Правното мислење од Врховниот суд за СЈО, кое ги засега и СЈО, и редовното обвинителство, и пониските судови, секако го засега и принципот на казнивост, кој е толку дефицитарен во Македонија. Ова е така дури и без оглед на одлуката на СЈО и ЈО постапките да продолжат „согласно позитивните законски прописи“, зашто, во крајна линија, сите предмети ќе завршат пред Врховен
ТЕОФИЛ БЛАЖЕВСКИ
Јово Вангеловски, претседател на Врховниот суд, коментирајќи ја одлуката на судот во врска со СЈО, го искажа и следното мислење за кое оценуваме дека е извртена вистина, т.е. спин:
Спин: Принципот на казнивост и неказнивост ниту најмалку не се засега со едно вакво правно мислење, бидејќи за сите сторени кривични дела постои редовно обвинителство со траен мандат, со сите овластувања да ги води сите можни постапки. Тие се надлежни да постапуваат за сè што е сторено како криминал, единствена разлика е во тоа што редовното обвинителство нема да може да ги предлага ‘бомбите’ како докази. Според мое лично убедување, ниту СЈО не може да ги предлага како докази затоа што по дефиниција се незаконски стекнати.
[Извор: Независен – Вангеловски и пресуди на Јанева – датум: 31.01.2019]
Контраспин: Покрај огромните дилеми дали Врховнот суд има законско право да носи начелни ставови кои де факто се толкување на законите, претседателот на Врховниот суд на РМ, Јово Вангеловски, тврди дека одлуката што ја донеле за мандатот на СЈО по 30 јуни 2017 година, воопшто не го засега принципот на казнивост и неказнивост во земјата, што е извртување на вистината или спин.
Станува збор за одлука на Врховниот суд да донесе начелен став на општа седница одржана на 30 јануари, по иницијатива на двајца адвокати.
Ваквата изјава на Вангеловски е извртена вистина, затоа што многу истраги сега паѓаат во вода и би требало да започне сè одново. Дури и ако се земе денешното соопштение на Јавното обвинителство во кое се вели дека главниот обвинител Љубомир Јовевски и специјалниот обвинител Катица Јанева констатирале дека постапувањето по овие предмети ќе продолжи согласно позитивните законски прописи. Зашто, приемна на законски прописи се и оние за кои расправаше Врховен суд и донесе одлука каква што донесе. А, дури и да продолжат постапките во Основниот суд Скопје 1, кога ќе се донесе одлука, таа можеби уште на Апелација, а сигурно на Врховен суд ќе падне, зашто начелните ставови на Врховен суд се обврзувачки за одлуките што ги носат врховните судии. Што повторно ќе води кон неказнивост.
Сега, според доминантните толкувања, предметите во фаза на истраги, од кои според изјавата на специјалната обвинителка во голем дел се подготвени толку добро што може да се смета дека се на ниво на обвинителен акт, треба да бидат вратени во редовното обвинителство, поконкретно во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Но, прво, прислушуваните материјали во натамошната постапка нема да можат да се користат, што го тврди и самиот Вангеловски, иако има поинакви правни мислења, какво што е она на обвинителката Вилма Рускоска.
Второ, голем дел од овие предмети во фаза на истраги. Додека трае префрлањето, ако дојде до тоа, може да застарат, на што укажа професорот од скопскиот Правен факултет при УКИМ, Гордан Калајџиев, на расправата во Македонската академија за науки и уметности организирана за натамошната законска поставеност на СЈО:
Тоа што СЈО презема предмети што почнало да ги работи редовното, а ги ставило во фиока, беше проблем на новиот обвинител да ги извади од фиока и да почнат тие истраги да се работат. А не да ги преземе СЈО. Сега доаѓаме до ситуација СЈО со тоа што ги земало, практично ќе ги застари. Дали е тоа намерно или не, може да шпекулираме сега. (извор: Сакам да кажам).
Но, не е само застарувањето. Како што вели адвокатот што ја поднел иницијативата Еленко Миланов, не е едноставно тоа префрлање, а покрај тоа, доказите прибавени во таква истрага нема да бидат важечки, бидејќи биле прибавени од или по наредба на неовластен орган за спроведување истраги – СЈО, по рокот од 30 јуни 2017 г. Експлицитните наводи на Миланов можете да ги видите тука, на околу 1.30 минути од почетокот на видеото.
Од истиот човек јавноста доби уште една констатација – дека најголема полза од оваа одлука на Врховен суд моментално ќе има „Империја“, т.е. осомничените лица Јордан Камчев и Сашо Мијалков. Тоа може да се види во извештајот од настанот на вестите на ТВ 24. помеѓу 34 и 35 минута од Дневникот.
Вакви мислења, дека одлуката на Врховниот суд ќе се одрази на казнивоста, односно неказнивоста како принцип – толку пати истакнуван како забелшка за функционирањето на правната држава во Македонија – има многу и доволно е само да се отворат насловите на оваа тема на написи во медиуми, кои можат да се најдат на агрегаторот Тајм.мк.
Според сето погоре наведено, сосема е јасно дека одлуката на Врховниот суд за СЈО и тоа како ќе има врска со спроведувањето на принципот на казнивост во Република Македонија, без оглед на поинаквото тврдење на Вангеловски. Поради тоа, таквото тврдење може да се оцени како извртување на вистината, односно спинување, со кое јавноста се дезинформира.
Но, за да не остане непоткрепена првата реченица од контраспинот, околу дилемите дали Врховен можел да расправа, уште нешто: точно е дека одлуката на Врховен суд е донесена врз основа на измена на законска одредба од Законот за судовите. Таа измена, ставена во член 6, е донесена на 2 мај 2018 година во Собранието на РМ.
Со оваа измена, како подносители на иницијативата за расправа за почитување на еднаква примена на законите пред судовите, се вметнати и адвокати. Ова, како што може да се види од собраниските материјали од тој ден, не било предвидено во основниот текст на изменетиот закон, но е прифатено во амандманската расправа пред неговото гласање. Амандманот го поднеле пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а владејачкото мнозинство го прифатило.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.