Владата не презема ништо да ја придвижи евроинтеграцијата, врти широк круг околу Брисел, оди само на незаобиколни состаноци и тоа главно во НАТО

СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА
Отворената шахта во Аеродром што ја затвори Стојанче Ангелов и ја објави како успешна брза интервенција на институциите – стана парадигма за тоа како напредува Македонија. Главната реакција на граѓаните беше – браво, додека Албанија лансира сателити во вселената, ние успеавме да затвориме дупка и од тоа да направиме пи-ар!
Вака некако изгледа и евроинтеграцијата на земјата, особено откако вчера еврокомесарката за проширување Марта Кос (која треба да ни биде најдобра отскочна штица за Брисел, а ние едвај имаме некаква комуникација со неа, па и вербално ја нападнавме) кажа дека планира до 2026 година Црна Гора да ги заврши преговорите со ЕУ, а до 2027 година да ги заврши и Албанија, што е досега незамисливо брз рок! Кос кажа, исто така, дека проширувањето стана геополитичка неопходност и јасен приоритет на ЕУ во моментов, нешто за што сите ние овде знаеме дека е така и зошто е така, бидејќи, не ни е далеку војната во Украина и не останавме поштедени од царините на САД.
И,она што е шокантно е дека, колку побрзо и поверодостојно се движи ЕУ кон ново проширување, толку побавно и толку поодлучно ретерираме ние, и тоа го гледаат во Брисел. Не случајно Кос во своето обраќање на форумот во Софија рече дека овој стратешки избор не е лесен, бидејќи, ги допира воспоставените структури на моќ, воспоставените интереси, некогаш го допира и идентитетот и, како врв на сѐ, бара јасна геополитичка ориентација. Она што е јасно десет месеци откако е на власт коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ е дека нашата геополитика ориентација станува многу нејасна и сѐ повеќе наликува на седењето на две столчиња на српскиот претседател Александар Вучиќ – кој сака да зема пари од ЕУ и да продава приказна во јавноста дека оди кон членство, а реално си бара партнер што ќе го поддржи во вечно останување на власта. Сега кога шефицата на европската дипломатија Каја Калас му постави ултиматум да реши дали ќе оди во ЕУ или во Москва на парадата за 9 мај, конечно ќе мора да излезе на чистина и да каже за што реално се залага и каде ја води Србија.
Што прави, пак, нашата влада за да покаже дека има јасен геополитички избор? Деновиве по вторпат во ОН остана воздржана околу резолуција, која рутински беше усвојувана досега, а во која има дел со поддршка за Украина и се залага за соработка на ОН со Советот на Европа, во чиј опис на работа е главно заштита на човековите и малцински права и кој се смета како предворје на ЕУ и како услов да се биде членка на Унијата. И да нема таква тежина резолуцијата, нашето повторно престројување кон политиката на администрацијата на Доналд Трамп, од кој засега имаме само царини и укинување на помошта, е нов нож во грбот на Европската унија со која до скоро имавме сто отсто усогласена надворешна политика и за која тврдиме дека делиме исти вредности.
Тоа е срамен однос и кон Украина, земја која ѝ даде поддршка на Македонија за време на војната во 2001 година и земја која на некој начин ни го отвора патот кон ЕУ, бидејќи сите разговори за укинување на ветото за проширувањето се мотивирани од тоа да нема пречка на преговорите со Киев за ЕУ членство.
Она што исто така беше „бомба“ во изјавата на Кос вчера, беше веста дека Исланд планира нов референдум на кој ќе реши дали повторно да аплицира за членство во Унијата. Исланд по ѐ изгледа е фамозната третта земја што ја споменува Кос како потенцијална членка на ЕУ во краток рок, листа на која може да се најде и Македонија ако знае што сака и ако сака да оди напред кон членство. Практично, како и за Вучиќ, и за ВМРО-ДПМНЕ доаѓа момент кога јасно треба да кажат каде одат, бидејќи е идиотизам да се пропушти реална шанса Македонија да влезе во Европската унија. Уште повеќе што по изборот на Трамп можеше да се продаде приказната за некаква алтернатива (САД), а сега и пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ замолкна на оваа тема по сите потези на Вашингтон кои тешко имаат разбирање и во јавноста кај нас.
Практично, пораката на Кос вчера беше дека во исклучителни времиња се потребни исклучителни одлуки и дека сега веќе – сѐ е можно. Притоа таа ги спомена Норвешка, како земја во која расте поддршката за ЕУ (инаку надвор од Унијата) и Швајцарија која е неутрална и започна да учествува на состаноци на Унијата. Не ја спомена „коалицијата на подготвени за Украина“ во која силна улога има Велика Британија, иако не е веќе членка на Унијата. Поентата е дека политиката што ја води Македонија сега не одговара на моментот и дека ќе биде историски пораз и политичка стапица на долг рок ако Албанија стане членка, а ние останеме надвор, со Виктор Орбан, Александар Вучиќ и можеби Валдимир Путин, бидејќи и Кина гради поцврски односи со Брисел.
Она што го забележуваат и на што рееагираат сите по десетте месеци власт на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски е дека ни се случува изолација – и тоа многу поголема од времето на Никола Груевски. Дека Владата не презема ништо да ја придвижи евроинтеграцијата, врти широк круг околу Брисел, оди само на незаобиколни состаноци и тоа главно во НАТО, чекаше политичка влада во Софија, па се скара веднаш со неа околу Коридорот 8 и продолжува да ја одржува кавгата место да бара начин да воспостави дијалог. Мицкоски престана да оди и на самитите на неговите сестрински партии во ЕПП, а откако е премиер само Виктор Орбан дојде во посета, а тој замина само еднаш во посета на Хрватска. Шефот на дипломатијата исто така губи време на споредни дестинации и брка трговија, а претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се среќава со преставници на месна заедница, иако за волја на вистината имаше неколку средби со Румен Радев.
Јавноста со право почна да се прашува каде воопшто лобираат, каде воопшто преговараат, кои им се политичките пријатели и зошто вака гласаат околу прашања за кои има континуитет во македонската надворешна политика и за кои имаше и логика. Паралелно се шири и натаму политичката патетика, бидејќи кај и да одат, па и во САД, зборуваат за неправдата што ни ја прави Европската унија, за отстапките што сме ги направиле досега, а никој не ни гарантира дека нема да има нови сопки од Бугарија. Истовремено, реформите се прават со брзина на полжав и се шири приказната дека се чекаат само локалните избори, па потоа ќе се направат клучни чекори за евроинтеграцкијата. Во меѓувреме, со селективни приведувања за несреќата во Кочани и со други потези се трујат меѓуетничките односи, а коалициските партнери се занимаваат сѐ повеќе со себе место со државата, што се веќе видени сценарија за одвлекување на вниманието од главните прашања. Не случајно Македонија е постојано на која и да е опашка за ЕУ, чиј состав постојано се менува, а нашата држава останува таму.
(nezavisen.mk)