Без декември вкупната кредитна поддршка на банките е во износ од 7,82 милијарди евра. Граѓаните на своите сметки имаат 6,2 милијарди евра. Тие на банките во мигот им должат 4 милијарди евра
Банките во државата располагаат со вкупни депозити од 570.298 милиони денари или 9,27 милијарди евра. На годишно ниво се зголемени за 11 насто, а месечната промена октомври-ноември е 0,9 насто. Движењата се главно стимулирани од штедачките навики на граѓаните. Истовремено, кредитирањето бележи раст по нагорна линија од 9,7 проценти, а минатот месец поместувањето е за 0,7 проценти, со поголем придонес на корпоративниот сектор. Или, со ноември, вкупната кредитна поддршка е во износ од 481.410 милиони денари, односно 7,82 милијарди евра.
Кај секторот домаќинства, според ноемврискит извештај на Народната банка, забележан е месечен раст на депозитите од 1,9%, додека годишниот е 13,3%/. А, произлегува од зголемените депозитни пари и долгорочните депозити. Притоа, на нивните сметки има вкупно 381.857 милиони денари, што е еднакво на 6,2 милијарди евра.
За еден месец кредитите одобрени на населението се зголемени за 0,7% како резултат на речиси подеднаков раст на кредитите во странска валута и во денари. На годишно ниво се работи за дополнителни 8,2%, каде што доминираат задолжувањата во денари. Сумата со која се задолжени граѓаните е 246.867 милиони денари (над четири милијарди евра).
Најактуелните – потрошувачките кредити, достигнуваат износ од 127.183 милиони денари или нешто повеќе од две милијарди евра. Месечниот раст е 0,7%, а годишниот 7,3%.
За решавање на станбеното прашање се употребени 92.301 милион денари (1,5 милијарди евра). Кај нив двиѓењата се 1,2% месечно и 11,6% годишно.
Во третиот квартал од 2024 година е забележан значителен годишен раст на бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата. Трансакциите со картички, издадени од домашните даватели на платежните услуги, пораснале за 10,2 отсто по број и за 13,6 проценти по вредност, соопшти Народната банка.
Овој раст, оценува Банката, најмногу се должи на високиот годишен раст на бројот на плаќањата во е-трговијата во земјата, кој изнесува 29,2 отсто, како и на растот од 8,8 отсто на плаќањата преку терминалските уред ПОС.
Според НБ, забележан е и годишен раст во бројот на плаќањата на граѓаните со платни налози. Бројот на платежните трансакции се зголемил за 9,9 отсто, а вредноста на остварените трансакции пораснала за 22,2 процента.
-Ова укажува на натамошно зголемување на употребата на дигиталните канали за иницирање на овие плаќања. Најзначајни се резултатите од употребата на апликациите за мобилно плаќање, кои покажуваат годишен раст од 50,2 отсто во бројот на платежните трансакции споредено со истиот период од 2023 година. Во рамките на овие податоци, се истакнува податокот дека граѓаните извршиле 65 отсто од вкупниот број електронски иницирани платни налози преку мобилните платежни апликации, што покажува дека мобилните апликации за плаќање стануваат сѐ попопуларни, бидејќи нудат побрзи и поедноставни решенија за иницирање на платежните трансакции, наведува Народната банка.
Податоците од доменот на платежната статистика за третиот квартал од 2024 година, освен што ги опфаќаат платежните трансакции на граѓаните во земјата, вклучуваат и податоци за платежните трансакции на правните лица во земјата.