Годинава одбележуваме 100 години од раѓањето на првото име на нашата уметничка литература и наука за јазикот акд. Блаже Конески. Tреба, меѓутоа, да се потсетиме: оваа, 2021 година е јубилејна и за еден друг филолог од голем, меѓународен формат, знаменитиот елинист акад. Михаил Д. Петрушевски (1911-1990), прв декан на Филозофскиот факултет во Скопјe
АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Потсетувам на тоа големо име на нашата класична филолошка критика затоа што, неговото смело и оригинално толкување на славната „Поетика“ на Аристотел, како и неговите учени препеви на Хомерoвите епопеи „Илијада“ и „Одисеја,“ односно на поемите „Скендербеј“ и „Мартолозот“ (Armatolos) од Г. С. Прличев, ја издигнаа нашата филолошка критика до степен на научна дисциплина која се уважува во светот. По истиот начин по кој и Конески ја вклучи македонистиката, кон средината на 50-тите години од минатиот XX-ти век, во семејството на славистиката како респективна научна дисциплина.
На едно место во својата книга „Лирската биографија на Конески“ (2020) јас напишав дека неговиот импозантен лирски опус може да се нарече како некој вид модерна „Илијада“ затоа што постојат силни внатрешни врски меѓу неговите песни и поеми. При овој повод ќе ја илустрирам таа своја, во некоја рака смела споредба, само со еден, единствен пример.
Во песната „Спомен“ од 1939 Конески зборува за „мака“ што „рика“ во душата на млад човек затоа што бил роден во „смачкано племе.“ Кон крајот на својот живот (1988) Конески објави уште една песна на иста тема, „Спомен по многу години.“ Во неа рече дека таа мака била сега „дури поголема;“ дека сè уште „рика“ во него, но и тоа дека не било „туку така“ што токму тој бил подложен на еден “таков искус и на таква една мака.“ За таква „мака“ што „рика“ тој зборува и во песната „Григор Прличeв.“ Тој „суров нервчик“, нашиот „втор Омир“ од Охрид вели, низ устатата на Конески: „сум избран – сета невола и тага/ и сета ропска потиштеност грда/ на еден народ да ја истрадам./“
Можат да се наведат и многу други примери кои даваат добра основа да се мисли дека навистина постојат такви, силни внатрешни врски меѓу песните на Конески кои допуштаат да се чита неговиот лирски опус онака како што се чита Хомеровата „песна за љубовта и смртта“, како што ја нарекува големиот српски елинист Милан Будимир. Има и други, екстерни факти кои силно „притискаат“ да се чита лириката на Конески како единствена песна-епопеја. За еден таков факт зборува и самиот Конески во својот есеј „Еден опит,“ предговор кон „Стари и нови песни“ (1979). Таму тој вели, на пример, дека сета негова лирика е, од тематска гледна точка, артикулација на неговите „возбуди, дилеми и огорченија.“
Тие „огорченија“ се очигледни во примерите на кои се повикав тука. Во Хомеровата славна епопеја тие „огорченија“ се викаат mnênin (гнев). Во кусиот предговор кон препевот на „Илијадата“ Петрушевски бележи: „не случајно кај Хомера зборот гнев [е] ставен на прво место;“ „има во тоа некаква симболика;“ „да се стави на 1. место оној збор што ја определува главната содржина на поемата.“ Нешто слично кажува нашиот знаменит елинист и во својот оглед „За Хомера и за неговата поезија:“ „Ахил […] го опфаќа страшен гнев и омраза кон Агамемнона;“ тој гнев е, според Петрушевски, „вистинскиот мотив на Илијадата, срецето на нејзината композиција.“
Како што зборот „гнев“ е клучен за Хомеровата „Илијада“, така и зборот „композиција“ е клучен за ингениозниот превод и учено читање на „Поетиката“ од Аристотел која се појави во 1979. Тој превод на нашиот знаменит елинист уследи по неговата учена респрава за дефиницијата на трагедијата за која Аристотел зборува во 6-тата глава на своjaта „Поетика:“ „јас показав,“ пишува Петрушевски, „дека во дефиницијата на трагедијата […] по секоја веројатност стоел Аристотеловиот технички термин pragmaton systasin (состав од собитија);“ „Сета аргументација за ова мое решение може да се најде во мојата расправа „Patheton katharsin или pragmaton systasin’“ (објавено во Ж. А. IV, 1954, стр. 209-250);“ Тоа решение на спорното место од дефиницијата на трагедија било, вели уште знаменитиот ерудит-елинист, „одлично прифатено“ од Антонио Фреире, португалски елинист, како и од шведскиот филозоф Теди Бруниус.
