ГРИГОР СТОИМЕНОВ
Користење на исти или слични дневни политики и фрази и она дека сме ние „слободарски народ“, „кој нема да витка кичма“ сме го сретнале многу пати во соседството, ама кај нас не бива, сето тоа добива една дискутабилна „гримаса“
Се сеќавам пред некоја година на државната РТС во Р.Србија се емитуваше некој краток прилог кој одеше во живо, директен пренос пред големиот митинг на СНС (Српска напредна странка) во Белград. Прилогот одеше со вклучување во живо од еден од автобусите што ги носеа симпатизерите на СНС. Се погоди автобусот да биде од Врање и се слушаше силно скандирање и поддршка кон претседателот Александар Вучиќ со зборовите „Ацо Србине Врање је уз тебе“. Не, овој текст не е воопшто за Александар Вучиќ и СНС, тие владеат долго време, имаат силна поддршка кај народот и тоа е тоа, во другите работи нема да навлегуваме.
Овој текст е една моја „фасцинација“ од тоа колку многу политичари на Балканот сакаат да бидат Ацо, односно колку многу „Ациња“ се појавија и овде кај нас во Македонија.
Секоја држава е различна сама по себе и се што успева и важи за една страна не мора да важи и да биде успешно за другата страна, тоа е просто „законитост“ во политиката. Загрижувачки е тоа кога се обидувате да превземете некој модел на владеење а да не бидете во доволна мера свесни за можностите и последиците кои може да ги предизвикате со таквата политика. Користење на исти или слични дневни политики и фрази и она дека сме ние „слободарски народ“, „кој нема да витка кичма“ сме го сретнале многу пати во соседството, ама кај нас не бива, сето тоа добива една дискутабилна „гримаса“.
Во американската политика постои еден термин кој онака во превод (колоквијално) го нарекуваат „магарешка политика“. Тоа е политика на инаетење, но инаетење без реално вистинска сила и аргументи. Можеме ние од позиција на власт да се јуначиме пред меѓународната заедница, да покажуваме сила на секого, но таа сила има ефект само кај нашите поддржувачи и симпатизери, само во нашето маало како што би рекле, на друго место никаде. Особено нема ефект во меѓународните односи. Таму владеат секогаш други правила. Единствен аксиом, единствена константа во меѓународната политика која не се променила илјадници години е дисциплината на „виткање кичма“. Овие правила на виткање кичма се учат на сите универзитетски катедри по меѓународна политика ширум светот, секаде се почнува со почетните лекции по меѓународна политика од „Тукидид и Мелијанскиот дијалог“ па се до денешен ден. Само ќе ве потсетам дека и Сталин и СССР кога ги добија разузнавачките информации од своите служби за силата на Хитлеровата армада, не знаеја на каде да се свртат, веднаш ја свиткаа кичмата и потпишаа договор со Хитлер за ненапаѓање. Има безброј вакви случаи каде што многу големи светски сили ја свиктале кичмата и уште ја виткаат, не затоа што така сакаат, туку затоа што така функционира меѓународната политика. Оние што тврдат дека нема да ја виткаат кичмата очигледно не ја разбираат воопшто меѓународната политика или пак ве мафтаат, трето нема. За тоа сведочат многу настани кои ни се случија изминатиот период. За жал уште долго ќе ја виткаме кичмата додека не ја исправиме државата, секако и после тоа.
Ајде да тргнеме по ред.
Ситуацијата во нашата земја по однос на нашите евроинтеграции многу се компликува, особено по одвојувањето на Р.Албанија од нас. Прогласување на де факто мораториум по ова клучно прашање за развој и опстанок на нашата земја нема никој право да го прави. Па ние веќе 30 години потрошивме на разни реформи и стратегии во насока на ЕУ интеграциите, направивме многу болни отстапки и сега да ми каже некој дека вметнувањето на едно малцинство во устав е непремостливо прашање за нас, тука нешто не ми е јасно. Се согласувам со се што велат претставниците на владата дека од Брисел премногу бараат од нас, дека за ниту една земја вакви барања немало, ама тоа е сега реалноста, тоа стои пред нас и мора да го решаваме. Но овде мора по кој знае кој пат некои работи повторно да ги објаснуваме пред нашиот народ.
