КРИСТИЈАН ФИДАНОВСКИ
Во политиката, секој потег на еден лидер кој се коси со јавното мислење на оние кои го гласаат е рамен на чудо. Оттука, не постои друго објаснување освен силен меѓународен притисок зошто Алексис Ципрас би постигнал договор со Зоран Заев на неколку месеци пред претстојните грчки избори, во кои според анкетите уште од претходно влегуваше како аутсајдер.
Првата работоспособна генерација во Македонија по осамостојувањето, која во целост ја сноси вината за тридецениското одолговлекување на спорот за името, сега има историска шанса да си ја исправи грешката. Оваа генерација има морална обврска да ни пружи можност самите да си создадеме понормален свет од оној кој тие ни го оставија.
Спорот за името, пред сè и над сè, е едно катастрофално потфрлање на првата работоспособна генерација во самостојна Македонија. Оваа генерација му дозволи на спорот три децении да уништува иднини, да разделува деца од своите родители и да одвраќа внимание од проблемите на обичниот човек.
Кога творецот на нашата самостојност, Киро Глигоров, ја скова несреќната фраза „времето работи за нас“ по потпишувањето на Времената спогодба во 1995, тој во никој случај не сакаше да каже дека времето само ќе го реши спорот, без ние самите да работиме за нас. Тој само сакаше да каже дека во спор во кој една етаблирана демократија држи во заложништво една петпати помала, кревка, разоружана и тазе самостојна држава поради апсурден страв од иредентизам, времето бездруго мора да работи за жртвата, наместо за иницијаторот на спорот, но ако и само ако жртвата е мудра.
Оттука, сите овие години, секој интелектуалец (македонски или странски) кој некогаш фатил пенкало за спорот за името сносеше морална одговорност да го најде најдобриот можен начин да му ја предочи на светот ваквата апсурдност на иницијаторот на спорот, со тоа апелирајќи до меѓународната заедница да застане во одбрана на жртвата. Па така, некои од нас ја илустрираа апсурдноста на грчките барања низ призмата на меѓународното право. Други, пак, мудро посочуваа низа слични примери на истоименост насекаде во светот, кои за разлика од истоименоста на нашата држава со хомонимниот грчки регион, не создаваат политички спорови. Трети ја потсетуваа меѓународната заедница дека таа всушност веќе ја имаше осознаено грчката апсурдност, пред автогол-политиките на Никола Груевски да го претворат спорот од спор помеѓу иницијатор и жртва во спор помеѓу иницијатор и контра-провокатор.
Со други зборови, пред Договорот, дури и кога како интелектуалци пишувавме дома, всушност пишувавме за да нè чујат надвор, со надеж дека меѓународната заедница ќе „пушти срце“ и ќе го изврши потребниот притисок врз Грција за да се изнајде разумно решение. Ако, пак, некои од нас го пишувале тоа што го пишувале со надеж дека неправедниот спор може да се реши на праведен начин (Република Македонија за севкупна употреба), тогаш навистина бадијала пишувале.
Во политиката, секој потег на еден лидер кој се коси со јавното мислење на оние кои го гласаат е рамен на чудо. Оттука, не постои друго објаснување освен силен меѓународен притисок зошто Алексис Ципрас би постигнал договор со Зоран Заев на неколку месеци пред претстојните грчки избори, во кои според анкетите уште од претходно влегуваше како аутсајдер.
Ципрас е свесен дека две третини од грчкиот народ се против каков било компромис кој го содржи зборот „Македонија“. Затоа, за него секако ќе беше многу пологично да прифати решение кое би било дури и поповолно за Македонија (на пример, меѓународна наместо севкупна употреба на новото име), но притоа да вметне клаузула за референдум во Грција. Во ова сценарио, Договорот бездруго ќе пропаднеше, а Ципрас ем ќе се спасеше себеси од политичка катастрофа дома, ем ќе можеше да се преправа пред светот дека направил сè што е во негова моќ за да се реши спорот.
Фактот што Ципрас сепак не се реши за еден ваков трик претставува колосална отстапка од страна на грчката влада. Сите во Македонија кои изминативе години сме пишувале за спорот со ладна глава, притоа свесни дека е невозможно нашите апели да бидат послушани во целост, имаме полно право да бидеме пресреќни. Во спор кој отсекогаш беше асиметричен во полза на Грција поради моќта на оваа држава да ги попречува нашите евроатлантски интеграции, ние успеавме да издејствуваме договор кој во клучен сегмент е асиметричен во наша полза: ние смееме да одржиме референдум, Грција не. И додека сите овие години пишувавме за да нè разбере светот, моралната одговорност на секој кој пишува за спорот за името сега се префрла кон дома: да не дозволиме грчкото вето да биде заменето со домашно преку неуспешен референдум.
На неколку месеци од референдумот (текстот е пипшуван тогаш – н.з.) веќе е очигледно дека кампањата за поддршка на Договорот ќе ја води окрупнетото парламентарно мнозинство, веројатно во придружба и на албанските опозициски партии, додека противниците на Договорот ќе бидат предводени од еден идеолошки неконзистентен конгломерат на чело со ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Во таборот на противниците, уште пред почетокот на кампањата се забележуваат два сериозни парадокси. Овие парадокси го илустрираат слабиот квалитет на аргументите против Договорот, а во случајот на Левица истовремено за жал ја поткопуваат и смислата на постоењето на оваа партија.
(Извор: chargrilled.co.uk. Тектот има опродолжение кое ќе го објавиме во следниот број)