Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони, пишува во Извештајот. Има проблеми и кај контролаа на парламентот врз безбедносните служби а неповоно е оценета примената на т.н. балансер кај вработувањата
Еврокомесарот Оливер Вархеи, во извештајот за напредокот на Македонија презентиран минатата недела, ги посочи – поларизацијата во парламентот, лошото изборно законодавство, недоволниот надзор над разузнувачките служби и слабиот прогрес во реформата на јавната администрација како клучни забелешки околу реформите во државата. Во него стои:
„Извештајниот период се карактеризираше со интензивни напори, што доведе до почеток на процесот на пристапни преговори. Одржувањето на првата Меѓувладина конференција во јули беше историски момент и означи нова фаза во процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Ова беше јасно признание за решеноста на Северна Македонија да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ.
Во однос на политичките критериуми, Северна Македонија продолжи со напорите за зајакнување на демократијата и владеењето на правото, и покрај одредени предизвици. Земјата ја покажа својата решеност да постигне резултати во клучните области. Локалните избори се одржаа во октомври 2021 година, а Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ оцени дека тие беа конкурентни и дека основните слободи се широко почитувани.
Сепак, беше постигнат ограничен напредок во адресирањето на вонредните препораки дадени од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија. Како што беше споменато во претходните извештаи, изборното законодавство треба сеопфатно да се ревидира за да се решат постојните недоследности, а релевантните закони да се усвојат на навремен, инклузивен и транспарентен начин, многу пред следните избори. Во оваа насока, властите треба да ги засилат своите напори и да покажат политичка волја за дополнително подобрување на изборниот процес.
Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација, што го одложи усвојувањето на многу закони. По интензивните дебати, парламентот усвои заклучоци за предлогот што го отвори патот за отворање на пристапните преговори. Парламентот треба да игра активна и позитивна улога во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Потребни се заеднички и брзи напори на сите страни да се зајакне улогата на парламентот како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ. Парламентот и Владата се обврзаа да започнат и приоритетно да ги постигнат релевантните уставни измени, со цел во Уставот да се вклучат граѓаните кои живеат во границите на држават
Потребно е правилно планирање и консултации за да се ограничи употребата на брзи процедури со цел да се овозможи ефективна проверка и консултации за законодавството. Надзорот на извршната власт преку пратенички прашања до министрите треба да се врши на поредовна основа. Предлозите за внатрешна реформа на парламентот договорени за време на третиот круг од Дијалогот ‘Жан Моне’ на почетокот на 2020 година треба да се спроведат без натамошно одлагање.
Продолжи да се утврдува кривичната одговорност за оние кои оркестрирале или извршиле насилство во нападот на Собранието на 27 април 2017 година, вклучително и второстепените пресуди. Владата продолжи да работи на реформската агенда на ЕУ и на решавање на последиците од пандемијата и од војната во Украина. Потребни се решителни напори за да се изгради моментум за реформи и да се придвижи напред процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Потребен е посебен фокус на обезбедување ефективна имплементација на постојното законодавство, наместо на покренување ад хок иницијативи. Меѓуетничките односи останаа стабилни, а Охридскиот рамковен договор продолжи да се спроведува.
Граѓанските организации продолжуваат да работат во поволна средина, вклучително и со усвојувањето на стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество 2022-2024 година. Граѓанското општество продолжи да игра важна улога во процесите на донесување одлуки и во следењето на активностите на државата. Сепак, потребни се напори за подобрување на транспарентноста во креирањето политики и инклузивност на консултативните процеси. Правните и финансиските рамки сè уште треба да се подобрат и имплементираат во пракса.
Северна Македонија спроведе сеопфатна реформа на своите разузнавачки служби. Сепак, земјата треба да го зајакне својот капацитет за парламентарен надзор над разузнавачките служби. Северна Македонија останува умерено подготвена во однос на реформата на јавната администрација. Постигна ограничен напредок во спроведувањето на минатогодишните препораки, ја усвои новата програма за реформи во управувањето со јавните финансии 2022-2025 година. Сепак, донесена е законската регулатива за организација и за работа на органите на државната управа и нова законска рамка за управување со човечки ресурси (ревизија на Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавните служби и нов Закон за врвна менаџерска служба),но примената е одложена. Новата рамка има за цел да го подобри управувањето со човечките ресурси низ администрацијата и да обезбеди поголема сигурност за регрутирање, унапредување и отпуштање врз основа на заслуги, вклучително и на на повисокото раководство. Државната комисија за спречување на корупцијата беше проактивна во решавањето на случаите на непотизам“, стои во извештајот на Европската комисија.
Во него исто така има забелешка за состојбите во јавната администрација при што се бара измените на законите што ја регулираат оваа што се подготвени, да се усвојат и да почнат да се применуваат:
„Северна Македонија треба да го усвои ревидираниот Закон за административни службеници и Законот за вработените во јавниот секторо, заедно со новиот Закон за врвна менаџерска служба, со цел да се обезбеди регрутирање засновано на заслуги и правични унапредувања и отпуштања на раководно ниво.Измените на овие закони, откако беа усвоени во 2014 година, доведоа до неконзистентна примена на процедури за вработување и унапредување. Контрадикторни правила во Законот за внатрешни работи кои овозможуваат вработените да бидат исклучени од делокругот на Законот за административните службеници сè уште се пријавуваат. Администрацијата сè уште често користи процедури за да привремени или услужни договори за вработување ги претвори во договори на неопределено време. Основите за отпуштањето, исто така, треба да биде потранспарентни.
Треба да се обезбеди соодветно следење на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата за подобрување на процедурите за вработување во јавниот сектор“. Притоа, ЕК за првпат го критикува и т.н. „балансер“ со кој се обезбедува правична застапеност на етничките групи во администрацијата, оценувајќи дека е пречка за вработување според способностите.
„Правичната застапеност на малцинствата останува неконзистентна во јавниот сектор и кај сите категории државни службеници. Искажана е загриженост, вклучително и од Државниот завод за статистика, околу иницијативата на Министерството за информатичкото општество и администрација да го ревидираат процентот во формулата на т.н. „Balancer“. Ова е алатка за човечки ресурси која го одредува процентот на вработени од секоја етничка група. Трансферот на вработените од Министерството за политички систем и односите меѓу заедниците во различни институции не е завршен и продолжува да ги поткопува принципите на заслуги и ефективност“, строи во извештајот.