Министерот Николовски ја обвинува Бугарија дека го изгубила интересот за изградба на пругата од Македонија кон источниот сосед. Заборава дека токму владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, и тој како министер, уште кон крајот на август 2024 година, го отворија прашањето за пренамена на средствата од коридорот 8 кон коридорот 10 со образложение дека пругата кон Солун е многу важна за домашното стопанство, наспроти трасата Драч – Бургас која е дел од од таканаречениот НАТО Коридор за мобилност, сметајќи дека може да биде пропадната инвестиција, при што доби остри критики и одговор од ЕУ

ДРАГАН МИШЕВ
Само еден ден откако, според објавата на бугарскиот портал Медиапул, медиумите во земјава ја пренесоа веста дека Бугарија ја одложила изградбата на делницата од железничката линија Софија – Скопје која е дел од европскиот транспортен коридор бр.8, стигна демант од бугарското Министерство за транспорт и врски од каде велат дека написите во медиумите дека Бугарија се откажува од изградбата на Коридорот низ земјата и дека ги одложила градежните активности на пругата кон Македонија се шпекулации и дека Коридорот 8 останува национален приоритет за Бугарија
Се чини дека веста пренесена во медиумите, но официјално не потврдена од релевантни бугарски институции, беше добредојдена за министерот за транспорт и врски Александар Николовски, кој истата ја оцени како политичка порака и се пофали дека веќе ја пријавил Бугарија во ЕУ, испраќајќи писма до Европската делегација, до Европската транспортна заедница, но исто така и до двете банки Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, и не пропушти да објави дека со ова „паѓа и целата пропаганда, којашто беше водена во изминатите седум месеци против Владата, првенствено против премиерот Мицкоски и против мене дека имаме нешто против Бугарија дека не сакаме да се поврзуваме, дека сме биле некаква оска Атина-Белград и слични глопости коишто беа дел од пропагандата.“
Вицепремиерот и министерот за транспорт и врски, Николовски додаде дека вистината е најлесна и вистината излезе, а како што рече „тоа е дека ова било само залажување и оправдување и пред јавноста и пред европските институции, а намерите биле сосема различни“, заборавајќи притоа дека токму владата предводена од ВМРО ДПМНЕ, и тој како министер, уште кон крајот на август 2024 година, го отворија прашањето за пренамена на средствата од коридорот 8 кон коридорот 10 со образложение дека пругата кон Солун е многу важна за домашното стопанство, наспроти трасата Драч – Бургас која е дел од од таканаречениот НАТО Коридор за мобилност, сметајќи дека може да биде пропадната инвестиција, при што доби остри критики и одговор од ЕУ дека пренамена на средствата за други коридори или проекти не е предвидена.
Но, дали ваквата реакција на министерот по објавената вест во медиумите е избрзана, и претставува уште еден гаф на Николовски, познат по лажните изјави кои често ги споделува во јавноста. Дали пред да коментира, побара, или доби официјално озвестување од бугарската влада или некое бугарско министерство?
ЦИВИЛ Медиа уште вчера, по објавата во медиумите на наводната одлука на бугарската влада за одложување на изградбата на железничкиот коридор 8, испрати барање за коментар објавата, како и за импликациите на ваквата одлука за нашата земја до неколку политичари и пратеници, како и до МНР, од каде до објавувањето на овој текст, не добивме одговор.
Во својот коментар кој ни го испрати пратеничката и лидека на ЛДП, Моника Зајкова вели:
Од она што разбрав од јавните информации не станува збор за откажување на Бугарија од железничкиот коридор 8, туку за одлагање на плановите за реставрација и подобрување на постоечката пруга која се протега на должина од 48 км на излезот од Софија кој е дел од Коридорот 8, вели Зајкова.
Реновирањето на пругата, се чини е оставено за после 2027 година, што коинцидира со застојот во работите на градбата на целиот коридор кој треба да ги поврзе Црното и Јадранското Море. За нас како држава тој коридор е важен бидејќи ја прави Македонија геостратешки важна точка во која се вкрстуваат два паневропски коридори – тоа не значи само патнички сообраќај, тоа значи развој, инвестиции, просперитет. Секое одлагање на плановите и работите никако не се добра вест и значат застој. Другите грабаат напред и ги користат новите геополитички моменти, особено ако се види паралелната одлука да се забрза работата во Бугарија на подобрувањето на железничкото поврзување со Србија, очигледно како последица на членството на Бугарија во Шенген и укинувањето на границата со Грција. И наместо да бидеме транспортен јазол, можеме лесно да станеме транспортно слепо црево, заобиколени од соседите и заборавени од инвеститорите. Нас ни требаат повеќе, а не помалку врски и патни и железнички и авонски, додава лидерката на ЛДП.
Според Зајкова. намалениот број на транзитни патници и товарен сообраќај ќе бидат лош индикатор за можностите и перформансите на Македонија. Тоа не смее да се дозволи.
Затоа наместо успорување, потребно ни е забрзување на европскиот политички пат, бидејќи гледаме и по примерите на нашите соседи дека тој интеграциски пат води до економски можности, резултати, развој, па и моќ на државата. Тој пат не оди преку неодамна укинатата авиолинија Скопје-Будимпешта. Вистинската вистина е дека членството во ЕУ ќе и донесе просперитет на Македонија, категорична е Зајкова.
За потсетување, На 1 јануари 2025 година Романија и Бугарија влегоа во Шенген зоната. Сега патниците и транспортерите од Европа ќе можат да патуваат низ Романија и Бугарија до и од Грција без притоа да застануваат на граничните премини, каде до пред тоа чекаа во колони возила за влез и излез, со што во регионот на Западен Балкан, особено во Србија и Македонија се запали алармот дека регионот ќе стане „слепо црево“ на Европа. Одложување на изградбата на Коридорот 8 само дополнително ги подгрева стравувањата.