Имено, секогаш сум одбивал да прифатам мојата нација да биде „куку леле“ нација, односно гневна и фрустрирана нација на која секогаш некој нешто и прави и секогаш некој друг за нешто ни е крив. Не почитувани, еден паметен човек и голем гуру во политиката и бизнисот вели дека станал вистински човек оној ден кога сватил дека се од него зависи. Мора и ние да разбереме дека се од нас зависи. Оваа генерација на политичари ако сака успех на оваа држава мора да живее и работи по оваа максима, друго нема. Во Брисел многу не ги интересира колку сме ние фрустрирани. Таму едноставно и нема да не разберат до крај. Ни велат имате одлука и заклучоци за почеток на преговорите со ЕУ, спроведете ги, од Вас зависи. Ние пак сме одлучиле писма да пишуваме, ама до кого? Прво сакавме да репреговараме за условите за преговори ама видовме дека тоа не иде, потоа се обидовме да вметнеме клаузула за одложено дејство и тоа не проаѓа, па сега ќе пишуваме писма ама полека разбираме дека и тоа не бива па изгледа ќе се откажеме и од ова, на крајот што останува? Останува она што го зборуваме и пишуваме веќе две години, ама нема кој да слуша!
Некои политичари деновиве ги слушам по разни јавни настапи велат дека во разговори со претставници на земјите членки на ЕУ ќе се обидат да го опипаат пулсот и ќе работат на одблокирање на процесите. Во ред, ама процесите веќе не се блокирани од никого, тоа заврши во летото 2022, тогаш се одблокираа процесите, сега ние самите на себе си ставаме блокада, ние си ги блокираме нашите процеси. Сето ова со писмата и со барање на некакви гаранции и предвидливост на преговарачкиот процес мислам дека е обично купување време и пролонгирање на процесите ништо друго. Но времето овој пат не работи за нас и ние немаме никаков луксуз да ги мафтаме граѓаните, ние мора да им ја кажуваме вистината и само вистината.
Каква е вистината?
Вистината е дека нема а ниту пак може да добиеме некакви гаранции на предвидливост на преговарачкиот процес. Нема да добиеме никакви гаранции дека нема да има повеќе “билатерализација“ на процесот и за тоа во Брисел нема да не разберат затоа што се понатаму е еден вид на билатерализација согласно новата методологија на преговарање. Впрочем оние што тоа го зборуваат само едно ќе ги прашам, на која земја аспирант за членство во ЕУ до сега и било дадено некаква предвидливост и гаранции? На ниту една. Таква работа не постои. Се понатаму во преговорите од нас зависи и нема предвидливост тука, има работа и исполнување.
Предвидливост во однос на тоа Р.Бугарија да нема повторно нови барање! Да разјасниме тука некои работи.
Во преговорите по тематски кластери ќе биде доста тешко за нови барања од страна на Р. Бугарија затоа што таа веќе нема силен механизам по однос на тематските поглавја да не блокира. Тоа сме го објасниле многупати до сега, односно сме објасниле како идат процедурите на преговарање со Европската комисија, но некои политичари имаат интерес да не им ја кажуваат вистината на граѓаните и пак да ги мафтаат. Други политичари за жал пак и не знаат воопшто ништо околу овие работи. Нормално народот не е должен да знае како ќе се одвива методологијата на преговарање и затворање на поглавјата. Во овој процес од започнување до затворање на преговорите нема механизам на класично вето. Евентуалните отворени прашања и спорови меѓу некоја земја членка и земја аспирант по однос на темите од поглавјата ги решава Европската Комисија а ги верификува Европскиот Совет со класифицирано (двотретинско) мнозинство. Можноста за вето е дури од кога ќе ги завршиме преговорите пред официјално да станеме членка на ЕУ кога ќе биде неопходно едногласност за тоа.
Тезата пак која највеќе се експлоатира и која служи гледам како некое алиби околу уставните измени е тоа дека Бугарија може во секое време да не блокира за историски прашања. Не може. Тоа не е точно. Не се согласувам длабоко со тезате дека со работата на Историската комисија и е дадена алатка на Бугарија да не блокира понатаму кога сака. Таа алатка е доста слаба и растеглива. Имено, прашањата и обврските кои ги имаме околу почитување на Договорот за добрососедство и Преспанскиот договор се влезени во преговарачката рамка под точка 5, но во делот на исполнување на Копенхашките критериуми кои ги тангираат добрососедските односи и регионална соработка што е впрочем и обврска за сите аспиранти до сега. Овде, додадена обврска за нас е почитување на Договорот за добрососедство со Бугарија (член 12) и годишните извештаи за работата на историската комисија. Но за напредок во тие извештаи потребно е усогласеност на двете страни. Нема одредено време и рокови за тоа, впрочем не може ниту да има. Некои историски комисии разговараат и половина век до сега. Еве да претпоставиме дека ќе дојде до некој застој во историската комисија и Бугарија ќе приговара за тоа до Европската комисија. Но приговорот ќе биде само во однос на ова прашање кое спаѓа во темата на добрососедски односи и регионална политика, односно копенхашки критериуми. Но дури и да приговара по овие прашања овде во преговарачката рамка е прецизно наведена потребата од согласност и од наша страна по историските прашања. Тие евентуални приговори ќе ги разгледува Европската комисија и ќе утврдува каде е проблемот. Понатаму до колку тоа помине кај Европската комисија како што опишавме погоре оди на верификација до Европскиот совет. Знаете, сложен е механизмот на преговори и просто е невозможно во една веќе напредна фаза Бугарија да Ве блокира за историски прашања, едноставно овие теми ќе бледнеат полека како поминуваат преговорите и никој нема да се занимава со ова. Во делот на тематските преговори по кластери не може да се приговара по овие прашања кои се сосема друга тема, па дури и да сакаат. Од нас зависи со која динамика ќе ги тераме преговорите. Таму не може да има застој по историски прашања. Едноставно тоа се правилата.
Но знаете како, треба да бидеме објективни до крај. Во летото 2022 година нашата дипломатија издејствува максимално добар предлог со оглед на околностите во кои се најдовме и големите барања и апетити на Софија. Не сум сигурен дека можевме повеќе. Благодарение на францускиот и германскиот притисок врз Софија се издејствува само ова барање за вметнување на бугарското малцинство во уставот да биде клучно во преговарачката рамка, а се елиминираа другите пет барања на Софија усвоени првично во нивната декларација. Тоа се факти, другото е политика и приказни.
Почитувани, точно е дека мнозинството од нашиот народ не ги поддржува овие услови од ЕУ како и промена на уставот, но тезата дека ние никогаш нема да одиме против волјата на сопствениот народ е погрешна. Ние во нашата историја на самостојна Македонија често одевме против волјата на народот за направиме држава, да опстанеме и да ја сочуваме државата. Одевме против волјата на народот и на 8 септември 1991 кога едвај 20 проценти од граѓаните беа само за самостојна Македонија, па успеавме некако поради оној втор дел од референдумското прашање, па еве денес го славиме 8 септември и нашата независност. Одевме против волјата на народот и во 1993 година за да станеме членка на ООН и да бидеме призната држава за да опстоиме. Одевме против волјата на народот и во 1995 година кога го сменивме знамето за да се тргне ембаргото од Р.Грција и да ја преживееме наредната зима. Одевме против волјата на народот и 2001 година со потпишувањето на Охридскиот договор за да не се распаднеме во граѓанска војна. Против волјата на народот беше и Преспанскиот договор па денес гордо нашите политичари чекорат низ Вашингтон и Брисел со дигната глава. Многупати во нашата кратка историја одевме против волјата на народот за да успее оваа држава да опстои. Овој пат не е ништо многу поразлично. Нашата интеграција во ЕУ значи опстанок и развој на нашата Македонија. Народот секогаш ќе реагира емотивно, но обврската на политичарите е да го однесат тој народ на прав пат.
П.С. Ме радува една работа овде. Сретнувам се повеќе луѓе кои ги разбираат и поддржуваат овие работи. Ме радува и тоа што претставниците на владата некако премолчено, но сепак ги прифатија сугестиите за употреба во јавните настапи на нашето уставно име Република Северна Македонија и веќе немат проблем со тоа, а и Р.Грција се смири некако, значи се’ можело ако се сака и тоа е добра политика кога ќе попуштите пред силата на аргументите. Искрено верувам дека веќе многумина таму ја согледуваат реалната ситуација дека застојот во ЕУ интеграциите е неодржлива политика за нас на подолг рок. Буквално ќе почне да пука по сите шавови. Очекувам од почетокот на наредната година за некој месец од сега сериозно да почне да се работи на ова прашање.
(Наслов на текстот го позајмив од еден српски филм, вистинското име на филмот е „Кога ќе пораснам ќе бидам кенгур“. Кенгур е прекар за едно момче од соседството кое успеа да стане голман во Англиската премиер лига и беше многу популарен во неговото маало)