За нас веројатната билатерална средба меѓу Заев и Ципрас е најинтересниот детал на средбата која треба да се случи на 17 мај. За домаќинот клучниот проблем е како да се вклопи присуството на Косово на самитот
Нема сомнение дека средбата Заев – Ципрас на маргините на Самитот во Софија, меѓу лидерите на ЕУ и оние од Балканот за нас е најважна и тој настан ќе го помниме по нејзиниот исход, каков и да е. За сите други учесници Самитот може да има поинакви значења, оттаму и цели. Најтешка е оваа средба за земјата – претседавач од Унијата во првите шест месеци од 2018 година – Бугарија.
Домаќинот впрочем подготвува компликувана кореографија за претстојниот Самит ЕУ-Западен Балкан на 17 мај во Софија, најнапред за да ги задоволи членкие на ЕУ што не го признаваат Косово. Според порталот bulgarianpresidency.eu поради учеството на Косово чија независност не ја признаваат пет членки на Унијата (Шпанија, Грција, Кипар, Словачка, Романија) на Самитот нема сите повикани да бидат застапени на највисоко ниво (премиер – претседател). Шефот на бугарската дипломатија Екатерина Захариева изјави дека не е извесно кои држави ќе бидат застапени на пониско ниво, освен Шпанија, чиј премиер Марјано Рахој рече на 23 март дека ќе учествува само на вечерата на 16 мај.
Според Захариева, Самитот ќе се одвива во два формата, објави Еурактив.
Пред Самитот, на 16 мај на вечерата, ќе бидат само 28 земји членки на ЕУ и лидери на институции на ЕУ и темата нема да биде Западен Балкан, туку дигиталната агенда на Унијата.
Следниот ден ќе биде одржан состанок 28+6 (Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, БиХ, Косово). Домаќин на состанокот е бугарскиот премиер Бојко Борисов, но со разговорите ќе претседава шефот на ЕС Доналд Туск, заедно со претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер.
Кога станува збор за завршната декларација, Захариева нагласи дека некои држави не сакаат да бидат потписнички на текстот заедно со косовскиот претседател Хашим Тачи.
Таа вели дека повеќе би сакала завршната декларација да ја донесат само 28 држави од ЕУ.
Меѓутоа, дел од медиумите нагласуваат дека на државите од Западен Балкан не им се допаѓа нацрт конечниот документ што се фокусира само на поврзување и инфраструктура и би сакале декларацијата да биде заедничка – на 28 држави од ЕУ и шест од Западен Балкан.
Во пресрет на објавувањето на Стратегијата на Европската комисија за Западниот Балкан, 12 земји-членки на ЕУ бараат од Брисел да ги засили врските со шесте држави од регионот и пред нивното зачленување, пренесува агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на увид во поднесениот документ.
Австрија, Чешка, Естонија, Унгарија, Ирска, Италија, Литванија, Латвија, Малта, Полска, Словенија и Словачка бараат од Европската Комисија да се направи дополнителен исчекор, кој меѓу другото ќе предвидува и одржување на ЕУ самит со земјите од Западниот Балкан секоја година.
Во предлогот од 12 точки поднесен до Европската Комисија кон крајот на јануари годинава, ЕУ-членките бараат да им се дозволи на владите на земјите од Западниот Балкан да учествуваат на состаноците на ЕУ од областите на животната средина, здравството, транспортот и надворешната политика.
Тоа би било чекор понатаму од ад-хок средбите и министерските појадоци кои ЕУ засега им ги нуди на партнерите кои не се членови.
„Ова се бесплатни мерки кои ќе имаат извонредно политичко влијание и ќе бидат инструментални во подобрување на имиџот на ЕУ во регионот“, се наведува во документот, во кој исто така се повикуваат претставниците на владата на ЕУ почесто да го посетуваат Балканот.
Меѓу другото, групата земји бара и укинување на роамингот за земјите од Западниот Балкан кои опфаќаат 18 милиони луѓе.
