Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КОГА СЕ РАЃАЛО ЖЕНСКО НЕ ПЛАЧЕЛЕ СТРЕИТЕ, ТУКУ ТАТКОВЦИТЕ КУПУВАЛЕ КЛАВИРИ

May 23, 2023 Filed Under: Ревија

Битола била град на клавирите, но бројката од 300 останува мит. Интересно е што имале таква практика да купат клавир за своите ќерки, некои по нивното раѓање, а други за роденден. Ова е периодот од втората половина на 19 век и почеток на 20 век кога Битола станува центар и економски се издигнува

ПОСТАВКА Ова е дел од поставката на клавири кои ги собрале етнолозите во Битола

ЖАНЕТА ЗДРАВКОВСКА

Битолчанецот Матеја Зволу во 1911 година нарачал пијано од Штутгарт, Германија, по повод раѓањето на неговата ќерка Афродита. Дека ова не бил единствен случај, потврда е и клавирот марка „ербар“ произведен во Виена, кој го купил Данаил Бобол во 1931 година за роденден на својата ќерка. И семејството Спростран за женското чедо порачало клавир од Виена, кој пристигнал со воз.

За разлика од народните приказни каде што се кажува дека кога ќе се роди женско, и стреите плачат, во старите битолски имашливи семејства имало друга практика – за чупето да се нарача музички инструмент од европските метрополи. Тоа не само што го покажувало чувството кон класиката што пред повеќе од еден век се негувало во градот на конзулите, туку и желбата на родителите нивните деца да бидат музички образовани.

– Интересно е што имале таква практика да купат клавир за своите ќерки, некои по нивното раѓање, а други за роденден. Ова е периодот од втората половина на 19 век и почеток на 20 век кога Битола станува центар и економски се издигнува. Овие навики покажуваат колку Битола била развиена и нејзините жители сакале сѐ што е европско да го имаат тука. Но, секако, тоа можеле да си го дозволат побогатите семејства, кои претежно се занимавале со трговија – вели етнологот Наде Геневска-Брачиќ, кустос советник во Заводот и музеј – Битола, која во 2007 година беше вклучена во истражувањето на фондот на клавири со кои располага Битола.

Дел од овие инструменти во оригинал, донирани или откупени, ги има пет и уште десетина други на постери, денес ја красат Собата на клавирите во Националната установа Завод и музеј во Битола.

– Клавирите се вид статусен симбол за граѓаните или за битолската градска елита. Тоа го потврдува и присуство на чувство за музика, за уметност, за нови текови и збиднувања зашто ние имаме и други инструменти и метални плочи од Бах и Бетовен, што укажуваат дека луѓето во градот имале љубов кон музиката и имале соодветно музичко образование. Од тој аспект, клавирите даваат една поинаква слика на градот – вели Мери Стојанова, директорка на Завод и музеј – Битола, етнолог и кустос-советник во установата.

ПОРАЧКИ Клавирите се нарачува далеку од Битола а пристигнувале кога е воспоставен сообрачајот со воз

Поставката е трајна и ја открива приказната зошто Битола некогаш била наречена град на клавирите. Некои хроничари романтичарски тврдеа дека ги имало 300, но етнолозите регистрираа помалку, сепак, вредни примероци кои зборуваат за музичката традиција на градот во кој денес има и музички училишта. Во истражувањето биле евидентирани под сто клавири во сопственост на битолски семејства. Но, бројката е значајна зашто не ги опфаќа инструментите набавени во последните 50 години, а сигурно би била поголема доколку се преброеја порано.

– Многу семејства со болка ни кажаа дека клавирите им ги одзеле за време на национализацијата. Но, тоа биле турбулентни времиња, војни, востанија, па имало и фамилии кои си заминувале, ги оставале инструментите, а потоа не можеле да си ги земат. Има и еврејски семејства кои оставиле клавир на чување, па не се вратиле назад – додава Геневска-Брачиќ.

Дел од збирката е и клавирот „пол сенф“ од 1870 година, произведен во Берлин, кој беше сопственост на Радио Битола, а на него композиторот Кирил Македонски ги создаде првите опери во Македонија – „Гоце“ и „Цар Самуил“. Потоа, концертниот клавир од 1854, изработен во Минхен, чиј сопственик бил Емерих фон Бетси од Виена, донесен во Битола во 1970 година, а го донира новинарот и библиотекар Драган Ристевски. Потоа концертно пијано „фердинанд карл“, произведено во 19 век во Виена, сопственост на семејството Лозанче, како и клавири од француските мисионерки, па од цркви и од образовани институции.

Собата на клавирите својот зародиш го имаше во 2007 година кога на Денот на музеите беше поставена изложба на постери, идеја на тогашниот директор на Заводот, Зоран Николовски, а во тимот беа вклучени етнологот Геневска-Брачиќ, графичкиот уметник и сликар Владо Ѓоревски и фотографите Елена и Ицко Бојациеви. Потоа, со донираните клавири прерасна во трајна поставка која може да се посети секој ден од 8 до 18 часот. Директорката Стојанова најави и нејзино реновирање.

– Во рамките на новиот проект што го започнавме во септември лани, преку ИПА-повикот за прекугранична соработка со Албанија – Smart for you 2, главните инфраструктурни зафати во Музејот ќе бидат конзервација на Пациото и реновирање на дел од музејските поставки. Со оглед на тоа дека одамна беше отворена Собата на клавирите, а не е докрај музеолошки обработена, тој дел заедно со другите каде што се изложени иконите ќе биде комплетно реновиран, ќе добие поинаков музејски лик – рече Стојанова.

Собата на клавирите е веднаш до големата постојана музејска поставка со над 2.200 изложени предмети кои го следат историскиот развој на Битола и регионот. Ова е еден од најпосетените музеи во државата, а најчести гости се Турците поради Спомен-собата на Ќемал Ататурк.

ИНТЕРЕС Посетителите ќе видат околу 2.00 предмети ако ја посетат поставката

(fakulteti.mk)

Filed Under: Ревија

СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ
БЛАГОЈ МИЦЕВСКИ (2): ИДЕНТИТЕТИ – БУДЕЊЕ И УМЕТНИЧКАТА СОРАБОТКА СО РИСИМА РИСИМКИН
СТУДЕНТИТЕ И ГО ОДЗЕДОА ВИДОВДЕН НА ВЛАСТА

Најново

  • СДСМ НА МЕЃУНАРОДНА СЦЕНА ГИ БРАНИ НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ А ВЛАДАТА?
  • ОРДАНОСКИ: ВОЈНАТА ВО УКРАИНА ГОДИНАВА НЕМА ДА ЗАВРШИ, РУСИЈА НЕ Е ПРОБЛЕМ ЗА НАТО
  • ИСТОРИСКИ МОМЕНТ ЗА ДЕМОКРАТИТЕ ВО ЊУЈОРК: КОЈ Е ЗОХРАН МАМДАНИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet