Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

КОГО СЕГА ЌЕ СПАСУВА ВЛСТА?

December 31, 2025 Filed Under: Колумни

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКA

Со новите измени на Кривичниот законик власта како да подготвува терен да ги ослободи и обвинетите за невршење службена должност околу трагедијата во Кочани

Премиерот Христијан Мицкоски се прошета деновиве на самит во Брисел и оттаму, место информација што прави за да се одблокира членството на Македонија, нѐ удостои повторно со голи фрази и празна реторика. Клучната порака беше дека Македонија одамна заслужува да биде интегрирана во Европската унија, што е на линија на квази кампањата дека стоиме на место заради ЕУ, не заради тактизирањето во нашата држава. Освен, секако, ако не мислеше на високите стандарди со „владеењето на правото“ во Унгарија или  на владеењето на корупцијата во Бугарија како европски достигнувања со кои се поистоветува нашата држава.

Дека не е до ЕУ туку е до нас, покажа скандалозниот предлог за новите измени на Кривичниот законик со кои повторно се прави обид казнувањата за корупција и злоупотреба да застаруваат, криминалците да се ослободуваат, условните казни да опстојуваат – се до следно ветување дека ќе се вратиме на нивото на казнивоста што го имавме пред да почнат квази реформите, сите изгласани  како усогласување со европските барања. Овој предлог поднесен вчера од група пратеници, што Моника Зајкова го нарече „замајување на јавноста и задржување на статус-квото“, е  срамен потег на Владата, бидејќи логично кај сите граѓани ја поставува дилемата – зошто им е ваков закон ако немаат намера да злоупотребуваат и да се спасуваат од гонења? Кого штитат со тоа – СДСМ? ДУИ?

Срамно за капацитетите на власта е и тврдењето дека по пет години работење од страна на експерти на новиот Кривичен закон, единствено што успеаја е да предложат половични измени напишани од пратеници во Собранието. И да протнат некакви нови кривични дела внатре како изговор, исто како што СДСМ се обиде да ги сокрие срамните измени на истиот законик со воведување на „екоцидот“ како кривично дело. Срамота е исто така што уште во јануари годинава, или пред единаесет месеци министерот за правда објави дека е готов Кривичниот законик и дека „чекаат мислење“ од Европската комисија, за вчера повторно да кажат дека ќе биде готов наскоро и ќе биде пратен на мислење на Европската комисија.

Најсрамно е што пет години (од 2020 година кога со фанфари почна подготовката на новиот Кривичен законик), и оваа и претходната власт избегнуваат да изгласаат солидна регулатива за справување со високата корупција и да постават вистинска основа за еднаквост пред правдата, па измислуваат некакви нови дела за да ја одолговлекуваат постапката. Дека и самите знаат што прават се гледа од тоа што Бојан Стојаноски, а не Мицкоски ги предлага новите измени и што предлогот е даден во цајтнот и додека сите влегуваат во новогодишна еуфорија.

Со ваквите правни „игри без граници“ власта по сѐ изгледа оди и чекор пред јавноста, предлагајќи нешто што асоцира на подготвување терен за ослободување на обвинетите за најголемата трагедија што ѝ се случи на Македонија – пожарот во дискотеката во Кочани.  Така, во постоечкото решение, членот 353в, ставот 5, гласи дека ,,Службено лице или одговорно лице во орган на државна управа или друго правно лице кое со повреда на законските прописи за спроведување на управна постапка, со пропуштање на должен надзор или на друг начин несовесно постапува во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години и со парична казна“. Во новите предлог-измени овој дел е целосно избришан, што медиумите го протолкуваа како отворање врата за „амнестија“ на несовесното работење во службата и неспроведување на прописите од страна на министрите и други раководители во државната управа.

Ако се случи тоа и на голема врата се воведе амнестија за тие што несовесно си ја извршуваа службата, Кочани ќе ни се случува низ цела Македонија, бидејќи ќе се прати политички сигнал дека јавашлуклот и корупцијата се дозволена работа, ако си на функција. Ако се додаде фактот дека претседателката на државава деновиве побара нов закон за амнестија со подолги рокови кој мириса на некоја друга амнестија (можно е за 27 април), дека власта го прослави мислењето на Венецијанската комисија за Законот за правична застапеност како завршена работа, а таму има еден куп суштински забелешки без кои тој е гола вода, ако се знае дека од септември лани оваа влада најавуваше Кривичен законик а не делумни измени, ако се знаат скандалозните изборни правила од последните избори кога Левица доби забрана за рекламирање, ако се знае дека власта преговара за милијарди во заеми а јавноста не го видела договорот со Велика Британија и нема поим што има внатре, ако најголем дострел досега на надворешната политика е тенеќе градбата на покривот на МНР изградена за сума што е доволна да се направи цела зграда – тогаш само со „синдромот Вучиќ“ може да се објасни ноншалантноста да шеташ низ Брисел и да бараш да те ценат – според постигнувањата!

