Како ќе изгледа светот „по короната”? Книга за историјата на шпанскиот грип и германски истражувач на иднината даваат индиции
СУЗАНА ШПОЕР
Првпат од баба ми чув за шпанскиот грип. Нејзината мајка, мојата прабаба, во 1918 се разболела кога баба ми имала 4 години. Преживеала, но како последица ѝ останала тешка срцева болест. И покрај тоа родила уште две деца. До нејзината смрт била врзана за кревет, а баба ми со години се грижела за татко ѝ и помладите деца. Шпанскиот грип го обележал нејзиниот живот исто како и на безброј други луѓе во светот.
Моето семејство било само „начнато“ од пандемијата, затоа сум денес тука. Но, низ светот во трите бранови на грипот од 1918/1919 починале меѓу 50 и 100 милиони лица, проценуваат експертите.
КАКО ГРИПОТ ГО ПРОМЕНИ СВЕТОТ Споредба на двете болести ни доаѓа природно: тогаш не се знаело што ги убива луѓето (вирусите како предизвикувачи на болеста се откриени дури во 1933). Геномот на новиот Сарс-Ков-2 вирус пак веќе по кратко време беше декодиран, интензивно се истражуваат специфични лекови и вакцини. Медицината денес е многу понапредна од порано. И сепак има некои сличности: како и тогаш и денес една болест го фрли светот во длабока криза. Иако сме на почетокот на пандемијата со корона, што би можеле да научиме од историјата на шпанскиот грип за иднината „по короната”?
Индиции се наоѓаат во книга на британската новинарка за економија, Лора Спини, која е објавена во 2018 година: „1918 – светот во треска. Како шпанскиот грип го промени општеството”. Кога ја читав пред две години, не можев ни да си замислам дека во неа опишаните класични мерки на справување со зараза за толку скоро време ќе ги почувствувам на своја кожа. Забрана за контакти и организирање настани, затворени граници и карантин. Обврска за носење заштитни маски.
Кој е виновен? Стравот шири омраза спрема странци. Пред само неколку месеци сето тоа ми изгледаше нестварно, кога стасаа првите вести за смртни случаи во Кина. Но, уште пред да стаса бранот на инфекции во Европа, вирусот го посеа својот отров: под хаштагот #несумвирус твитаа лица со азијатски изглед како биле расистички нападнати и навредувани. ОМРАЗА КОН КИНЕЗИТЕ Неделникот „Шпигел” на почетокот на февруари објави контроверзна насловна страница: „Коронавирус: произведено во Кина”. Жолтите букви врз фотографија од човек во црвена заштитна облека будат асоцијации на навредливиот поим „жолта опасност”, кој од 19-тиот век постојано се користи за да се шири нетрпение спрема азиските народи, особено Кинезите.
За жал и обратно е истиот случај. Од Кина, која според сопствени податоци брои само неколку случаи на свои заболени, странци сега јавуваат за расистички мотивирани случки, бидејќи ги доживуваат како потенцијални носители на вирусот.
Шпанска, германска или бразилска болест?
И при ширењето на шпанскиот грип стравовите на луѓето се манифестираа во префрлање вина. На пример и во имињата кои луѓето тогаш ѝ ги давале на болеста. Па така, во Бразил се викала „германски грип”, во Сенегал „бразилски грип” и во Полска „болшевистичка болест”. Особено нефер бил третманот на Шпанците бидејќи „шпанскиот грип” со сигурност не потекнувал од таму, како што докажува Лора Спини (туку со најголема веројатност од САД). Во Шпанија најпрво се пишувало за неа. Бидејќи земјата за време на Првата светска војна била неутрална, весниците во мај 1918 без цензура пишувале за болеста кога се појавила во Мадрид. Иако болеста со недели кружела во рововите на завојуваните страни, ѝ останало името „шпански грип”.
