На што наликува оваа ситуација на толку одложување на донесувањето на Законот за ЈО? На правење на компромис, на кој веројатно инсистираат странските ревизори на кои им се брза да се расчистуваат работите во врска со потенцијалното одење напред на земјава? Или на пазарење?
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Најдоцна до недела спикерот на Парламентот ќе го распушти Парламентот и во таа зграда некаде после Први мај треба да влезе сосема нов состав на пратеници, со веројатно нови партиски констелации, иако е веројатно дека барем половина ќе ги има од редот на „вечните гласници на народот“. Претседателот на Собранието Џафери колку до вчера не убедуваше дека за него среда, 12 февруари е крајниот рок за затворање на сите активности. Денес, понеделник 10 февруари, неговото мислење е променето, наводно после разговор со Државната изборна комисија, по што е померена „црвената линија“ за четири дена. Што го померило стаменото мислење за роковите?
ДИК КАКО ПОКРИТИЕ Малку е веројатно дека тука ставот на ДИК бил пресуден. Можеби се работи само за нешто што било толку битно што наеднаш просторот и времето ги менуваат своите димензии а броењата добиваат некаква нова димензија? Јасно, нашето тукашно искуство ни говори дека се работи за некакво ѕирнување на компромис во закостените ставови на партиите околу проблематичниот Закон за ЈО, кој ја расквасува цементната волја на Џафери. Или да бидеме поконкретни – компромис кој посебно му се допаѓа на неговиот политички шеф Ахмети?
Да се потргнеме наназад, за некој чекор и да го имаме неопходното растојание до случајот – Закон за ЈО и да видиме што се направи притисокот на ЕУ и пред се на американската амбасада во земјава како последна надеж дека новите избори ќе уследат дури после донесувањето на Законот за ЈО. Клучниот проблем за сите наблудувачи, тоа веќе јасно, е ставот на ВМРО ДПМНЕ преку овој закон да добие амнестија за своите членови а пред се за политичкиот врв кој се наоѓа на обвинителни клупи, им се закануваат идни обвинителни акти или се во егзил во странски земји.
Бидејќи Мицковски и неговата камарила не смеат да отстапат ниту за милиметар од тој свој став, со оглед на тоа што во спротивно би предизвикале раскол во своите редови и до нив би ги стигнал хатишерифот од Будим, по разговор со американската амбасада на нивно место застана помеката варијанта на ВМРО ДПМНЕ, таканаречените група на осуммината со чија помош а со странска логистика на вртење на рацете и се донесоа значајните, ако не и пресудни промени на Уставот на земјава. Така и влеговме во зоната на преговори за нешто што би го нарекле – делумна амнестија за криминалите на вмровците. Да не навлегуваме сега во деталите, да речеме дека се работи за олеснување кое би важело за одредени дела, не за сите. И се чинеше дека се создадени услови во понеделникот или вторникот неделава да се донесе веќе тој Закон – ако не со согласност на Мицковски и неговите пратеници, во крајна линија беа обезбедени 82 гласови (и без гласот на превртливата Елизабета Канчевска Милеска) Стабилноста на позицијата на осумтемината сепак следното утро беше малку пореметена кога Мицковски не прифати никаков компромис по тоа прашање и како што велат споменатите им го извалал трудот – место да ги пофалил тој ги покудил …
БУДЕЊЕ НА ВОЗДРЖАНИТЕ Воздржаната позиција на албанскиот фактор подолго време по ова прашање, да се вратиме сега пак во кабинетот на Џафери, каде во мигот на пишувањето на овој текст се води рововска битка на претставниците на владината коалиција, пред се го имаше својот акцент на фактот дека ДУИ сега не е задоволна со последните промени на текстот на Законот за ЈО. Не се задоолни ниту во помалите партии во албанскиот блок, кои се попитички противници на Ахмети: сега и тие оценуваат дека некаде се прават недозволени „лупинзи“, односно дека дупката во законот станува преширока.
На што наликува ова? На правење на компромис, на кој веројатно инсистираат странските ревизори на кои им се брза да се расчистуваат работите во врска со потенцијалното одење напред? Или на пазарење?
Каде би била разликата меѓу тие две категории во политички смисол? Па да речеме дека компромис постои ако околу решавање на еден проблем се договорат две идеолошки страни во земјата, некои социјални групи и слично. А дека пазарење е ако се бара решение предметот Икс да се исфрли од купот кој би го решавале идните институции а дека за другите предмети или потенцијално (и конкретно) обивинети „правете што ќе правите“. Компромис е на пример, да наведеме таков случај, ако јавниот обвинител го бира Советот на обвинителите, како последно решение, а не победникот на изборите или спротивно – губитникот.
Од аспект на јавноста секако во земјава, во системот има премногу компромиси – пушти им на овие од образованието, па на железничарите, па на земјоделците… каде проблемите или „проблемите“ се решаваат со додатни стимулации или нови плати. Најчесто без основ. Тука е и натрупувањето на нерешените проблеми во судовите особено во обпаста на одговорноста на политичарите, ситуација која дојде до посакуваните вонредни избори, со цел идната власт евентуално да направи амнестија! За ВМРО ова е круната на политиката на опструкцијата која ја водеше речиси три години. Таа е на работ на остварувњето на своите соништа.
Граѓаните сакаат, нема двојба, да имаме чист систем на казнување, брз и ефикасен, бескомпромисен, пред се правичен. Проблемот кај овие пазарења е дека по носењето на Закон за ЈО, каков што ќе излезе по многуте мунасипи ќе се јават додатни проблеми во заживувањето на истиот акт!
Настрана чувството кај паствата дека со толку пазарења утре ќе продолжи практиката на уцени. Навика која станува општо однесување. А дури со тоа е тешко некој да се бори.