време е за обвинителство и обвинители!