Во времето кога Петрушевски ги пишува своите учени и смели комeнтари за преводот на Аристотеловата поетика, сè уште не беше објавена тритомната расправа „Времето и раскажувањето“ (Тemps et récit, 1983) на францускиот филозоф Пол Рикер (1913-2005). Tој не можеше да знае, како што ни тој голем херменевт и феноменолог не знае ниту за учената расправа на Петрушевски, ниту за неговата „конјектура“ на она оштетено место од преписот „Парисинус“ на Аристотеловата „Поетика“ кој се чува во париската Национална библиотека. По секоја веројатност Петрушевски не дошол до тритомната расправа на Рикер во наредните седум години (1983-1990). Кога би дошол, тој би го приклучил и тој угледен херменевт кон португалскиот елинист Фреирe и шведскиот филозоф Бруниос кои „одлично“ го прифатиле неговото решение на оштетеното место од „Поетиката“ на Аристотел. А еве и зошто.
Во првиот том од својата трилогија со наслов “Интригата и историското раскажување“ (стр.67-104) П. Рикер вели дека аристотелијанскиот mimesis кој нашиот Петрушевски го преведува со „подражавање“ (збор од парадигмата „израз“, „одраз“, „образ“/слика итн.) е рамковен (englobant) за сите други со чија помош Аристотел ја дефинира трагедијата. Неговата дефиниција (definisment) се прави со помошта на тоа што го дефинира (definé), a пак тоа се, во прв ред, деловите на трагедијата кои таксативно ги набрајува таткото на европската филозофска мисла во шестата глава од својата „Поетика.“ Угледниот француски филозоф категорички тврди дека во таа шеста глава Аристотел не зборува за „делови на трагедијата,“ туку за “делови на композицијата.“ Или, токму за тоа што Петрушевски го вика „состав од собитија“ (pragmaton systasin) И не само тоа. Филозофот на кој укажувам тука вели дека тие „делови на композицијата“ (интрига, ликови, мисли, израз, сцени, песна) држат до законот хиерархија. Интригата (mythos) за која Петрушевски го користи изразот „фабула“ е, според Рикер, надредена над „ликовите,“ „мислите“ и „изразот;“ таа е содржина на трагедијата – „подражавање на дејства“/акции (=„што“), наспрема „ликовите, мислите и стилот“ (средства, „со што“), односно сцените и песната кои се „како“ за тие „делови на композицијата.“ Следува од тоа, уверува филозофот Рикер, дека клучниот дел на композицијата (mythos) e „содржина“ за главната одлика на трагедијата – mimesis („подражавање“) и обратно: тие два поима се, според оптиката на П. Рикер, „приближно идентични“ (quasi-identique).
Во предговорот кон вториот том од мојата трилогија за опусот на Конески, посветен на неговата филолошка критика (треба да се појави кон крајот на овој месец), јас зборувам за некои афинитети на научната мисла на Р. Јакобсон, Ц. Тодоров и Б. Конески. По тој предговор јас напишав една глава за одликите на филолошката критика која користеше многу детали од расправата на нашиот класичен филолог за дефиницијата на трагедијата од 1954. Таа глава отпадна, во конечната редакција на таа моја книга, затоа што проценив дека отвора и прашања кои ме оддалечуваат од основната тема – научната (филолошка) критика на Конески. Сега, меѓутоа, сè почесто и сè посилно го слушам гласот на таа отфрлена глава кој ме уверува дека треба лириката на Конески да се исчита од еден друг агол, имено оној за кој стана збор во овој напис.
Своевремено, во една статија за зборникот „Како го читам Конески“ во издание на Фондацијата „Небрегово“ јас напишав дека Европа и светот кај нас – тоа е делото на Конески. Мислам дека треба да ја проширам таа мисла така што ќе додадам дека Европа и светот кај нас – тоа се делата на Конески и на Петрушевски. Ние им должиме многу на тие двајца колоси на нашата модерна култура. Во прв ред затоа што нивните дела ни помагаат не само подобро да се запознаеме, туку и подобро да се разбереме себеси.