РАДОВАН М. СПИРИДОНОВ
Со киднапирањето и насилното изнесување на Николас Мадуро од сопствената држава, САД не извршија чин на правда, туку чин на државно насилство
Да, режимот на Мадуро е злосторнички, авторитарен и погубен за венецуелскиот народ! Но она што го направија САД не е уривање на злото, туку удар врз темелите на меѓународното право.
Ова мора да се каже јасно и без двоумење. Без оглед што некој мисли за Мадуро, за неговиот режим, за корупцијата, репресијата или економската катастрофа во Венецуела, начинот на кој тој е приведен е удар врз самиот концепт на меѓународно право. Ако апсењето на еден актуелен шеф на држава со воена операција на негова сопствена територија се прогласува за „правда“, тогаш правото веќе не постои како ограничување на силата, туку само како нејзин пи-ар.
Проблемот не е Мадуро како личност. Проблемот е принципот. Ако правдата може да дојде со хеликоптер и командоси, тогаш таа престанува да биде право и станува геополитичка одлука.
Правото меѓу државите не е изборен предмет
Меѓународното право постои затоа што светот не е џунгла. Основното правило е едноставно и без исклучоци: ниедна држава нема право со сила да дејствува на територија на друга држава без нејзина согласност или без изречно овластување од Советот за безбедност на ОН.
Ова правило е внесено во член 2(4) од Повелбата на ОН токму за да се спречи светот повторно да се претвори во арена каде големите држави ловат мали режими кога ќе проценат дека им одговара. Со киднапирањето на актуелен претседател од сопствената земја, без одлука од меѓународен орган и без согласност од домашните власти, САД не го примениле правото – го погазиле. Ова не е прашање на толкување, туку очигледно прекршување.
Суверенитетот значи дека државата има врховна власт над својата земја и над своите луѓе. Насилен упад и однесување на шеф на држава е директен удар врз тој поим. Ако ова се прифати како дозволено, државата престанува да биде правна целина и се сведува на дозвола од посилниот.
Ниту кривичниот закон, ниту обвинителството на САД им даваат право на нивните вооружени сили да влезат во странска држава и да го заробат нејзиниот водач. Употребата на сила против територијалниот интегритет на друга држава е дозволена само во самоодбрана или со изречно овластување од Советот за безбедност.
Во овој случај нема ниту едното, ниту другото. Затоа не станува збор за примена на право, туку за негово суспендирање.
Ако ова е дозволено, тогаш ништо не е забрането
Актуелен шеф на држава не може да биде приведен од туѓ суд, без оглед дали некој го признава или не. Таа заштита не постои заради личноста што ја носи функцијата, туку заради стабилноста и предвидливоста на односите меѓу државите. Без тој принцип, секој политички конфликт би можел да заврши со кривично гонење, а секоја дипломатска криза со апсење. Имунитетот на шефовите на држави не е награда за добро однесување, туку правна брана против претворање на меѓународната политика во кривична потерница.
Непризнавањето на нечија власт има дејство само во рамките на сопствениот правен поредок на државата што не признава. Тоа е политичка позиција, а не правна лиценца за дејствување на туѓа територија. Фактот дека една влада смета дека некој лидер е нелегитимен не ѝ дава право да го киднапира, да влегува со сила во неговата земја или да го гази нејзиниот суверенитет. Во меѓународното право, принудното апсење на
висок функционер секогаш бара или согласност од државата домаќин или постапка преку признат меѓународен суд. Сè друго е еднострано насилство.
Судот може да биде правичен само ако до него се стигне по законит пат. Кога обвинетиот е донесен со воена операција, со специјални единици, без одлука од меѓународен орган и без согласност од сопствената држава, судењето не е кулминација на правдата, туку последен чин на една силова постапка. Во такви услови, судот не ја исправува неправдата, туку ја легализира.
Надлежноста не се создава со оружје. Таа произлегува од договори, од меѓународни институции и од признаени правила. Судот не смее да биде завршна станица на воена операција, бидејќи во тој момент тој престанува да биде независен арбитер и станува дел од геополитички механизам.
Ако една сила може да влезе во туѓа држава, да го однесе нејзиниот водач и да го изведе пред свој суд, тогаш истото може да го стори секој што има доволно воена и политичка моќ. Денес е Мадуро, утре може да биде кој било лидер прогласен за „непријател“, „непосакуван“ или „опасен“. Границата меѓу право и произвол исчезнува во моментот кога апсењето станува прашање на сила, а не на постапка.
Со вакви постапки не се руши само еден режим. Се урива и последниот аргумент дека светот се води од правила, а не од моќ. Кога тој аргумент ќе падне, меѓународниот поредок престанува да биде правен систем и се претвора во арена каде победува оној што има поголеми хеликоптери и подолги списоци на непријатели.
Преседан што ги погодува малите
Мадуро за многумина е олицетворение на злото. Но држава што го гази суверенитетот и ја заменува правдата со сила не го отстранува злото – таа го умножува.
Македонија не е сила. Ние немаме армии што можат да проектираат моќ надвор од нашите граници, ниту економска тежина што може да диктира правила. Нашата безбедност, како и безбедноста на целиот Балкан, никогаш не произлегувала од мускули, туку од постоењето на поредок во кој и големите мораат да се однесуваат според правила. Ова не е далечна приказна од Латинска Америка. Ова е предупредување за секоја мала држава што мисли дека нејзината безбедност е загарантирана засекогаш.
Кога правото ќе падне, нема да паднат само диктаторите. Ќе паднат сите што немаат моќ да се одбранат.
(авторот е дипломиран политиколог, пренец на Филозофски со оценка 10.0 – текстот е објавен на respublica.edu.mk)




