Татјана Михајлова стана судија откако му пиша писмо на Никола Груевски, а за Лидија Петровска дознавме откако нејзина колешка „раскажуваше“ дека на тогашната претседателка Лидија Неделкова и купувала накит од „Сваровски“, што стана парадигма за функционирањето на судството во периодот на владеење на ВМРО-ДПМНЕ
ЉУБИША СТАНКОВИЌ
Едната е позната по тоа што му пиша писмо на некогашниот премиер Никола Груевски, по што беше избрана за судијка во скопска „единица“, а другата стана позната откако една друга судијка ја нарече „Сваровски“!
Ова, на кратко, е вовед во претставувањето на судијките Татјана Михајлова и нејзината помлада колешка Лидија Петровска, чии имиња вчера беа споменати на судењето на сега обвинетиот Владимир Панчецски, кој, пак, во тоа време им бил директно претпоставен и кој одлучил да не го користи системот АКМИС туку да им ги поделил (доделил) на рака безмалку сите предмети кои биле иницирани од Специјалното јавно обвинителство.
Кои се навистина судијките Татјана Михајлова и Лидија Петровска и од каде толку доверба во нив?
Татјана Михајлова во Кривичниот суд влезе релативно доцна, но тоа не и пречеше да направи брза кариера.
Влезот на Михајлова во Кривичниот суд се поврзавува со едно нејзино писмено обраќање до тогашниот премиер Никола Груевски. Таа, од позиција на адвокат во предметот „Македонија табак“ бара од Груевски разршеување на десетина судии кои постапувале во случајот. Првото поставување на Михајлова беше на позиција истражен судија во Одделението за организиран криминал и корупција. За името на Михајлова се врзува случајот „Ликвидација“ и притворањето на новинарот Томислав Кежаровски, за текст кој што тој го објавил пет години претходно. Михајлова ја водеше истрагата и за предметот „Шпион“. Подоцна, таа е поставена и за судечки судија во Организиран криминал, каде што Панчевски ѝ го додели предметот „Шамари“ или „Насилство во Општина Центар“. Од целиот тек на ова судење ќе остане запаметено дека Михајлова парично ги казни обвинителките Фатиме Фетаи и Катица Јанева со по 2.000 евра!
Потписникот на овие редови беше сведок на уште една чудна ситуација, за која досега не сум пишувал. Имено, на судењето за „Шамарите во Центар“, Михајлова, заедно со Советот, се повлече за да одлучува по даден предлог на една од странките во постапката. Но, наместо Судечкиот совет да се повлече и да решава, таа во холот на судот, пред скалите кои водат кон првиот кат, го отвори ширум преедметот и му го покажува на сега обвинетиот Владимир Панчевски. И денеска, како и тогаш, немам дилема дека таа очекуваше тој, наместо таа и Советот, да донесе одлука. За бељата да биде поголема сведок на овој настан беше и обвинителката Фатиме Фетаи.
Веројатно не можејќи да се носи со новонастаната ситуација таа, на 7 март 2017. година, ќе го извести Судскиот совет дека бара да биде разрешена од месето в.д. претседател на скопскиот Кривичен суд.
Авторот на овие редови прв објави дека Михајлова си поднесе оставка на местото в.д.претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по што некои структури беа видно возбудени, а се говореше дека имало и такви кои се обиделе да ја убедат Михајлова да ја повлече оставката, но тоа не се случи.
Велат дека покорноста на Татјана Михајлова кон сега обвинетиот Панчевски е поради тоа што токму во времето кога тој ја извршуваше функцијата претседател на судот, таа успеала да си го вработи синот, но токму таа ќе го наследи Панчевски на „тронот“ и ќе продолжи со составување на годишни распореди за работа на судиите.
Да не беше онаа фамозна „бомба“ во која актуелната судијка Софија Лаличиќ не ја обвини за купување на „Сверовски“ подароци можеби јавноста никогаш немаше да слушне за младата и убава судијка Лидија Петровска, за која, исто така, многу подоцна се дозна дека моминското презиме и е Тупанчевска и дека му е братучетка на професорот на Правниот факултет Никола Тупанчевски.
На Лидија Петровска ќе ѝ биде доделен предметот наречен „Тенк“, а во кој. освен екс-министерката за внатрешни работи Горда Јанкулоски и нејзинот помошник Ѓоко Поповски, обвинет беше и самиот Никола Груевски. Случајот со набавката на „мерцедес“ од 600.000 евра сега е правосилно пресуден од друг судија, ама Груевски успеа да побегне од земјава! На Петровска ѝ беа доделени и предметите „Тврдина 2“, „Транспортер“ и „Триста“, односно случаите во кои беше обвинета целата врхушка на ВМРО-ДПМНЕ, односно сите нејзини функционери. Петровска беше дел од советот кој одлучуваше дали ќе се прифати обвинението за случајот „Трезор“, односно за набавката на опрема за потребите на Петтата управа и за нелеганиот тендер на ЕЛЕМ, односно за предметот наречен „Тарифа“.
На еден од последните конкурси, Татјана Михајлова се обиде да стане судија на скопскиот Апелациски суд, со опција доколку не биде избрана да биде именувана за претседател на судот во Ресен. Судскиот сове ја одби Михајлова по двата преглога! А судијката Лидија Петровска се уште е судија во Основниот суд Скопје, но сега работи во Одделението за прекршоци.