Билјана Ивановска, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата во интервју за Гласот на Америка гоори за соработката со Обвинителството, за инспекциските служби и за другите сегменти од (не)функционирањето на правната држава
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/biljana-ivanovska.jpg)
Со намалена доверба кон правосудството, како и со бројни критики кон внатрешните ревизии и инспекциски служби е шефицата на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, која своите ставови и мислења ги истакна во интервју за Гласот на Америка.
Со неа разговаравме за правосудниот систем, за бавното сузбивање на корупцијата, но и за можностите за воведување на едукативни антикорупциски програми во образовниот процес.
Ивановска вели: „За жал, кај нас корупцијата стана начин на живот и веќе не се ни препознава“.
Глас на Америка: Помина уште една година во која корупцијата беше главна критика за македонското општество. Може ли да се најде барем една светла точка кога станува збор за борбата со корупцијата?
– Еве да кажеме дека во извештајот за напредокот на државата ма ЕК, ДКСК беше позитивно оценета. Тоа е една светла точка во целиот овој систем на институции кои се бават со корупцијата. Но, не е доволно само една институција да се залага, да вложува енергија и да работи.
Системот функционира кога функционираат сите негови делови. Така, како што истакна ЕК, треба да се почитуваат препораките и иницијативите што ги дава ДКСК се со цел да имаме целосни завршници“.
Лани дојде и тим за санкции од САД. Имавте ли средба со некој од тој тим и дали од вас беа побарани информации за одредени лица, односно „коруптивни актери“ од македонското општество?
– До сега не сме имале средба и ништо не е побарано од нас. Ќе видиме во иднина како ќе се одвиваат работите. Ние сме отворени за соработка со домашните институции и со меѓународните фактори. Сè е во интерес на вистината и на расчистување на ова општествено зло коешто нè тишти.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/sudnica.jpg)
Правосудството ја губи довербата кај граѓаните. Што би требало да се промени во правосудниот систем?
– Би се повикала на Националната стратегија за борба против корупцијата во која влегува и правосудниот систем. Ќе се повикам на факторите што придонесуваат за појава на корупцијата.
Прво, најголем фактор е политичкото влијание. Второ, неказнивоста. Трето, отсуството на интегритет. Четврто, транспарентноста.
Ако ги анализираме овие фактори, станува јасно што му треба на правосудниот систем и на целото општество. Меѓутоа пред сè на правосудниот систем зашто тој е клучниот којшто може да ги среди другите системи и сектори во државата. Ако профункционира казнивоста, ако судиите работат навистина со свој интегритет без политички влијанија, многу јасно се гледа каде е проблемот.
Дали вие како претседателка на Комисијата за спречување на корупцијата му верувате на правосудството особено кога станува збор за големите случаи и афери?
– Повторно ќе се повикам на истите фактори, особено на отсуството на транспарентност и недоволни образложенија кои нас не можат да нè уверат дека донесената пресуда е навистина добра. Пролонгирање на роковите, повторно без образложенија. Сето тоа ја намалува довербата кај граѓаните, вклучително и кај мене.
Глас на Америка: Бизнисот со соларно производство на електрична енергија станува атрактивен за приватниот сектор, но и за лица поврзани, директно или индиректно со политиката? Дали проверувате што се случува?
– Да, имаме отворено случаи. Сега сме во период кога ги прибираме сите потребни документи. Откако ќе заврши тој процес на прибирање на документацијата, ќе пристапиме кон анализи и ќе излеземе во јавноста со нашите заклучоци.
Значи и таму има случаи?
– Да. Работиме на тоа. Без да се провери не може што било да се каже. Мораме да провериме како стојат сите работи и позиции.
Факт е дека во нашата државата има многу влијание коешто најтешко може да се докаже. Меѓутоа ние сме за тоа да се гради еден систем којшто ќе биде отпорен на корупција, систем кој сам по себе ќе ги елиминира тие што не ги исполнуваат условите, што не заслужуваат да добијат државни средства. Нас нè интересира како функционира системот. Дали системот бил отпорен или не.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/pravda.jpg)
Доцнеа свидетелства, учебници, грешки во учебниците. Има ли и таму случај што го истражувате?
– Да. И кај нас има отворено предмет, преку којшто се испитува набавката на учебниците во основното образование. И самиот сектор образование е дел од нашата национална стратегија. Како високото, така и средното и основното. Сме се бавеле со повеќе случаи кои се дел од образовниот систем. Имаме дадено препораки до Министерството за образование, од кои за жал сè уште немаме соодветни одговори.
Треба ли корупцијата, односно борбата против корупцијата да влезе и во образовниот проце
– За жал, кај нас корупцијата стана начин на живот и веќе не се ни препознава. Стана дури и нормална. Тоа е тоа што е поразително уште повеќе.
