Адвокат Горан Илиев: Судиите што трпат притисоци треба да ги охрабриме тоа да го обелоденат
СЛАВЕ МЛАДЕНОВСКИ
Реформите во правосудството не само што се еден од битните услови за нашето членство во Европската Унија, туку и општествена потреба на граѓаните за побрзо поквалитетно и поправедно доаѓање до правда. Оцените што ги даваат меѓународната претставници и домашните институции не говорат во прилог на поставените цели. Последниот Извештај на Оценската мисија дава 40 препораки, како битни и итни со цел да се ревитализира процесот на судската реформа. Очигледно по уште една година, судиите и нивните институции не го положија испитот и според одредени анализи состојбата не само што не е подобра, туку со произведување „статус кво”, таа може да биде полоша во споредба од пред неколку години.
– Нашата општествена состојба во која се подразбира и правосудството е таква каква што е од пред неколку месеци и истовремено оптимизмот не не напушта. Дишеме, работиме, се бориме и нема предавање кога станува збор за да биде подобро. Оптимизмот не нè напушта и се` уште сме во Македонија и не мислиме да ја напуштаме поради оваа состојба во правосудството. Според мене не сум сигурен дека назадуваме или напредуваме, но убеден сум дека „тапкаме” во место. Имаме преземено обврска да ги застапуваме интересите на граѓаните и тоа мора да се направи. Кога довербата во судството е толку ниска според јавноста, тогаш е јасно зашто граѓаните единствен спас гледаат во адвокатите кои се подготвени да се борат за нивните интереси. Ова го изјави Горан Илиев, адвокат од Скопје во емисијата „Слободен печат“ на Слободна ТВ.
Корупцијата, како појава е присутна во македонското општество и на ниво на перцепција кај јавноста одделни области се целосно корумпирани. Во овој поглед претставата дека правосудството не донесува пресуди врз основа на законите, туку врз основа на мито и корумпираност, како и политичко влијание, кај граѓаните што сакаат да добијат пресуда во нивна полза зашто сметаат дека се оштетени, постои реална неизвесност, па и страв дека правда „нема да добијат” во нашето судство.
– Стравот е нормална појава кај човекот во секоја ситуација и човекот што има страв е разумен. Од повеќето анализи што се изработени, како и од начинот на информирање и на Вашиот медиум може да биде забележано дека работата не е во ред кога се говори за судството. Секоја наша средба со нов клиент се јавува недовербата во системот дека до правда не може да се дојде или многу тешко. За неизвесноста што ќе се случи во судската постапка и самите можеме да посведочиме, изјави Илиев.
Од искуство и од примери во други држави, постапката на членовите на Судскиит совет за смена на нивната претседателка за потоа да биде прифатена нејзината тужба од Управниот Суд и вратена, бара тие што гласале за нејзина смена да поднесат оставки во Советот. Тоа не се случува и повторно истите личности како членови треба да ја оценуваат работата на други судии.
-Познато е дека по еден судија од Апелациониот и од Врховниот Суд поднесоа оставки поради вакви состојби без да ги наведат причините што говори дека може тоа да се направи и треба да биде поздравено како позитивно искуство. Според нив тоа се сведува на оцена „не се согласувам со овој начин на работа и давам оставка”. Граѓаните не се запознаени со реалната работа на Судскиот совет и тешко може да дадат точна оцена за тоа колку се успешни во вршење на задачите. Овој совет има надлежности да ја оценува работата на судиите, но главно разрешуваат судии што се имаат завршен работен стаж. Мислам дека две дисциплински мерки се преземени од 15% за казнување, а она за кое имаат законска надлежност не го преземаат и не го прават. Во судската власт, конкретно во Судскиот совет, по сила на закон има членови што ги наименува претседателот на државата и Собранието што говори дека оваа власт не е апсолутно независна од другите две власти – извршната и законодавната. Присуството на министерот за правда може да има одредено влијание, иако е јасно дека нема право на глас. Сметам дека притисокот што го трпат судиите треба да ги охрабриме тоа да го обелоденат, потенцира адвокатот Илиев.
Суштината на реформите во судството може да биде дека почетокот на тие реформи се кадровските промени и избор на личности со знаење и интегритет, од една страна и потоа преземање измени во законите од друга страна.
– Македонија има Академија за јавни обвинители и судии што се претпоставува дека кадарот што завршува е квалитетен. Меѓутоа, јасно ни е кои личности се избираат во Академијата и како тоа се прави, односно тешко може да биде избран граѓанин без нечија поддршка. Сметам дека е потребно да има одредени критериуми и услови што треба да ги исполнат избраните во Судските тела за да може да уживаат углед кај колегите. Судството знаеме какво е, но граѓаните мора да веруваат дека можеме и мораме се` да направиме за тоа да се промени. Ако граѓанинот чувствува дека е измамен или оштетен во судска постапка има начини како тоа да се обелодени. Медиумите се моќно средство во општеството, каде што медиумската поддршка може да помогне да се заврши работата во полза на граѓаните. Ние како адвокати сме свесни за моќта што ја има судијата и се обидуваме на нашите клиенти тоа да им го претставиме и истовремено искрено се бориме да ги остварат своите права и да го заштитат сопствените интереси, изјави Горан Илиев адвокат од Скопје.