ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
Анализа на колумната на Венко Андоновски „Ново просветителство: не говор, туку дела на омраза“, објавена во „Нова Македонија“ на 24.08.2021
Колумната на универзитетскиот професор Венко Андоновски, објавена во „Нова Македонија“ на 24.08.2021, содржи повеќе дезинформации и манипулации, кокетира со теориите на заговор, и се обидува да ја претстави борбата против говорот на омраза, кој е кривично дело не само во нашата земја туку и во големо мнозинство на развиените демократии – како борба против слободата на говор и изразување.
Во оваа анализа ќе направиме деконструкција на клучните тези од колумната на Андоновски, кои се невалидни, неточни, дезинформираат и ја доведуваат публиката во заблуда.
1) „Очигледно е дека живееме во доба на светска диктатура на едно ново, тотално и тотализирачко обесмислување, кое самото си шие руво на некакво „ново просвeтителство“, со привидни одлики на „нов хуманизам“ („нова нормалност“).“, пишува Андоновски во колумната.
Исказот „Очигледно е дека живееме во доба на светска диктатура…“ е невистинит. Може да се каже дека живееме во доба на нации – држави, од кои повеќето се членки на Обединетите нации, но нема такво нешто како „светска држава“, „светска влада“, уште помалку „светска диктатура“. Дел од националните држави се оценуваат како помалку или повеќе демократски, други како авторитарни режими, некои се оценуваат и како диктатури, но „светска диктатура“ нема. Освен – во теориите на заговор.
2) „Тој западен „неохуманизам“ наводно промовира и „нови“ хуманистички вредности, а во старите открива страшни нешта: расизам, стереотипи, одобрување на нееднаквоста по сите основи, најмногу на родовата (за класната, се разбира, молчи), и слично.“, пишува понатаму Андоновски.
Борбата против расизмот, негативните стереотипи и родовата нееднаквост не е својствена само за она што колумнистот погрешно го нарекува „западен „неохуманизам““. Станува збор за интернационална борба, поддржана и од ООН, во која членуваат речиси сите држави, од сите континенти. Не станува збор за нешто „ново“ и за некакви „нови“ хуманистички вредности, туку за вредности содржани во Универзалната декларација за човекови права (1948), во Меѓународна конвенција за елиминирање на сите форми на расна дискриминација (1965), Конвенцијата за елиминирање на сите форми на дискриминација врз жените (1979), и други меѓународни конвенции.
И, воопшто не е точно дека се молчи за „класната нееднаквост“. ООН го адресира прашањето на нееднаквоста помеѓу богатите и сиромашните и има за цел намалување на еднаквоста внатре во државите и помеѓу државите, како и соодветни политики и механизми преку кои се обидува да го направи тоа.
3) Андоновски неосновано ги обвинува новите „просветители“ дека спроведувале некаква „инквизиција“ во име на некаква новохуманистичка „демократија“ која „покажува разбирање за секое право (дури и за правото на абнормалност), освен за правото да се каже спротивно мислење од нивното… Тоа право автоматски се етикетира како „говор на омраза“ и во моментов и во светот и кај нас е регрутирана цела една секуларна, добро платена инквизиција што се занимава со лов на вештерки што сеат „говор на омраза“.
Правото да се каже спротивно мислење не се санкционира како говор на омраза во државите што имаат воведено прекршочни и кривични санкции за говор на омраза. Ниту пак правото да се каже спротивно мислење автоматски се етикетира како „говор на омраза“, освен во случаи кога се злоупотребува борбата против говорот на омраза за други цели.
Авторот или нема елементарно познавање за тоа што се дефинира и санкционира како говор на омраза, или пак се обидува да ги етикетира и дискредитира тие што се борат против говорот на омраза како „добро платена инквизиција“ и „ловци на вештерки“. Да се споредува борбата против говорот на омраза со „лов на вештерки“ е очевидна манипулација, затоа што токму ловот на вештерки историски бил проследен со говор на омраза против жените што биле прогласувани за „вештерки“, говор кој поттикнувал и доведувал до дела од омраза – мачења и убиства на „вештерки“.
4) „А аксиомите на „новото просветителство“ се бесмислени. Таква е аксиомата дека постои говор на омраза што треба да се санкционира за да се дојде до толерантно општество.“, смета Андоновски.
Не е точно дека постои таква аксиома. Говорот на омраза не се санкционира „за да се дојде до толерантно општество“, туку затоа што предизвикува штета.
Говорот на омраза честопати се појавува како дискриминаторска форма на агресија што го уништува достоинството на припадниците на групата која е нападната и предизвикува ненадоместлива штета. Токму затоа и се санкционира.
5) „Од која методологија и да тргнете, ако се придржувате до логичкото мислење, ќе докажете дека синтагмата „говор на омраза“ е флоскула смислена за да биде пендрек со кој се бијат по глава неистомислениците во новиот прозападен тоталитаризам.“¸ вели понатаму Андоновски во неговата колумна и, повторно – греши.
Не е точно дека синтагмата „говор на омраза“ е флоскула, ни дека е смислена „за да биде пендрек со кој се бијат по глава неистомислениците“, ниту дека има такво нешто како „прозападен тоталитаризам“.
Слободата на изразување го вклучува правото на изразување идеи што може да се сметаат за критички, нападни, навредливи или контроверзни. Сепак, слободата на изразување не е право без ограничувања. Државите можат да ги санкционираат или спречат формите на изразување кои шират, поттикнуваат, промовираат или оправдуваат омраза, за да ги заштитат правата на другите луѓе.
