Корупцијата станува еден од виталните проблеми во делот на владеењето на правото и фундаменталните права, според извештајот на ЕУ за Македонија
ТЕОФИЛ БЛАЖЕВСКИ
Според она што е запишано во Прогрес извештајот за Република Македонија 2018 година за напредокот на земјата кон стандардите на ЕУ, корупцијата станува еден од виталните проблеми во делот на Владеењето на правото и фундаменталните права. Сепак, место за задоволство има, но не и за опуштање, зашто Комисијата прецизно ги набројува задачите на земјата во овој сегмент кои допрва треба да се извршат
Комисијата на почетокот потсетува дека владеењето на правото и почитување на човековите права се меѓу темелните вредности на Европската унија и дека добриот правосуден систем и борбата притив корупцијата се од врвна важност, исто како што е почитувањето на фундаменталните права во законите и во праксата (стр. 18 од Извештајот).
Што се однесува до состојбата во земјата, Комисијата констатира дека има добар напредок и дека новата влада покажала политичка волја кон Итните рефорсмки приоритети од 2016 преку усвојување стратегии и измени на законската рамка, особено за подобрување на судскиот систем, за борба против неказнивоста на полицијата и подобрување на климата за слобода на изразување и на слобата на медиумите.
Во годините што следуваат земјата треба да го направи следното:
Да ги усвои и да ги имплементира мерките предвидени со Стратегијата за реформите во правосудството, вклучувајќи ја реформата на системот на именување, промоција, дисциплина и разрешување на судииите и јавните обвинители, и да демонстрира дека независност на судскиот систем ќе биде почитуван и промовиран на сите нивоа.
Да ги усвои и да ги имплементира мерките за зајакнување на институциите кои се одговорни за превенција и за борба против корупцијата и да ги поттикнува актерите што се вклучени во овој сегмент од највисоко политичко ниво, да ги спроведуваат истите.
Да преземе конкретни чекори за подобрување на состојбата во затворите и другите места за притвор и да преземе мерки за поволна атмосфера за слободата на изразување, за да се засили професионализмот и точното информирање, вклучително и зајакнување на независноста на јавниот радиодифузен сервис.
Што се однесува конкретно за правосудството во Извештајот на ЕУ, се вели дека во следните години владата треба да ги преземе конкретно следните мерки:
Да ги усвои и имплементира мерките, вклучителтно и во Стратегијата за судски реформи, за системот за назначување и промоција во судството и за заштитата на судството од политички мешања.
Да ги усвои и импелементира реформите во Судскиот совет и во Советот на Јавни обвинители и да обезбеди дека тие ќе ја исполнат својата значајна улога во одбраната на независноста на судиите и обвинителите.
Да биде сигурна дека сите реформи, особено оние што се однесуваат за институциите, се базирани врз темелна анализа на празнините и потребите, дека тие реформи се соодветно испланирани, буџетирани и следени со инклузивен процес на консултации со сите релевантни учесници во процесот.
Што се однесува до борбата против корупцијата во извештајот се коснтатира дека извесен напредок во однос на препораките од минатат година е постигнат и тоа најмногу преку неколкуте високопрофилирани процеси што ги води Специјалното јавно обвинителство. Сепак, Комисијата констатира дека „корупцијата преовладува во многу сектори и останува сериозен проблем“. Исто така се вели дека „капацитетите на државните институции за ефективно справување со проблемот покажуваат структурни и оперативни недостатоци“. Од тука, Комисјата препорачува дека во годините што следат владата треба да ги преземе следните мерки:
Да ја реафирмира политичката волја за борба против корупцијата со тоа што ќе обезбеди активни институции во превенцијата и репресијата на корупцијата, со неопходна автономија, ресурси и обучени кадри кои ќе бидат вработени според системот на квалитет (заслуги).
Понатамошно подобрување на доказите при истрагите, обвиненијата и пресудите во виисокопрофилираните случаи на корупција, вклучително и преку финансиски истраги што би ги спроведувале посебни Финасиски акциски тимови согласно стандардите за борба против перењето пари, заплена и конфискација на криминално стекнатиот имот.
Да се преземат сите неопходни мерки за да се интегрира Специјалното јавно обвинителство во обвинителскиот систем на постојана регуларна основа, за да може да го заврши процесот за утврдување на правната одговорност за нелегалното прислушкување и снимање.
Комисијата прецизно и позитивно се осврнува и на состојбата со почитување на основните, фундаменталните права на граѓаните и тоа преку неколку области меѓу кои се антидискриминацијата и слободата на изразување, но нагласува дека дека се потребни уште многу напори особено во областите што се однесуваат до соодветно справување со говорт на омраза, родовата стереотипизација, правата во затворите и психијатриските институции, спроведување на стандардите и политиките за помош на ранливите групи, вклучувајќи ги лицата со посебни потреби и Ромите.
Комисијата препорачува дека во следните годни владата треба да ги преземе овие мерки:
Да ја претвори посветеноста во конкретни акции за да се поправата условите во затворите и другите места за притвор, почитувајќи ги препораките на Европскиот комитет за превенција од тортурата и нечовечкото однесување или казнување и сето тоа да го проследи со соодветни завршници на случаите за кои постои сомневање за лошо и нехумано однесување.
Да ги засили мерките за реформа на јавниот радиодифузен сервис и да преземе мерки за поттикнување на развојот на пријатна атмосфера за медиумите преку промовирање на објективно и точно известување.
Да се усвои и да се имплементира нацрт законот за заштита и превенција од дискриминација, да се обезбеди хармонизација со другите закони и да се подобри следењето на сите случаи на дискриминација, говор на омраза и криминал од омраза.
Во Извештајот се наведува дека земјата ги има ратификувано повеќето „меѓународни инструменти за заштита на човековите права“.
Кај фундаменталните права, како сè уште голем проблем се истакнува лошата состојба во затворите и покрај преземените мерки и усвоената стратегија за нула толеранција против нечовечкото однесување, а посебно дека пренатрупаноста останува да биде проблем. Не се споменува посебно амнестијата, но се споменува дека Законот за пробација е спроведен на територијата на Скопје, но и нааму има сериозни одложувања во другите делови од државата.
Се апсотрофира и сосотојбата со бројот на пресуди и апликации за одлуки од страна на Европскто суд за човекови права
Од септември 2016, Европскиот суд за Човекови права (ЕСЧП) пронајде кршења на Европската конвенција за човекови права во 8 од 10 случаи, кои се поврзани главно соо правото за фер судење, слобода на здружување, правото на живот, слобода на изразување и почитување на приватноста и семејството. За време на оовој период 461 нови апликации биле поднесени до судот. На први февруари 2018 тоталната бројка на апликации што чекаат пред Судот се 325. Земјата успеа да го намали бројот на пресудите на ЕСЧП што треба да бидат извршени – 42, од што 2 се под засилен мониторинг“ (на Советот на министрите на Советот на Европа).
Според она што е запишано во Прогрес извештајот за Република Македонија 2018 година за напредокот на земјата кон стандардите на ЕУ во делот Владеење на правото и фундаменталните права, јасно е дека корупцијата останува еден од виталните проблеми. Сепак, место за задоволство има, зашто Комисијата ги апсострофира сите позитивни исчекори во целата глава. Но, никако нема место за опуштање, зашто Комисијата прецизно ги набројува задачите на земјата, т.е. Владата пред се, кои допрва треба да се извршат.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED – National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери. Опремата е на Глобус