КОРОНА КРИЗА: КОГА ИДНИНАТА ЌЕ СМЕНИ ПРАВЕЦ Кризите не само што предизвикуваат страв и незадоволство – тие носат и позитивни импулси и креативни решенија. Футурологот Матијас Хоркс нѐ гледа во историски момент во кој „иднината го менува правецот“. Тој илустрира како би можела да изгледа оваа иднина со умствена игра: ре-гноза. Спротивно на прогнозата тој во иднината гледа со враќање во сегашноста. Тој не само што го препознава очигледниот и дневно забележителен притисок за модернизација преку практична примена на дигитални технологии, како теле или видео конференција, настава преку интернет или дури и работа со мобилни телефони (и овој текст е пишуван во „домашна“ канцеларија.) Туку, исто така и како нашата „човечко-социјална интелигенција“ ќе помогне да се надмине кризата.
Присилната телесна дистанцираност бара нов начин на блискост, смета тој. Точно: со колеги и колешки, но и стари пријатели веќе сега комуницирам преку видеочет или телефонски многу поинтензивно од порано и пред пазарење го прашуваме постариот сосед – секако со безбедносно растојание преку оградата – што да му донесеме. Дали ќе ни остане таквата нова, попријателска навика? Затоа што кризата заеднички „и покрај радикалните ограничувања солидарно и конструктивно” можевме да ја пребродиме, како што Хоркс „регностицира”?
МОДЕРНИЗАЦИЈА И ПОДЕЛБИ НА МОЌ Ваквите масовни кризи светот може да ги преброди само заеднички, преку тесна меѓународна соработка. По шпанскиот грип ова сознание доведе до основање на Светска здравствена организација на Лигата на нациите – своевиден претходник на СЗО. На многу земји им беше јасно дека и тие се одговори за заштита на јавното здравје, а не само цркви, добротворни организации и приватни здравствени организации како порано.
И „по корона“ здравствените системи низ светот ќе бидат ставени на тест. Покрај тоа искуството од грипот на многу места ги промени општествените и политичките односи на моќ. На пример, во Индија. Не само британските колонијалисти, туку и индискиот народ масовно умираше. Неправедната медицинска нега го зголеми отпорот и Махатма Ганди, кој исто така заболе од грип, во 1919 стана лидер на движењето за независност.
Видливи се последиците од шпанскиот грип и врз културата и уметноста. Сликарот Егон Шиле остави едно од најстрашните сведоштва: неговата слика „Семејството“ го покажува него, неговата сопруга Едит и заедничкото дете. Едно дете кое никогаш не се роди. Бидејќи бремената Едит почина од грип – како и самиот сликар, три дена подоцна. Тој сликата ја сликаше во меѓувреме. Ваквите трауматски искуства од болеста и војната оставија огромна пукнатина во уметноста во дваесетитте години „исто толку брутална како поделбата на Црвеното Море во Библијата“, како што го формулира Лаура Спини. Уште два примери: дванаесет тонската музика на Арнол Шонберг воведе сосем нов музикален систем, а архитектите се збогуваа со романтичниот стил со орнаментика и се префрлија кон функционалниот Баухаус.
Дури и денес, уметниците интензивно се занимават со темата, а музеите собираат фотографии и реликти за да ја документираат тогашната историска вонредна состојба како сведоштво за новите генерации.
Сѐ уште не знаеме како ќе се промени светот по корона. Но и покрај тоа можеме да придонесеме да биде подобар. Во најмала рака сакам да пробам. Бидејќи има уште една сличност: двете болести се зоонози. Со други зборови, болести кои се развиваат кај животни но некако ја прескокнале биолошката граница кон луѓето. Притоа тие мутираат во смртоносни болести. „Дали ние луѓето придонесовме за активирање на резервоари за вируси и креирање нови преку чување диви животни дома,“ цитира научни тези Лаура Спини во својата книга за шпанскиот грип. Сметам дека тоа е многу веројатно. Но шпанскиот грип и новиот коронавирус веќе подолго време не се единствените примери. И вирусите ХИВ, САРС од 2002 година или инфлуенцата таканаречена „свински грип“ од 2009 потекнуваат од животни.
Јас си донесов одлука и таа не е само поради короната. Можеби така помагам да се избориме со вирусите? Тоа би бил мој личен придонес за светот „по корона.“
(продолжува)