Ме замисли изјавата на новиот премиер на РС Македонија, Мицковски, дека историчарите од актуелниот состав на историската комисија со Бугарија не ги бранеле националните интереси. Оттаму, како разбирам, нужноста од нивна смена
ДЕНКО МАЛЕСКИ
Актуелните историчари во комисијата не се покажале во борбата за националната кауза, е заклучокот. Тоа што во демократскиот свет историчарите дамна престанале да бидат борци за националната кауза и станале трагачи по вистината не е од примарен интерес за новата власт во Скопје.
Смената, на историчарите, на судиите или некој трет во блиска иднина е начинот на кој ќе функционира новата власт. Зарем не е тоа начинот на делување на секоја власт? Да, но, секогаш да имаме на ум дека ние немаме изграден демократски систем со контролни механизми, па, во услови на плурализам, секоја власт треба да се опира на инерцијата за враќање кон методите на еднопартискиот систем.Ако сака да ја сочува демократијата, се разбира.
Каде згрешиле историчарите од актуелниот состав?
Имав можност да запознам двајца од нив кои колегите историчари ги сметаа за „предавници“. Всушност, тие само имаа еден поинаков наратив за нашето минато, различен од националистичкиот кој на македонската историја гледа како на еден столетен, ако не и милениумски, континуитет без никакви допирни точки со историјата на бугарскиот народ.
Мислам дека новата власт ќе ги отстрани токму нив и оние блиски до нивните гледишта. Националистите кои ширум светот победуваат со слоганот „ние сме народот“ имаат проблем со демократијата која раѓа плурализам. А либералната демократија, пак, има проблем со нив.
Тоа, според националистите е цепење на народот, што е штетно за одбрана на националната кауза оти го руши единството. Единството? Странските истражувачи на нашата историска мисла препознаваат барем три наративи за нашето минато (античкиот, средновековниот и модерниот), наведувајќи го името на најистакнатиот историчар: Пановски, Ристовски и Катарџиев. Ако формирате комисија составена од приврзеници на наративот на Пановски имате едно толкување на македонската историја, на Ристовски, второ, а на Катарџиев, трето. Како набљудувач надвор од историската фела, чудно ми е што иако постојат различни наративи сите зборуваат за „нашата историја“ како за монолит.
сушност, таквиот монолит не постои во науката.Тој може само да се прогласи од политиката. Всушност, постои моќ на власта да си го избере најсоодветниот наратив на својата идеологија и така да ја создаде историската комисија. Бидејќи ја изгубивме битката со Грција за античка Македонија, нашите политичари заедно со историчарите се на втората борбена линија – средновековието. Тоа, овој пат, е битката со Бугарија чии историчари во Комисијата, се исто така, главно, борци за националната кауза а не трагачи по вистината.
Значи, владата ќе се определи за историчари приврзеници на „средновековниот наратив“ кои од тие позиции ќе им се спротистават на бугарските историчари. Спротиставувањата ќе траат се додека на масата, еден ден, после многу години(!?) не се најдат „модернистите“ со наративот на Катарџиев од наша страна и оној на младата генерација бугарски историчари со Западно образование и неоптеретени од минатото, од Бугарска.
о својот мандат, македонската партија на власт ќе го диктира наративот и темпото на (не)решавање на несогласувањата меѓу нашите два блиски народи. Премиерот сака историчари кои ќе го бранат „националниот интерес“онака како што го разбира тој, неговата партија и мнозинството на македонскиот народ. Што е национален интерес и како се брани тој? Реалистите, претставниците на доминантната теорија во меѓународните односи, пишуваат дека во меѓународното општество на држави, сите ги следат своите национални интереси. а дека најважниот национален интерес на секоја држава е нејзиниот опстанок.
Политиката на Бугарија кон Македонија, смета ВМРО-ДПМНЕ, го загрозува нашиот опстанок и време е да и се спротиставиме со нов сет историчари. Партијата набргу ќе види дека работите се малку посложени од што мисли.