Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност, Во тек е ретроспективнаста изложба на делата на Кондовски во Даут пашин амам
Голема ретроспективна изложба на дела од Димитар Кондовски, еден од највпечатливите уметници во Македонија, беше отворена вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Изложбата ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност. Кондовски е еден од малкутемина македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.
„Контроверзен и харизматичен како личност и како творец, Кондовски зад себе остави исклучително значаен творечки опус. Неговото име е запишано со златни букви во нашата култура, а неговите дела ѝ дадоа на македонската уметност сјај на нешто ретко и скапоцено“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на оѕворањето на првата ретроспективна изложба на Димитар Кондовски во последните 30 години.
Во присуство на многубројните гости, меѓу кои и претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски, министри, амбасадори, членови на семејството на Димитар Кондовски, Костадиновска-Стојчевска додаде дека во годината кога се одбележуваат 95 години од раѓањето на Кондовски, благодарејќи на Националната галерија на Северна Македонија, на кураторот Емил Алексиев и на семејството Кондовски, посетителите имаат можност да се задлабочат во она што тој го создал во сите периоди од неговата грандиозна творечка дејност.
Кондовски го запознавме како вешт портретист, како почитуван сценограф, дизајнер, соработник на македонските национални театри, како плоден ликовен илустратор и, секако, како посветен педагог и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје“, рече Костадиновска-Стојчевска.
На отворањето се обрати и директорката на Националната галерија на Северна Македонија, Дита Старова-Ќерими, која рече дека уметничкиот идентитет во сликарството на Димитар Кондовски, заради сета предизвикувачка енергија која остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето, е постојано актуелен, како камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.
Ретроспективната изложба на Кондовски, ги опфаќа сите периоди од неговата творечка дејност и ќе биде отворена за јавност до крајот на месец јули 2022 година.
Емил Алексиев како куратор ќе напипше – „На изложбата во Ликовниот салон на МАНУ ( 20-30 април 1992 ) по повод неговиот прием во Академијата, што е воедно и негово последно самостојно претставување во јавноста, тој ќе изложи дела кои без исклучок ѝ припаѓаат на фигуративната провиниенција. На оваа пристапна изложба под наслов Дел од реализмот во моето сликарство, по долго отсуство од јавната сцена, Кондовски неочекувано ќе си поигра со претставата што за него ја имаат создадено публиката и ликовните критичари.
Поголемиот дел од изложените дела (Фазани, Риби со суви пиперки, Велигденска слика, Славска слика, Риби со кантар) се работени во духот на академскиот реализам. Овие мртви природи, како и сликите со цвеќиња (Чавкина уста, Букет, Бели хризантеми итн.) Кондовски ги сфаќа како особен личен предизвик и враќање кон изворниот ликовен порив. Излага и неколку портрети (Госпоѓа Н. Н. и Госпоѓа Н. М.), интимни портерти (Маке и Бјанка со Маглена) и автопортрети. Сликите како Стариот саат или можеби најмногу Мачка на прозорецот, се всушност непосредно враќање кон некои од неговите први цртежи работени во раната младост.
Сите овие слики се своевидно оддавање почит кон класичната уметност во која светлината ги гради формите откривајќи ја внатрешната структура на еден, одново, геометриски сфатен универзум каде владеат редот, хармонијата и симетријата.”
– Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Целта на изложбата е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот – велат од Националната галерија на Македонија.
Кондовски е роден во Прилеп, во 1927 година, а починал во Скопје во 1993 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952 година. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 година работел како професор по ликовно воспитување во Скопје. Од 1956 до 1960 година работел како илустратор. Од 1960 до 1972 година бил слободен уметник. Од 1972 до 1980 година бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работи до 1987 година. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
Самостојно излагал свои дела во: Скопје и Загреб (со Спасе Куновски), 1957, Рим, 1962, Зрењанин (со Богољуб Ивковиќ), Скопје, 1963 (со Хаџи Бошков), Нови Сад, 1970, Скопје, 1977 (25 години уметничка дејност), Тетово, 1978, Белград, 1978, Прибој, 1978, Њујорк, 1978, Сиетел, 1978, Торонто, 1979, Скопје, 1992 (пристапна изложба во МАНУ). Автор е на голем број тетарски и телевизијски сценографии (над двесте сценографски решенија за телевизиски емисии, за драми, за балетски и оперски претстави), а има опремено и неколку стотици публикации, со повеќе од две иљади илустрации. Еден е од оснивачите на групите „Денес“ и „Мугри“. Излагал на околу двесте групни изложби во земјата и во странство.
– Својата творечка дејност Кондовски ја надоврзува на две значајни насоки по кои се движи и денес ликовната уметност. Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција. Таа својот особен израз ќе го најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, геометриските модули и канони за одредувањето на пропорциите. Втората детерминанта што го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот – велат од НГМ.
Во неговите дела знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој уметноста ја разбира како херменевтика, како откривање на шифрата на светот, како пронаоѓање на тајниот клуч на универзумот.