Тој има „многу украински пријатели“, вели американскиот претседател во контроверзниот телефонски разговор со својот украински колега Зеленски. На кого мисли Трамп?
РОМАН ГОНЧАРЕНКО
Тој има „многу украински пријатели“, вели американскиот претседател во контроверзниот телефонски разговор со својот украински колега Зеленски. На кого мисли Трамп?
Доналд Трамп никогаш не бил во Украина, ниту пак се интересирал за земјата. Притоа американскиот претседател ја обвини поранешната советска република дека му ја саботирала изборната кампања во 2016 година. Во тоа време информациите од Киев доведоа до оставка на шефот на неговиот изборен штаб, Пол Манафорт, кој претходно ја советувал проруската Партија на регионите во Украина и за тоа наводно добил негелегален хонорар. Поради ова Трамп имаше воздржан однос кон тогашниот украински претседател Петро Порошенко. Во телефонскиот разговор со неговиот наследник Володимир Зеленски во јули, кој сега предизвика скандал, Трамп не штедеше комплименти: „Ова е прекрасна земја. Имам многу украински пријатели, тие се неверојатни луѓе.”
ВИКТОР ПИНЧУК Украинските врски на Трамп опфаќаат луѓе со кои лично се познава, но и луѓе кои се стекнале со негов недвижен имот. Најпознат во првата категорија е милијардерот Виктор Пинчук. Со неговото име е поврзан првиот јавен настап на Трамп на тема Украина. Тогашниот перспективен демократски кандидат на републиканците за претседателските избори во септември 2015 година преку видео-врска учествуваше на YES- форумот. Тоа беше приватна манифестација на Пинчук, на кој западни политичари и експерти зборуваа за односите на Украина со Западот.
Пинчук во Украина важи за еден од олигарсите во земјата и според различни рангирања е еден од најбогатите Украинци. 58-годишниот зет на поранешниот украински претседател Леонид Кучма потекнува од Днипро (поранешен Днипропетровск), и е сопственик на компанија за производство на цевки и медиумска групација – вклучувајќи ги и телевизиите СТБ и ИЦТВ.
Настапот на Трамп траеше околу 20 минути, за што според медиумски извештаи Пинчук му платил 150.000 долари. Нема информации за тоа дали имаат и заеднички бизнис интереси. Прашањето за време на форумот го постави Даглас Шон, американски публицист, политиколог и коментатор на Фокс нуз, омилениот телевизиски канал на Трамп. Шон веќе подолго време работи за Пинчук и во американското Министерство за правда е регистриран како официјален лобист. Трамп тогаш рече дека познава „многу луѓе кои живеат во Украина“, ги нарече „фантастични“ и го пофали Пинчук: „Виктор е специјален човек и посебен претприемач. Кога ме посети му реков дека јас повеќе можам да научам од него, отколку тој од мене.” Трамп исто така рече – нешто што го повтори и по четири години во телефонскиот разговор со Зеленски – дека европските држави, меѓу кои и Германија, многу малку прават за Украина.
ПАВЛО ФУКС Друг познат Украинец кој има контакти со Трамп е помал калибар од Пинчук, но за нивните врски повеќе се знае. Станува збор за Павло Фукс, 47-годишен претприемач и милионер од источноукраинскиот град Харков, кој долги години работеше во Русија, каде има основано голема компанија за недвижности. Во едно интервју за агенцијата Блумберг, Фукс изјави дека го запознал Трамп во 2005 година и повеќепати се сретнал со него и неговите деца, Иванка и Доналд Трамп Јуниор. Идјеата била да се изгради Трамп-кула во Москва, вели Фукс, но договорот никогаш не се остварил, бидејќи, според него, Трамп побарал превисока цена. Фукс во меѓувреме живее во Украина и е на руска листа на санкции, која Москва ја воведе како одговор на казнените мерки кои ги воведе Киев. Познато е и дека Фукс е еден од Украинците кои отпатувале на инаугурацијата на Трамп во 2017 година, но на церемонијата не беше присутен. Есента истата година Фукс организираше посета на поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани на Харков. Џулијани му е личен адвокат на Трамп и сега е во средиштето на скандалот со телфонскиот разговор меѓу Трамп и Зеленски. Официјално, Џулијани тогаш отпатувал во Харков за да го сподели своето искуство како градоначалник на Њујорк по терористичките напади од 11 септември. За време на претседателските избори во Украина, пролетта 2019 година, украинските медиуми известуваа дека Фукс финансирал и дел од кампањата на Зеленски. Бизнисменот ги отфрла ваквите информации.
ВИТАЛИ КЛИЧКО Блиски врски со Џулијани има и градоначалникот на Киев и поранешен светски првак во бокс, Витали Кличко. И тој лично се познава со Трамп. Кога летото избувна конфликт меѓу Кличко и Зеленски, 48-годишниот Кличко отпатува кај Џулијани во Њујорк и на социјалните мрежи објави заедничка слика – очигледно за да покаже дека има моќен помагател во битката за шеф на администрацијата во Киев.
Посетата беше неколку дена по телефонскиот разговор на Трамп со Зеленски, во кој американскиот претседател го наведе Џулијани како лице за контакт во врска со можната истрага за активностите на поранешниот вицепретседател Џо Бајден и неговиот син Хантер. Кличко на маргините на еден настан во Киев, во вторникот изјави дека со Џулијани не зборувале за Бајден.
Тој и неговиот брат Владимир, исто така поранешен професионален боксер, го запознале Трамп за време на нивната боксерска кариера, раскажа Кличко во едно поранешно интервју за каналот „112 Украина“. Братот боксувал во поранешното казино на Трамп – „Таџ Махал“, во кое милијардерот често престојувал, и каде браќата често му оделе на гости.
Игор Фруман и Лев Парнас
Има и други, помалку познати луѓе поврзани со Украина, чии имиња сега се поврзуваат со скандалот. Две имиња се истакнуваат: Игор Фруман и Лев Парнас – претприемачи од Флорида, со корени и врски во Одеса. Според извештаите на американските медиуми, 53-годишниот Фруман и 47-годишниот Парнас дале донации за различни манифестации на Трамп и кандидати на републиканци на различни избори. Тие исто така наводно имале средба со Трамп и неговиот син Доналд Јуниор. Најважно од сѐ е тоа што двајцата се исто така клиенти на Џулијани. За нив се вели дека му помогнале на адвокатот на Трамп да оствари контакти во Украина за случајот Бајден, вклучително и со поранешниот јавен обвинител.
КУПУВАЧИ КАЈ ТРАМП На крајот на краиштата, веројатно има десетици или повеќе Украинци кои купиле недвижен имот од Трамп или кофинансирале изградба, не само во САД. Меѓу нив има и познати имиња, како на пример поранешниот шеф на округ во еден голем град во источна Украина или ќерката на поранешен украински бизнисмен, кој е под сомнение за перење пари. Точната бројка на овие луѓе е тешко да се утврди.