ДЕНКО МАЛЕСКИ
Путин е човек на деветнаесеттиот век и нема разбирање за правото на државите да изберат на кој сојуз ќе му припаѓаат ако тие држави не го земат предвид и рускиот безбедносен интерес
Што погрешивме во односите меѓу Западот и Русија? Критичарите на проширувањето на НАТО до границите на Русија велат дека на крајот од Студената војна, со распадот на СССР, престана и причината за постоењето на НАТО. НАТО требаше да се расформира, американските трупи требаа да се повлечат назад во Америка, а Европа требаше да се договори со Русија за зеднички безбедносен аранжман за стариот континент.
Политичарите на дваесет и првиот век, таканаречените либерални империјалисти, кои сакаат да ја шират демократијата и слободата надвор од границите на Америка, грешат кога забораваат дека надворешната политика мора да се води според правилата од деветнаесеттиот век наречени „рамнотежа на сили“ и „сфери на безбедносен интерес“. Путин е човек на деветнаесеттиот век и нема разбирање за правото на државите да изберат на кој сојуз ќе му припаѓаат ако тие држави не го земат предвид и рускиот безбедносен интерес. Заклучок: за Путин и Русија треба политика на деветнаесетти век оти тие правила важат и денес. И тука е големата грешка со проширувањето на НАТО, велат критичарите на проширувањето.
Кога се распадна Советскиот сојуз, се создаде најголемата дијаспора во светот: преку 30 милиони Руси останаа вон границите на Русија. И, за разлика од распадот на Југославија кога Милошевиќ , раководен од девизата дека Србија е до каде што има Срби, одби да ги признае административните граници на републиките за меѓународни, Јелцин го проголта тој горчлив факт и избегна меѓуетнички војни. Но, сите овие триесет години лебдеше прашањето што ќе се случи ако на власт во Москва дојде националист кој ќе ги инструментализира руските малцинства во некогашните републики, сега независни држави. Застрашувачкиот, заканувачки говор на Путин по повод инвазијата на делови од Украина сношти, го покажа неговото вистинскот лице на руски националист. Покажа и колку тој има заедничко со национализмите на Балканот. Слушајќи го како говори за Украина како „интегрален дел на нашата историја, култура и духовен простор“ и како Ленин ја „откорнал од Русија како дел од нашите историски територии“, се сетив на она што кажа минатата година кога изјави дека не постои историска основа украинскиот народ да се одвои од рускиот. Се разбира, прво помислив и на македонскиот народ. И во двата случаи, фактот дека нешто се случило пред сто години и дека тркалото на историјата свртило цел еден круг не е релевантен за националистичкиот ум. Имено, дека веќе се формирала новата украинска нација, како, впрочем, и македонската и дека е поважна сегашноста и иднината од минатото кое и онака не може да се промени.
Украина со своите 44 милиони жители е втората по големина европска држава, но се соочува со предизвици по својот опстанок кои доаѓаат од ставовите на рускиот национализам. Во тој контекст, можеме да си замислиме каква ќе беше состојбата меѓу балканските национализми денес, да не се проектираа идејите на политичарите на дваесет и првиот век и на вредностите кои ги промовираат западните сојузи НАТО и ЕУ. Мислам дека ќе се колевме до ден денешен. Гледано од аспект на нашиот интерес за мир, просперитет и безбедност на една мала држава, имаме среќа што НАТО не се расформира или што не остана елитен клуб на индустриските демократии туку, под влијание на либералните империјалисти, се прошири на Исток. Дали треба и натаму да се тера со планот за ширење на алијансата со Украина? Не ако цената е нуклеарен холокауст. Компромисот се состои во тоа политичарите на дваесет и првиот век да не се откажат од своите демократски вредности во меѓународната политика, земајќи ги предвид безбедносните интереси на политичарите од деветнаесеттиот век. До некои подобри времиња.