Листата неделникот Магазин ја правел врз основа на цената на нивниот удел во одредени компании на берзата – колку би зеле ако сега го продадат својот удел!
Најбогат човек годинава во Македонија е Живко Мукаетов, првиот човек на „Алкалоид“, чие богатство се проценува на 710,5 милиони евра, според традиционалната ранг листа на најбогати луѓе во регионот, што ја прави српскиот магазин „Недељник“, пренесе порталот „Кликс.ба“.
Според најновата ранг листа, ТОП 10-те најбогати луѓе во регионот, првите три места им припаднаа на бизнисмени од Хрватска, од каде што има уште еден на осмото место, додека сите други им припаднаа на стопанственици од Србија.
Како што пишува бизнис неделникот на списокот се случија големи промени. На листата доминираат три компании од Хрватска, од кои две се од високотехнолошката индустрија. Од друга страна, веќе не е новост, бидејќи оваа трка трае со децении, дека Мирослав Мишковиќ и Миодраг Костиќ со децении конкурираат за позицијата најбогат човек во Србија.
Најбогати луѓе во регионот се сопствениците на хрватската ИТ компанија „Инфобип“ – Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ. Вредноста на нивната компанија се зголемила за речиси 807,6 милиони евра за една година (малку повеќе од таа сума вреди фирмата на најбогатиот босанско-херцеговски бизнисмен).
По нив следуваат Дубравко Гргиќ (3,124 милијарди евра) од „Аграм груп“ и Мате Римац (3,047 милијарди евра).
По нив следуваат двајца бизнисмени од Србија, Мирослав Мишковиќ од „Делта холдинг“ (3,036) и Миодраг Костиќ од МК Груп (2,723 милијарди евра).
Оваа година, пишува „Недељник“, Мишковиќ стана првиот Србин чии компании, само на територијата на Србија, вредат повеќе од три милијарди евра.
Најбогат Црногорец е Драган Бокан („Воли“), чија имотна вредност се проценува на 504,6 милиони евра. Во Словенија најбогато семејство е Лах (Стекларна Храстник), чиј имот се проценува на 385 милиони евра, додека во Северна Македонија најбогат е Живко Мукаетов („Алкалоид“) со 710,5 милиони евра.
Инаку, минатата година најбогат во Македонија, според неделникот, беше стопанственикот Илија Гечев, како прв македонски милијардер. Гечев и неговата ИГМ „Трејд“ лани се најдоа на 18. место со проценето богатство од 1,054 милијарди евра и тоа беше прв пат некој бизнисмен од Македонија да ја надмине границата од милијарда евра.
Еве ја листата на ТОП 10 најбогати во регионот (во евра):
1. Силвио и Роберт Кутиќ и Изабел Јелениќ | Инфобип | 3.307.663.106 | Хрватска |
2. Дубравко Гргиќ | Аграм Група | 3.124.000.000 | Хрватска |
3. Мате Римац | Римац Бугати | 3.047.000.000 | Хрватска |
4. Мирослав Мишковиќ | Делта Холдинг | 3.036.779.758 | Србија |
5. Миодраг Костиќ | МК Група | 2.723.012.075 | Србија |
6. Дејан Чакајац и Јадранка Степановиќ | Моцарт | 1.860.858.809 | Србија |
7. Петар Матијевиќ | Месна индустрија „Матијевиќ“ | 1.821.626.535 | Србија |
8. Павао Вујновац | Енергија Натуралис | 1.632.142.857 | Хрватска |
9. Станко Поповиќ | Еликсир Група | 1.517.897.330 | Србија |
10. Драган Шолак | Јунајтед Група | 1.464.370.000 | Србија |
Списокот не покажува колку пари имаат бизнисмените на сметките, туку колку вредат нивните компании и колку пари потенцијално би можеле да добијат доколку ги продадат денеска, објаснува бизнис неделникот.
Вредноста на богатството на петте најголеми бизнисмени во регионот изнесува 15,2 милијарди евра што е за две милијарди евра повеќе од БДП на Македонија и речиси 2,5 пати повеќе од БДП на Црна Гора.
Сопственикот на МК Груп во 2021 година беше најбогат Србин и на второ место на регионалната листа (сега е на петтото место), со разлика од само 196.335 евра во однос на Мишковиќ, така што годинава двете компании би оствариле раст. Но Мишковиќ многу повеќе, со што си го врати првото место кое го имаше пред две години. Мишковиќ годинава стана првиот Србин чии фирми и само на територијата на матичната држава вредат повеќе од три милијарди евра. Но, трката меѓу двата бизнис доајена не е единствената интересна работа во Србија.
Има промени во сите земји од регионот, освен во Босна.
Најбогат човек во Босна и Херцеговина, според традиционалната листа на „Недељник“, е Сенад Џамбиќ, сопственик на „Бинго груп“. По него следуваат семејството Хастор („Превент група“) и семејството Станиќ („Група Станиќ“).
Петте најголеми бизнисмени во Босна и Херцеговина изнесуваат 3,2 милијарди евра и сочинуваат 13,3 отсто од вкупниот БДП на Босна и Херцеговина (24,5 милијарди евра).
Што се однесува до првите 10 најбогати луѓе во светот, Бернард Арно и неговото семејство (ЛВМХ) се на прво место со имот во вредност од 211 милијарди евра, а потоа следат Илон Маск („Тесла“) со 180 милијарди, Џеф Безос („Амазон“) со 114 милијарди, Лери Елисон („Оракл“) со 107 милијарди евра, Ворен Бафет со 106 милијарди, Бил Гејтс 104 милијарди, Мајкл Блумберг 94,5 милијарди, Карлос Слим 93 милијарди, Мукеш Амбани со 83,4 милијарди и Стив Балмер со 80,7 милијарди.
Како што појаснуваат од „Недељник“, листата ја составиле експерти од две консултантски фирми кои работат на Њујоршката берза и дека користеле мултипликатори од школата за бизнис „Стерн“ на Универзитетот во Њујорк и дека во анализата ги вклучиле резултатите од пазарните трансакции во регионот и светот.
(gradska.mk)