И тоа кога европски медиуми порачуваат дека нема светло во тунелот за Македонија, Србија и БиХ и кога светлата на елката од околу 3.ооо евра се единствена светлина во мракот ( и фигуративен, бидејќи е изгасено јавното осветлување дури и во центарот на градот) што доаѓа од секоја сфера, дали екологија, дали економија, дали енергетика, дали надворешна политика…

Во ваква алармантна состојба пораките дека Македонија остварува, а пречка се билатералните прашања, дека отишле во Брисел да бараат поддршка за наоѓање „рационално решение“ за одблокирање на преговорите и, како најјако, дека Бугарија треба да нѐ подддржува а не да нѐ спречува кон ЕУ – е маестрално губење време за перспективата на државата. Не е работа на премиер и на министер за надворешни работи речиси две години по доаѓање на власт да кажуваат  дека е „потребно да се најде решение“ – туку да го најдат.

Нека седнат и нека пресметаат колку ќе изгуби Македонија од ова заостанување, зошто сите ја претекнуваат, случајно ли е што сме најдолу на сите мерења во регионот, која е границата на трпеливоста кај нас, имаме ли време за чекање, што ќе се смени за да се надеваме на подобро решение, кому му правиме услуга во земјата и надвор од неа со ваквото поигрување со сопствената иднина и кој ќе биде виновен ако по некоја година граѓаните излезат гневни на улица, како сега во Белград, во Софија и во Будимпешта, бидејќи дадените ветувања не се остваруваат.

Вторпат во историјата Македонија, практично, ширум ѝ ја отвора вратата на Албанија да истрча на „терен“ пред нас и место нас, како нашата влада да работи за Тирана, а не за нашата иднина. На крајот на краиштата, нека го проучат примерот на Украина која никогаш не се откажува и, наспроти сите вета, добива тоа што сака од Европската унија. Која покажа дека кога има јасна цел и образ има и начин како да издејствува поддршка, а Брисел – дека кога има кредибилен партнер, ги менува и правилата. Додека нашите тука не престануваат да кукаат…

Со ваков Кривичен законик актуелната македонска влада може само да ја добие пораката што ја добива Вучиќ за назадувањето на Србија – дека нема веќе награди за тактички чекори во реформите и дека тоа што единствено важи сега е јасна демонстрација на подготвеноста на власта да ги менува состојбите, т.е. јасен избор за ЕУ.

Додека Владата дава празни најави за барање решение за евроинтеграцијата (прво беше по локалните избори, сега се чека Нова година, а потоа ќе се повикува веројатно на предвремени избори), намерно се отвораат и други фронтови (со Грција), за да повторно бидат виновни други, а не Македонија. Во меѓувреме Македонија почна да личи на Романија од времето на Николае Чаушеску, со мрак по улиците, со огромни и постојани поскапувања, со драматично загадување што ги убива скопјани, со секакви некакви одлуки за празнење на џебовите на граѓаните, па и со можна тенденција за  нивно намерно драматично осиромашување за да може полесно да се владеат. Пари сепак има за тендери за своите, се именуваат на функции лица со обвиненија како најголем дострел во CV,  се затвораат очи пред лажни дипломи, а место да се стимулира економијата се води трка по заеми и кредити.

Сѐ повеќе на критиките се одговара со закани за судења и притисоци за замолчувања, а напишана е и првата негативна забелешка во извештајот на ЕУ со смената на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, нешто што Брисел изричито не го побара. На крајот, откако Мицкоски со месеци тврдеше дека судиите бараат пари за да се луксузираат, т.е. да си ги зголемат платите,  излезе неговиот министер Игор Филков со оценка дека судството е во очајна состојба од аспект на екипираноста, дека покриеноста со судии е 67 отсто, а со кадар во службите – само 36 отсто. Очигледно сега ќе проработат и тефтерчињата за да се наполнат судовите со кадри блиски до партиите од власта, имале или не квалификации за некоја функција. Главната цел по сѐ изгледа не ни беше да се тргне Коцевски, бидејќи според познавачите не беше проблем за власта, туку растурање на целото судство и негово фрлање на колена. Новите измени на Кривичниот законик се само потврда дека се што се прави во Македонија има за цел да се зацементира власта и статус-квото во државата, а ЕУ нека чека.

(nezavisen.mk)

Filed Under: Колумни

ДИПЛОМАТСКО РЕСЕТИРАЊЕ НА ТРАМП: АМЕРИКА БЕЗ АМБАСАДОРИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН
БАРАВТЕ ПОВРАТНА МИГРАЦИЈА, ДОБИВАТЕ ОТУЃЕНОСТ ОД СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА
ПРОСЛАВА НА „1400 ГОДИНИ БУГАРИЈА“: ТОТАЛИТАРИСТИЧКА ГРАНДОМАНИЈА?
БOЖИЌ ВО ЕВРОПА: ВРЕМЕ КОГА СЕ ДОБИВААТ МНОГУ СЛОБОДНИ ДЕНОВИ
ПРИМИЈЕТО ОД 1914 ГОДИНА: КОГА ФРОНТОВИТЕ СЕ ФАЌААТ ЗА РАЦЕ

Најново

  • ДИПЛОМАТСКО РЕСЕТИРАЊЕ НА ТРАМП: АМЕРИКА БЕЗ АМБАСАДОРИ ВО ЗАПАДЕН БАЛКАН
  • БАРАВТЕ ПОВРАТНА МИГРАЦИЈА, ДОБИВАТЕ ОТУЃЕНОСТ ОД СОПСТВЕНАТА ДРЖАВА
  • ПРОСЛАВА НА „1400 ГОДИНИ БУГАРИЈА“: ТОТАЛИТАРИСТИЧКА ГРАНДОМАНИЈА?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet