Тоа ќе му овозможи на претседателот да потроши пари за изградба на ѕид со Мексико без конгресно одобрување
Белата куќа понеделников организираше тркалезна маса на која локални лидери дискутираа за граничната безбедност. Истовремено, претседателот на САД Доналд Трамп ја продолжува кампањата да го убедува Конгресот и американскиот народ за потребата од ѕид на границата со Мексико. Трамп, тоа е познато, вели дека е потребно да се стопира нелегалната имиграција, како и дрогата и криминалот што, вели тој, доаѓаат со неа.
Трамо неодамна го посети пограничниот град Мекален, во Тексас, каде изјави дека е можно да прогласи вонредна состојба. „Или ќе победиме и ќе направиме компромис, бидејќи компромисот е победа за сите, или ќе прогласиме вонредна состојба“, рече Трамп.
Прогласување вонредна состојба ќе му овозможи на Трамп да потроши пари без конгресно одобрување.
Тоа, пак, веројатно ќе предизвика демократите да го однесат случајот на суд, тврдејќи дека нема вонредна ситуација на границата, и оти претседателот ги надминува неговите уставни овластувања.
Неодамна Сенатот изгласа закон, со кој се гарантира дека федералните работници ќе бидат платени, откако Владата ќе биде отворена.
Впрочем, ова е четврта недела од владиното затворање, кое ќе постави рекорд на најдолго затворање во историјата на САД. А засега нема знаци за постигнување брз договор.
Што предвидува Законот за вонредни ситуации?
Тој беше донесен поради потребата да се утврдат долготрајни вонредни состојби во сојузните држави, како и да се формализира моќта на Конгресот. Законот беше донесен во 1976-та година за да обезбеди проверка и баланс на моќта на претседателот. Двата дома на Конгресот мора да гласаат за утврдување дали вонредната состојба треба да биде прекината.
Едни од прашањата е дали Трамп може да ја користи моќта за прогласување вонредна ситуација за изградба на ѕид? Одговорот е – да. Како претседател тој има право да прогласи вонредна состојба. Но, тој нема пошироки права, кои обично се однесуваат на декларацијата за итност.
Па тогаш дали навистина е ситуацијата – итна?
Трамп го прогласи доаѓањето на мигранти на јужната граница како хуманитарна и итна ситуација. „Имаме криминалци кои доаѓаат“, рече тој. Администрацијата, исто така, зборува за терористи кои поминуваат од Мексико во САД. Но, критичарите реагираат оти нема докази дека мигрантите кои поминуваат се поврзани со тврдењата на администрацијата.
Од каде ќе се обезбедат парите?
Финансирањето на ѕидот може да се покаже компликувано. Еден начин да се обезбедат парите е да се искористи Законот за воена вонредна состојба, што му дозволува на секретарот за одбрана да дозволи проекти, без одобрување од Конгресот. Потенцијален извор може да бидат и проектите одобрени со Законот за намалување на штетите во Порторико, Тексас, Калифорнија и во Флорида, јавуваат медиумите.
Што може да направи Конгресот?
Конгресот може да ја отповика декларацијата со одобрување од двата дома, но, тоа може да биде тешко со републиканското мнозинство во Сенатот. Декларацијата, исто така, може да доведе до судски предизвици.
Дали ова било случај претходно?
Да. САД имале бројни вонредни состојби од 1979-та година. Претседателот Џими Картер прогласи вонредна состојба по нападот на американската амбасада во Техеран. Претседателот Бил Клинтон прогласи вонредна состојба во 1996-та година, откако кубанската армија собори два цивилни авиона на кубанското крајбрежје, а ваква декларација донесе и претседателот Џорџ Буш помладиот по терористичкиот напад на 11-ти септември 2001-та година. Сега остануваат во сила 28 вонредни ситуации, од кои повеќето му даваат моќ на претседателот да воведе економски санкции за надворешна политика.