ВОЈО МАНЕВСКИ
Предложениот закон за нефер трговски практики наиде на отпор со објаснување дека се работи за дерогација на пазарите законитости. Шпекулациите и монополската положба во која економска теорија се подведуваат под пазарни законитости? Под законски казнени мерки се подведува, господа
Нашиот народ има една генијална изрека која го отсликува етичкото ниво на учесниците во изборните кампањи „од ветување куќа не се растура“. Оваа е некаква премолчена спогодба дека она што се ветува и не мора да се исполни. Затоа што вредноста на ветувањето е само изборна реторика.
Но тоа важи само за широките народни маси. Додуша веќе не се широки, ама сѐ уште се маси. Кога се работи за светот на профитот нема многу сентименталности. Овде ветувањата мора да се исполнат затоа што последиците се затворање на финансиските чешми и користење на сите средства во спротивен правец. Минатата година имавме раст на цените кои го осиромашуваа населението, висока инфлација која е скриен данок кој паѓа на грбот на социјално најниските категории и општ пад на стандардот. Владата посегна по непазарни мерки кои и единствени и стоеја на располагање, па ги замрзна цените на голем број основни производи. Секоја криза го растегнува трговскиот морал и практики до ниво на шпекулации. Со обидот да го регулира пазарот владата допре во интересите на цел систем на трговско увозни и препакувачки компани, кои немаа интерес да го делат профитот.
Предложениот закон за нефер трговски практики наиде на отпор со објаснување дека се работи за дерогација на пазарите законитости. Шпекулациите и монополската положба во која економска теорија се подведуваат под пазарни законитости? Под законски казнени мерки се подведува, господа! Опозицијата ова го искористи, критикувајќи ја Владата за нерелен закон кој нема да донесе стабилизација на цените и намалување на инфлацијата. Разни состаноци меѓу опозицијата и олигархијата се видоа во поддршката која ја доби опозицијата од најголем дел од главните медиуми и дежурни аналитичари од општа пракса. Резултатите ги видовме на изборите и сега дојде време да се регулираат односите, ама сега на друго ниво. Како власт и оние што пружија поддршка. Прв ваков пример кој има и економски и социјални последици е започнување на важењето на законот за нефер трговски практики. Во јавноста за овој закон се зборува небаре тој е некакво волшебно стапче, кое ќе доведе до намалување на цените и со покачувањето на пензиите и некои плати ќе се преживее есента и зимата.
Законот ги уредува односите меѓу добавувачот и купувачот. Досегашната практика за рабат кој не го нудеа продавачите, туку го бараа трговците секако немаше можност долго да опстане. Времето на наплата на производите кои големите маркети ги земаат од производителите е 90 дена. Со ваков процент на инфлација тоа е директно намалување не само на профитот на произведувачите, туку и намалување на нивната можност за организирање на производство.
Кога дојде да се имплементира законот, според неговите одредби, почнаа на површина да излегуваат различните интереси. Барањето да се одложи примената на законот е стара тактика еден закон да не заживее во потполност. Сетете се само на законот за легализација на бесправно подигнатите објекти. И тој закон е дел од истата проблематика и односи меѓу капиталот и власта.
Најстарата комора СКСМ прво испрати писмо до Владата каде бараше одложување на примената на законот и даде препораки каде тој да се измени. Измените беа од интерес на крупните трговци и увозници. Како одговор премиерот се согласи на кратко одложување, ама употреби и нов термин дека не се работи само за монопол, туку и за дуопол што горе доле се сведува на иста положба на пазарот што се сака да се заштити.
Во што е стравот за профитот? Се зборува дека околу 2.500 производи би можеле да добијат скоро замрзнати цени, ако се одреди 10% маржа за трговците. Ако се примени законот и се измени рабатот кој досега го користеа и сега поголем дел остане кај производителите, се намалува профитот на трговците. Затоа се бараше и интервенција кај производите кои се оданочуваат со повластена стапка од 5% ДДВ. Таму рамката уште повеќе се стеснува. Да бидеме на чисто. Овде не мислам само на производителите на храна и очекувањата дека ако добијат поголем дел од колачот би ги намалиле цените. Таму тешко дека нешто може да се стори поради сѐ помалата заинтересираност на младите да работат во ваквите гранки и цените на разните препарати и застарената техника. Цената на доматите при откупот е до 40 денари, а кога стигнат во Скопје таа е 100 денари. Сите ризици трговците ги префрлуваат на производителите и на крајот врз потрошувачите. А колку новиот закон ќе влијае врз големите играчи и увозници? Патем да прашам што стана со продуктоводот од Грција? Со него ќе се намалеа ли некои цени? Како се објаснува трговскиот дефицит и неговата внатрешна структура? Целата состојба е замрсена и тешко се објаснува во еден текст. Ако е за утеха за новата Влада, досега ниту една влада докрај не го расчисти овој терен кој постои уште од крајот на осумдесеттите и почетокот на приватизацијата.
СКСМ како најстара цеховска заедница и место каде се испреплетуваат разните интереси испрати ново писмо до Владата во кое го прифаќа законот како добра рамка за уредување на односите во трговијата. После следуваше дообјаснување на целта на второто писмо со што се отворија низа на шпекулации за позадината и на првото писмо до Владата.
И се враќаме на почетокот. Како што велат Англичаните и нивните економски школи „нема бесплатен ручек“. Според некои сознанија од комората на повидок е логичен судир на интересите на разни компании кои не сакаат да се откажат од профитите кои кризата им ги пружи. Повиците за влијание на пазарните законитости се само интелектуалистичка егзалтација, ако се знае дека имаме неизграден пазар, одамна стекнати положби на монопол или дуопол и директно влијание врз институциите на системот. Влијание и треба да има на комората и другите слични здруженија, ама Владата има задача да води социјална политика во корист на најголемиот број на граѓани. На изборите гласаат тие со своите очекувања за подобар живот. Од следните потези на Владата ќе видиме дали постојат некои ветувања од кампањата кои сега се испорачуваат или ќе се однесува според горе кажаната изрека „Од ветувања куќа не се гради, ама не се ни растура“! Сѐ појасно станува кој нема интерес од започнување на евроинтеграциите и воведување на ред во трговијата. Профитот и треба да е цел на стопанските субјекти, но во склад со добрите практики и во корист на целото општество. Инаку на вратите на компаниите и на нивните сајтови сѐ почесто ќе осамнуваат натписи со следна содржина: СЕ БАРА РАБОТНИК, ИНЖЕНЕР и ДРУГИ ПРОФИЛИ. Ќе биде како во народната, ако не платиш на мостот ќе платиш на ќуприја!
(civilmedia.mk)