Интервју со д-р Катерина Колозова, директорка на Институтот за општествени и хуманистички науки, кој заедно со партнерски организации го спроведува проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество“.
ИМА: Каква цел сакате да постигнете со новата медиумска платформа #деполаризирајсе, која ја лансираше неодамна Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје?
Катерина Колозова: Платформата е посветена првенствено на подигање на свеста на граѓаните, но и на дел од експертската и медиумска јавност, за принципот на демократски институции како вредност, а не само како техничко прашање поврзано со новата методологија на евро-интеграциите. Целта е да се направи јасно и разбирливо нешто што е скриено зад претерано техничката терминологија на евроинтеграциските процеси: имено, институциите може да бидат и ефикасни и да работат според законите, но не мора нужно да се демократски.
Можеме ли да дадеме конкретен пример што се подразбира под демократски институции?
– На пример, во авторитарните држави, имате владеење на правото, но, тоа со сигурност не го става Граѓанинот на прво место. Напротив, поскоро е обратно, државата е самодоволен хипер-бирократизиран систем кој ги третира граѓаните како второстепени наспроти конгломератот партија-бизнис-држава, и честопати инструменти за сопствените цели. Новата методологија на пристапување, овозможува мерење токму на оваа вредност преку конкретни политики, кои, по дефиниција, мора да се интерсекторски (институциите да комуницираат и соработуваат меѓу себе, наместо „никој да не е надлежен“).
Какви треба да бидат тие интерсекторски политики и што се подразбира под интерсекторски пристап?
– За едно вакво планирање и спроведување политики, единствено пишување и гласање закони и усогласување со Acquis не е доволно. За ова се потребни нови институционални пракси, кои ротираат околу групи права и слободи според Европската повелба, распространети долж сите сектори (право на образование, работа, и сл.). Од овие причини, многу е логично дека интерсекторскиот пристап е нужен: мобилноста на работната сила зависи од мобилноста во образованието чиј дел е автоматската еквиваленција на дипломите, но и од имиграциските политики кои допуштаат или не проток на капитал, работна сила и иновациски потенцијал. Не случајно образованието и научната иновација спаѓаат во ист кластер со економските политики и развој.
Што е клучно за успешноста на интерсекторските политики и како да се изградат институции согласно потребите на Граѓанинот?
– За ваков динамичен процес, дигитализацијата на административниот процес и воопшто флексибилноста на институциите е клучна, но и способноста за адаптација на секој поединечен случај, со неговата лична приказна. Називот на платформата #деполаризирајсе произлегува од претходни иницијативи на Институтот со ист или сличен хаштаг, а произлегува од претпоставката дека доколку се занимаваме со овие теми на интерпартиско, интеретничко ниво, отаде постојните општествени поларизации, би помогнале како во градењето европски и човечни институции, така и во надминувањето на самиот проблем на општествена поларизација.
Платформата е дел од конзорциумската Акција на Институтот, Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), БИРЦ од Тетово и Живот со предизвици (Битола, а дејствува национално), поддржана од програмата Civica Mobilitas посветена на темата „демократски институции“ и деполаризацијата како пат да се стаса до нив (но и траен ефект доколку нашите институции вистински се демократизираат).
На новата платформа, ги повикувате граѓаните да ги раскажат. нивните приказни и искуства со авторитарните институции на државата. Какви приказни раскажуваат граѓаните? И, како да се олеснат бирократските процедури, кои оневозможуваат дури и остварување на базичните човекови права, како што е правото на лекување?
– Граѓаните се поканети да ги раскажат своите искуства со институциите во кои мртвото слово на некаква (недоречена) процедура, на недопустливиот изговор „никој не е надлежен,“ диктатот на празниот процедурализам се става пред судбината на човекот или Граѓанинот. Според новата методологија, администрацијата е европска само ако се става Граѓанинот пред бирократизмот кој се крие зад т.н. владеење на правото. Ниту еден човек не смее да умре само затоа што некаква тендерска постапка не била спроведена (во името на процедурата). Секогаш има решение, ако јавниот сектор разбере дека негов шеф е народот, а не која и да е партија или влада.
Можен ли е критички и информиран дијалог меѓу властите и граѓаните, со посредство на здруженијата на граѓани кои се обидуваат да ги актуелизираат проблемите на граѓаните?
– Секако дека е можен, но потребна е деполаризација меѓу граѓанските организации и институциите, која е исклучително висока како што покажува едно истражување кое во моментов го довршуваме и наскоро ќе биде објавено. Потребна е комуникација на добра волја, принципиелен дијалог на критика (понекогаш и жестока), но во име на подобрување на политиките за што е потребна волја за соработка од двете страни. Граѓанските организации се првенствено „адвокати“ или застапувачи (advocacy е суштината на нивната дејност) и треба да се подготвени да преговараат со институциите во име на граѓаните. Тогаш, Граѓанинот добива сопствен глас преку овие организации.
Каков придонес дава вашиот проект за владеењето на правото и во процесот на пристапување кон ЕУ?
– Во фазата на скрининг, во која се наоѓа државата, „демократски институции,“ како принцип, вредност и квалитет на политики кој во старата методологија не постоеше во ваква форма на конкретен, мерлив резулат на политики, е еден од клучните предмети на оценка на напредокот на земјата. Понатаму, ако ги погледнете јавните објаснувачки сесии од скрининг процесот од минатата есен (и крајот на летото), ќе забележите колку е важна и интерсекторската методологија на градење политики кои ги конкретизираат вредностите од Европската повелба, што ја вклучува и административната правда, како и сите права и слободи кои треба да се материјализирани во јавниот сектор како сервис на Граѓанинот. Со истражувањето и мобилизацијата на јавноста во смисла на целите на овој проект, веруваме дека создаваме поволна клима за институциите, по пат на неуморна конструктивна критика.
(https://ima.mk/2023/02/21/kolozova-javniot-sektor-mora-da-razbere-deka-negov-sef-e-narodot/)