ДРАГАН ПОПОВСКИ
Ве молам, заедно марширавме, не дозволувајте да се испушти насоката кон нашите цели и повторно да се врати Заробената држава.
Секогаш кога сум го споменувал Макијавели и неговиот став дека „Целта ги оправдува средствата“, тоа било, априори, во пежоративна смисла. Изреката кај нас е попозната како „преку трупови до целта (до личниот интерес)“. Од морална гледна точка сосема неприфатлива теза, неприфатлива до одвратност. Изминатите десетина години под Груевски ме натераа да го преиспитам овој мој генерален став, прашувајќи се дали, сепак, кога се работи за високи цели, Макијавели можеби е неопходен. Не зборувам за сега популарните популистички изблици „за дадените големите жртви положувани во минатото на олтарот за слободата“, туку за жртвите ( во правна, а и во морална смисла), дадени неодамна со цел да допреме до „Големата слика“ за Македонија-членка во НАТО и Македонија на пат кон Европската унија. И за тоа, секако, е заслужна сегашната разбудена јавност заедно со избраните во Владата.
Но, дозволете, „Големата слика“ содржи многу повеќе моменти кои треба да се исцртаат. Како прво – владеењето на правото, што беше и мото на „револуцијата“. Направивме се’ и стасавме до 111-то место во борбата со корупцијата! Некои велат заради „нашот менталитет“! Извинете, можеби заради „вашиот менталитет“, заради мојот секако не. Давањето сто грама кафе за да се дојде преку ред на шалтер е корупција (секако дека правно гледано е) е повеќе примитивизм и некултура во однесувањето отколку онаа корупција која не искачи високо на скалата.
Одговорот се бара од оние кои се задолжени за борбата против корупцијата, од Владата. Тенкото мнозинство во парламентот, како алиби за поставување на кадри во секоја пора на општеството од долу па се’ до самите министерства, не е алиби, туку слабост и немоќ. Не постојат никакви причини да се руши мерит-системот и да се поставуваат несоодветни кадри заради некакви коалициони, етнички, машки, женски, или не знам кави интереси. Исполнувањето на сечии уцени ве прави корумпирани. Учесници во корупцијата. Заради нечии лични или политички интереси ставате флека на „Големата слика“.
Ве молам, заедно марширавме, не дозволувајте да се испушти насоката кон нашите цели и повторно да се врати Заробената држава.