Проверката на судиите во антикорупциската комисија главно завршува со затворени предмети, или со прекршочни налози. За корупцијата во правосудството се зборува, но многу помалку се докажува. Причини за тоа има многу. Разрешени судии има, но не поради корупција
За помалку од секунда Гугл пронаоѓа речиси 30 илјади текстови во кои пишува „корумпирани судии“. Некои од текстовите датираат пред седум и повеќе години, што значи дека кај нас од одамна се пишува за корупција меѓу судиите.
Но, иако на темава се говори и пишува со декади, на терен односно во пракса, во целокупната македонска историја, на прсти се бројат судиите кај кои со конечна судска пресуда е докажано дека барале односно добиле поткуп, или пак, биле правосилно осудени за злоупотреба на службената положба и овластување зад кое се крие корупција.
Проверката на судиите во антикорупциската комисија главно завршува со затворени предмети, или со прекршочни налози.
За корупцијата во правосудството се зборува, но многу помалку се докажува. Причини за тоа има многу. Разрешени судии има, но не поради корупција.
НЕДОВОЛНА АНТИКОРУПЦИСКА ПРОВЕРКА Во 2005 година Амбасадата на САД објави црна листа на незавршени корупциски предмети во македонските судови. Тоа го вклучи алармот и ги вознемири судиите, особено претседателите на судовите.
Тогашниот весник „Време“ напиша дека американскиот амбасадор во земјава, Лоренс Батлер, му посочил на премиерот Владо Бучковски дека „не е затворен ниту еден случај поврзан со корумпиран политичар“.
Шеснаесет години подоцна во контекст на најавата за прочистувањето во правосудството, впечатокот дека има такви предмети е речиси идентичен, но дали зад таквото поведение може да се крие корупција е прашање за кое нема единствен и конечен одговор.
Новите антикорупционери веднаш откако се оформија се фрлија на работа, па беа преплавени со иницијативи за испитување корупција, судир на интереси и влијанија. Сепак, во 2019 година, имало само неколку судии кои биле под лупа на антикорупционерите.
Извештајот на ДКСК за 2019 година покажа дека само во пет предмети се расправало за влијание на судиите за вработување на нивни синови, ќерки и внуци, и сите пет биле затворени бидејќи не се утврдило дека имало влијание при вработувањето.
Едниот предмет е за вработувањето на внукот на поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд, за кој ДКСК информираше дека бил испратен и до скопското обвинителство. Но, оттаму ги известиле дека не може да постапуваат заради застареност на делото.
Освен ова, антикорупционерите отворија предмет за испитување на имотот на пет судии кои беа споменати во Извештајот на Стејт департментот. Сепак, како што одминува времето и таа проверка не ветува дека ќе открие несразмерно збогатување на имотот на судиите. Една постапка е веќе запрена.
„Постапката за проверка на податоците за имотната состојба од анкетнит лист на ‘’, судија во Основен суд ‘’, се запира“. Ова го пишува во образложението судијка од бомбите од Кривичниот суд во Скопје, за која, ДКСК донело решение за запирање на постапката.
Финансиската полиција, МВР и УЈП не констатирале несразмерно збогатување на судиите.
НЕМА СОФТВЕР И за судиите, како и за сите останати функционери, како министри, градоначалници, пратеници, директори, ДКСК констатира дека без софтвер кој ќе биде поврзан со другите институции, многу тешко е да се докаже дали некој несразмерно се збогатил и дали некој судија има непријавен имот.
И кога судиите не пријавиле, или дале неточни податоци, завршуваат само со прекршочен налог. Така беше во 2013 година, кога тогашната ДКСК поднесе прекршочни налози за 26 судии, зашто не ги пријавиле промените во имотот.
Тaка беше и лани кога за 17 судии беа поднесени прекршочни пријави за непријавен имот. Ако се земе вкупниот број на судии во државата, тоа зачи дека вакви налози има за околу три проценти од судиите.
Заменик-претседателката на ДКСК, Софка Пејовска-Дојчиновска, потврди дека лани започналепроверка на податоците за имотната состојба од анкетните листови на 31 претседател на сите основни и апелациски судови во државата.
„По прибирањето на податоци од надлежни институции и по разгледувањето, во 8 случаи е донесена одлука за запирање на постапката, односно не се утврдени елементи за натамошно постапување на ДКСК“, вели Пејовска – Дојчиновска и додава дека постапувањето по останатите предмети е во тек.
Во 2020 година биле оформени и шест предмети по доставени пријави во кои се укажува на непријавен, односно на несразмерно стекнат имот на судии, но постапувањето е во тек. Самата ДКСК одлучила да спроведе постапка за испитување на имотната состојба во два случаи.
Лани само еден случај за судир на интерес за судија
Дел од граѓаните се сомневаат дека судиите се корумпирани и тој сомнеж го темелат на донесените судски одлуки. Лани, на пример, до ДКСК, граѓаните поднеле вкупно 30 пријави. Пријавите претежно биле за неправилно изведени докази, или за неправилно утврдена фактичка состојба.
ДКСК за тие пријави постапува на два начина. Доколку има елементи што упатуваат на некакво сомневање за незакоско постапувањето на судијата во текот на постапката се доставуваат на надлежно постапување до Судскиот совет. Пријавите, пак, во кои нема елемент што упатува на сомнеж за корупција и во кои се искористени сите правни лекови, се отфрлаат.
Само во еден предмет е констатиран судир на интереси, за што антикорупционерите го известиле Судскиот совет. Тоа е во случајот кога поранешен претседател на основен суд не се изземал од учество во постапката за преземање на неговиот син и потпишал спогодба за преземање на лицето од Секретаријат за спроведување на Рамковен договор во основениот суд.
„Добиен е одговор од Судскиот совет – изречена му е писмена опомена на судијата“, вели Пејовска-Дојчиновска од ДКСК.
Овој прилог e дел од проектот „Граѓански организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Прилогот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија. За содржината се единствено одговорни авторите, Транспарентност Македонија и НВО Инфоцентарот, и тој не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.
(продолжува во следниот број)