РАДОЈЕ ЦЕРОВИЌ
Пандемиската закана радикално ги промени нашите животи и произведе бран на хроничен стрес и несигурност, а со тоа и зголемување на психолошкото и емоционалното страдање
Очекувано е стресот, а особено овој хроничниот, од кој не можеме туку-така да побегнеме, користејќи природни инстинкти на „борба или бегство“, да ја нарушува секоја ментална и емоционална рамнотежа. А, Хомо Сапиенс е, според основните поставки, насилен, хиерархиски и многу ирационален вид. Просоцијалните тенденции, емпатијата, прифаќањето на разлики и слични достигнувањата се однесуваат на мирни периоди и економски и епидемиолошки стабилни услови. А тие се присутни од неодамна и во многу ограничените географски рамки на развиениот свет.
Што можеме да очекуваме? Ќе истакнам неколку помалку очигледни импликации, иако во игра се многу процеси и фактори, а предвидувањата се неблагодарен занает
1.Процут на теориите на заговор
Не случајно теориите на заговор експлодираа и достигнаа незамисливи нивоа на бизарност и глупост, како Q Anon. Колку и да се радикални и апсурдни, тие претставуваат еден вид смирувачка димензија за оние кои се познавачи на „тајно знаење“. Се остава впечаток дека, во општата несигурност, „иницираните“ сепак ќе се снајдат подобро од оние другите кои не се запознаени со „тајните вистини“ и кои одбиваат да ги „отворат очите“. Следбениците во оваа ситуација имаат две придобивки – меѓусебно поврзување во рамноправни и блиски групи во кои се чувствува заштита и безбедност, но и чувство дека поседуваат тајни што ќе ги „спасат“ во клучниот момент или барем ќе им помогнат да знаат што да направат.
Покрај тоа, трендот на социјален и економски раст на нееднаквоста ја зајакнува паранојата и недовербата, па оттука и зголемениот степен на прифаќање на теориите на заговор.
- Подем на ксенофобијата и на национализмот
Ксенофобијата е делумно инстинктивен одбранбен механизам против различноста. Се одржувал низ вековите затоа што имал своја биолошка намена. Ксенофобијата е бихевиорален имунитет, односно еден од системите за заштита од инфекции кои доаѓаат од далеку, па затоа се непознати за нашиот имунолошки систем. Природно изолираните заедници, како што се Пацифичките острови, покажаа екстремна отвореност и високо ниво на доверба во контактот со европските колонизатори. Нивните инстинктивни и културни обрасци не се наместени на страв и недоверба кон странците. А во густо населената Европа, ксенофобијата го намалувала контактот со патогени непознати за имунитетот на локалната заедница. Затоа, еволутивната психологија претпоставува дека глобалните инфекции може да доведат до големо зголемување на ксенофобијата, расизмот, национализмот, верската и културната дискриминација и омразата.
Јасно е дека станува збор за анахронистички инстинкти, автоматски дејства што го изгубиле значењето, што се протнуваат низ вековите на човечката еволутивна историја и доведуваат до ирационално однесување, идентитетски и верски конфликти, а во најлош случај би можеле да доведат до геноцид…
- Враќање на религиозните учења и антисексуалниот морализам
Сегашната состојба е мешавина од страв од вируси, имотна несигурност, економска и социјална нееднаквост. Тука е и стравот од имиграција, односно мешање на заедници и културни системи. Сето ова е погодно за зајакнување на инстинктивната потреба да се идентификуваме со религиозен или национален идентитет (чувството за поврзаност со кое се бориме против стравот). Стресот доведува до поедноставено и магиско размислување, оддалечување од науката и од секуларизмот и наклонетост кон таканаречените „ескатолошки“ религиозни учења, т.е. оние кои се занимаваат со предвидувања за крајот на светот.
Рестриктивниот став кон која било форма на хедонизам, а особено кон сексуалноста, е уште еден очекуван ефект. Намалувањето на сексуалната активност не произлегува само од намалениот социјален контакт, туку и како резултат на зголемувањето на антихедонистичкото и моралистичкото размислување. Се претпочита потрага по жртвен јарец, односно виновник за неволјите, но и саможртва и аскетизам.
За разлика од Западна Европа, големо прашање е дали овој атавистички систем на размислување и инстинктивно делување, потпомогнат од стресот, некогаш вистински го напуштил нашиот регион.
За сето ова да не изгледа како апокалиптично сценарио, забележувам дека постпандемиските периоди низ историјата биле периоди на голем напредок и благосостојба. Пандемиите доведуваа до драстично опаѓање на реалните и перцепираните социјални разлики и затоа ги ослободуваа демократските и креативни потенцијали на општеството. Не сме сигурни дека ќе се случи такво нешто, но секако ќе присуствуваме на единствен психо-социјален експеримент.
(Радое Церовиќ е психолог и комуниколог, деловен консултант, коавтор на книгата „La nuova cultura aziendale“ (Франко Ангели, Милано, 2007), TEDx говорник. Блог за еволутивна психологија и невронаука на medium.com/@radoje.cerovic)