Бугарија, која е актуелен претседавач со ЕУ, веќе го закажа првиот самит ЕУ-Западен Балкан за мај годинава во Софија. Дополнително, и покрај одлуката да ја напушти ЕУ, Велика Британија и натаму ги поддржува аспирациите на шесте држави да ѝ се приклучат на ЕУ и ќе го организира самитот кој е дел од Берлинскиот процес во јули годинава во Лондон.
Поставувајќи го деновиве прашањето – колку новиот буџет на ЕУ, претставен на почетокот на април од страна на еврокомесарот Гинтер Етингер, институционално и финансиски ќе остави простор за проширување на ЕУ со други земји, авторката на текстот во швајцарскиот весник „Финансии и економија“, Корнелија Мејер, за земјите од Западен Балкан меѓу другото пишува:
„Географски овие земји, како и Швајцарија, се опколени од ЕУ. Што се однесува до трговските односи се дури и позависни од ЕУ отколку што е тоа Швајцарија. Македонија, Албанија, Србија, како и Босна и Херцеговина извезуваат повеќе од две третини од своите производи и услуги во ЕУ. Но, тука завршуваат паралелите со Швајцарија… Просечниот брутодомашен производ на западнобалканските држави изнесува половина од оној на земјите кои припаѓаа на поранешниот Источен блок, а кои сега се дел од ЕУ и само една четвртина од оној на северните и западните ЕУ-држави. Извештајот (на ЕБРД, н.з.) вели дека просечниот брутодомашен производ по глава на жител во државите од Западниот Балкан најрано во 2053 година ќе може да парира со оној од ЕУ-државите. Ваквото сценарио, меѓутоа, се проценува како преоптимистичко. Базичното сценарио вели дека тоа ќе се случи до 2078 година, а во песимистички случај авторите зборуваат дури и за 2220 година…
ЗНАЧЕЊЕ За земјите од Балканот односите се Унијата и денс се убедливо најзначајни, во двата смера
Земјите од Западен Балкан се сѐ уште далеку од членство во ЕУ и мора да завршат многу работа за некогаш да бидат примени. Од војните во 1990-тите, сепак, постигнати се повеќе работи: земјите се постабилни и, и покрај сите тешкотии, имаат намалено дел од разликата со просечните приходи во ЕУ. Така, порастот на економијата на шесте западнобалкански држави во периодот од 2001 до 2016 изнесуваше 3,2 отсто, додека оној на 28-те земји членки на ЕУ само 1,4 отсто. Регионот во меѓувреме е поинтегриран од кога и да е досега. На пример, уделот на интеррегионална трговија, зависно од земја од земја, изнесува 9 до 46 проценти. Земјите работат на натамошна интеграција.
Во сферата на туризмот, на пример, тие делумно настапуваат како интегриран регион… Земјите од Западен Балкан постигнаа некои работи, но патот до членство во ЕУ или барем до приближување до ЕУ е каменлив. На неодамнешниот Сараево Бизнис Форум словенечкиот премиер Борут Пахор на своите колеги им нагласи дека за стабилноста и заедништвото на регионот е важно шесте западнобалкански држави да се приклучат на ЕУ. ЕУ-амбасадорот во Босна и Херцеговина ја пренесе истата порака, со која се согласи и турскиот вицепремиер Мехмет Шимшек. Тоа беа големи зборови, но сега мора да следуваат дела – и тоа пред 2220 година. Само така е можна ефикасна борба против високата стапка на невработеност на младите, која претставува најголем општествен проблем. Само така ЕУ може да добие стаблни соседи на југоистокот.“
За можен датум на приклучување на дел од западнобалканските држави во ЕУ пишува и германски „Ханделсблат“. Пренесувајќи ги зборовите на еврокомесарот Јоханес Хан пред претставниците на меѓународните медиуми во Виена, весникот наведува: „Именувањето на терминот 2025 предизвикува позитивен притисок“, изјави Хан. Дали и навистина до 2025 година одделни држави од Западниот Балкан ќе бидат примени? Тоа, според еврокомесарот, е ‘многу амбициозно’.“