Како може да се отвори Уставот а да не се затвори – прашува оваа аналитичарка и поранешен пратеник
ДЕРХАН МУРАТОВ
Aпсурд e барањето на уставни измени со одложено дејство, како може да се отвори Уставот, а да не се затвори“, вели Никица Корубин, поранешен пратеник и аналитичар, на трибината „Размислувања за иднината на Северна Македонија“, во организација на Странка на Демократска акција (СДА) на Македонија.
„Светот е во битка за демократијата, ние практично сме на тоа дали сакаме западна демократија или визави сакаме авторитарни режими, односно друга алтернатива. Ние немаме друга алтернатива освен европските вредности и европската демократија“, вели таа.
Корубин додава дека оваа власт одбива да ги исполни обврските што државата ги презела со Францускиот предлог.
„Партискиот став не може да биде над државниот“, нагласи таа.
Таа додава дека се прави пропаганда за губење и загрозување на идентитетот, но вели „ако зборуваме за бранење на идентитетот, па ние самите си го уништуваме со негрижата за културното наследство, обичаите, традицијата и слично“.
Корубин е децидна дека Уставните измени требаше одамна да се направат, рокот е веднаш.
„Очекувам од парламентарната опозиција СДСМ да ги предложи уставните амандмани, јас не знам што чекаат. Нека ги предложат уставните амандмани и ќе видиме како ќе одговори власта и со кој аргумент ќе каже ‘не, не може сега уставни амандмани’“.
Корубин вели дека сите заедно како општествени чинители и опозицијата треба да и помоге на власта и да му се даде поддршка на премиерот Христијан Мицкоски да ги донесе уставните измени, бидејќи, тоа е во интерес на државата, додавајќи „тоа е национално единство“.
Таа додава дека со назначувањето на Радмила Шекеринска за втор човек на НАТО, меѓународната заедница сака да ја потсети власта каде и е местото на нашата држава