Имаме програма да ги посетуваме основните училишта и годинава. Децата се нешто чисто, коешто ние возрасните не смееме да го валкаме. Но, на прашањата: ‘Дали дома ви велат дека ако ги имате сите петки, ќе добиете тоа и тоа?’, сите во хор одговараат ‘Да’. Тоа е погрешен пристап на родителите.
‘Дали учите да знаете или само за оцени?’. Одговараат: ‘Само за оцени’. Тоа значи дека пристапот кон децата мора да се смени. Тоа треба да го направат возрасните. Затоа во националната стратегија се тргнува уште од најмалата возраст. Децата да се учат на вредности, а не на уценување, од каде почнува да се развива корупцијата.
За здравството. Имаше случаи на оставки од раководни позиции поради високи дневници и пресметки на плати. Проверувате ли што се случува во здравството?
– Имавме еден предмет за здравството. Една директорка на инспекторатот. Тој предмет го работиме. За предметите со високи исплати за дежурства, пак, имаме информација дека внатрешната ревизија на министерството за здравство излезе на терен и ги утврди состојбите. Врз основа на тоа, одредени раководни лица си поднесоа оставки.
Тоа0 што сакам да го нагласам е дека внатрешната ревизија не треба да излегува ад-хок на терен, кога ќе слушне нешто. Туку, тоа да биде процес којшто постојано ќе трае и раководните лица во одредени клиники, институции, и воопшто во сите институции каде што има внатрешна ревизија, да ја користат како алатка којашто ќе им овозможува да си ги подобрат слабостите при одвивање на одредени процеси. Тоа е улогата на внатрешната ревизија
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2023/01/proverka-za-ucebnicite.jpg)
Меѓу другото во нашата Национална стратегија е констатирано дека внатрешната ревизија не може да си ја одигра својата улога, токму поради влијание од првите луѓе во институцијата..
– Внатрешната ревизија е многу важна, но не си ја одигрува улогата што навистина треба да ја одигра и да покаже на слабостите што постојат во одредени институции. Има дури и ситуации каде што раководно лице не сака да го потпише планот за внатрешна ревизија.
Каква е состојбата со инспекциските контроли што треба да работат во рамките на самите институции?
– Ги утврдивме слабостите. Утврдивме дека инспекциските служи многу слабо си ја вршат својата работа од повеќе причини. Не се екипирани како што треба. Секој бега веќе од (функција) инспекција, зашто е многу ризично. Зашто треба да се најде меѓу два огна, меѓу својата професионалност и влијанието од претпоставениот.
Нашата оценка е дека во сите сектори инспекциските служби не можат да си ја извршат задачата што е потребна. Затоа во следното проширување на националната стратегија инспекциските служби ги третираме како целосно посебна област. Како што се јавните набавки, вработувањата, а ќе го дадеме и државниот имот. Има големи злоупотреби за државниот имот.
Како работат инспекциските служби, погледнете низ прозор. Ако работеа како што треба, инспекциските служби од градежништвото, ние немаше сега да се гушиме во црна магла во Скопје. Се наоѓаме во логор, што самите го создадовме поради нефункционирањето на инспекциските служби.
Дали постои застој во релацијата меѓу Комисијата за спречување на корупцијата и правосудните органи?
– Нашиот прв орган со кој имаме контакт е Јавното обвинителство. Навистина, до сега, не излезе ниту едно јавно-обвинителска одлука за спроведување на некој наш предмет на суд.
Во последно време единствена светла точка е дека од таму назначија контакт лице коешто од нас ги побара сите пријави што сме ги дале до обвинителството за да тие да видат до каде е со постапувањето. Се надевам дека тоа некако ќе почне да функционира.
Кои се главните цели на Комисијата за спречување на корупцијата во 2023 година?
– Ова ни е последна година од мандатот. И многу би сакала да се донесе Законот за потекло на имот. Тој е клучен закон за намалување на корупцијата. Ние даваме свој придонес во подготовката на Законот. Но, конечно законот треба да си го предложи владата“„Спроведување на националната стратегија за спречување на корупцијата. Нам ни претстои работа, да ја прошириме националната стратегија и за оние поглавја што не сме ги определиле како најризични.
Имаме Центар за тренинг на нововработените. Ќе започнеме со обуки за антикорупција на сите ново вработени. Сакаме да развиеме аналитички центар којшто ќе ги обработува податоците од нашите анализи.
Работиме на политиките на интегритет. По мене, интегритетот е основата, базата на која борбата со корупцијата треба да се заснова“.
„Останува да работиме и по пријави и предмети коишто за жал не стивнуваат. Голем дел од нашето време ќе го посветиме на работата по предмети.
(VOA)