6) „А дека станува збор за „просветителство на незнаењето“ е очигледно, штом говорот се суди, а делата се на слобода. Затоа, ова „просветителство“ е поконзервативно и од „мрачниот“ среден век“, ќе напише професорот Андоновски во објавениот текст.
Ова претставува елементарно непознавање на правото. Во држави каде што има кривични санкции за говор на омраза и дела од омраза, не се суди само говорот на омраза кога причинува штета и ги повредува правата на другите, туку и делата од омраза. Исто така, елементарно непознавање е да се прави споредба на борбата за заштита на човековите права (која подразбира и борба против говорот на омраза и делата од омраза) со „мрачниот“ среден век“, кога воопшто немало концепт за човекови права и нивна заштита.
7) „Затоа, ова со „говорот на омраза“ е само лицемерство: власта ги осудува оние што шират „говор на омраза“, а самата шири „дела на омраза“. Ако некого го ставиш на црна уметничка листа поради инакви политички ставови (знам десетици такви луѓе во Македонија) тоа не е говор на омраза, туку веќе ДЕЛО НА ОМРАЗА, или поточно ОМРАЗА НА ДЕЛО“, констатира Андоновски.
Во оваа поента преку општото именување на „власта“ како „осудувач“, испливува уште едно елементарно непознавање и неправење разлика – помеѓу извршната, судската и законодавната власт. Законодавната власт е таа што пропишува санкции за говор на омраза и дела од омраза, а судската власт осудува.
Очигледно, колумнистот не е упатен во проблематиката „криминал од омраза“ и, наместо да посочи конкретно на која власт мисли, тој шири дезинформации. И тоа прилично невешто, што и не е чудно, имајќи предвид дека професорот нема соодветна правна наобразба, туку е филолог. Ако веќе пишува за оваа проблематика јавно, би требало повеќе да се едуцира и информира.
8) „Ако не вработуваш деца затоа што не сакаат партиска книшка од тебе, па индиректно ги депортираш на печалба како куфери од штавени човечки кожи, тогаш ја покажуваш на дело истата онаа омраза што ја покажуваа нацистите кон Евреите“ – е уште една невалидна констатација на Андоновски, мешање на баби и жаби, и ставање на повеќе различни работи во еден кош.
Очигледно е дека колумнистот не прави разлика помеѓу дискриминација врз основа на партиска припадност, економска миграција и депортација. Очигледно е и дека прави крајно неоснована споредба со омразата на нацистите кон Евреите, за која постои и меѓународна судска пракса на осудување.
На пример, Јулиус Штрајхер – новинар, издавач и уредник – бил осуден на смрт на Нирнбершките процеси во 1946 година заради неговите написи кои ги објавувал во неговото популарно издание „Јуришник“ („Der Stürmer“). Штрајхер бил осуден поради злосторства против човештвото како гласноговорник за уништување на Евреите, а неговите написи денес претставуваат школски пример за говор на омраза и пропаганда која сее ужас. Штрајхер ги демонизирал Евреите (како „луѓе чиј татко е ѓаволот“), ги дехуманизирал (како „божјо проклетство“, ги претставувал како ѕверови, змии, црви, итн), ги криминализирал и јавно заговарал и агитирал за нивно истребување и уништување. Нацистот Штрајхер бил осуден за злосторства против човештвото затоа што го поттикнувал германскиот народ на активно прогонување на Евреите, преку публикации што поттикнувале на нивно убиство и истребување.
Притоа, никој не негира дека економската миграција заради дискриминација врз основа на партиска припадност е голем проблем, но елементарно непознавање е да се споредува со говорот на омраза против Евреите и депортацијата на Евреите во логорите на смртта.
9) „Но ако некој само малку поафективно или подуховито говори за бесмислиците на власта, тоа веќе е говор на омраза, за кој се пали клада.“, вели Андоновски.
Повторно неточно. Духовитата критика кон властите не се смета за говор на омраза. Има држави во светот што ја злоупотребуваат борбата против говорот на омраза, но нашата држава не се критикува дека претерано ги користи механизмите за борба против говор на омраза, туку напротив – дека не ги користи доволно.
На пример, Европската Комисија во својот извештај од 2020 година, препорача да се засили имплементацијата на легислативата за говор на омраза, укажувајќи дека луѓето не се сè уште адекватно заштитени од говор на омраза и дискриминаторски говор. Исто така, ЕК укажа на растечки тренд на случаи на кривични дела од омраза, и препорача зајакнување на капацитетите за поефективна заштита и осуда на сите случаи на насилство, кривични дела и говор на омраза.
Дезинформациите, манипулациите и неедуцираноста на авторот на колумната за феномените на говор на омраза и кривични дела од омраза (вклучително и за нивната поврзаност) се показател дека постои насушна потреба за едуцирање на едукаторите за овие феномени. Едукаторите се тие кои имаат одговорност да ја подигнуваат свеста кај младите за штетите што ги предизвикува говорот на омраза, како и за правните и други можности за борба против говор на омраза и заштита од говорот на омраза.
Кога едукаторите шират дезинформации и манипулации за говорот на омраза и се обидуваат да ја поткопаат борбата против говорот на омраза, тогаш стануваат показател за општата корумпираност на образовниот систем.