ЉУБИША НИКОЛОВСКИ
На политичките субјекти во албанската опозиција им треба итна лоботомија на идеолошката матрица за да ја сфатат новата геостратешка реалност дека иднината на овој регион не е во излоцаионизмот до кој се држи Курти, туку е во меѓусебната соработка и во полноправното членство во ЕУ и дека таму нема место за мали политички националисти со нозете и главата во минатото
Турбуленциите во корпусот политички партии на Албанците во Македонија, доведоа до нивно дробење и уститнување на дури седум политички субјекти, најмногу досега од почетокот на политичкиот плурализам во земјава.
Сите тие сега си го бараат своето место под македонското сонце, но на идеолошки стеснетиот простор, некои од нив тоа го прават така што сакаат да му го затемнат зракот, јавајќи на облакот на национализмот, невешто користејќи ги ветриштата од соседно Косово.
Она што со голо око може да се види е дека опозициските партии на Албанците во Македонија, наместо во овој меѓу простор јасно идеолошки да се профилираат, потрчаа кај косовскиот премиер Албин Курти на баци рака, мислејќи дека така ќе си го зголемат рејтингот кај своето гласачко тело, повеќе одошто стварно го имаат.
Тие, во сегашната парламентарна констелација можеби ќе имаат поголема медиумска видливост, но тоа е сѐ уште далеку од воспоставување заедничка изборна платформа со која би настапиле на следните избори. Она што засега ги врзува е нетрпението кон ДУИ, но дали тоа ќе биде доволно за да ја заменат на политичката сцена, ќе треба допрва да се види.
Дотолку повеќе што сепак станува збор за партии-џуџиња, во кои лидерските суети побргу надвладуваат одошто исцртувањето план за долгогодишна соработка. Праксата и досега покажа дека колку бргу се здружуваат, уште побргу се раздружуваат.
Соочени со ваквата ситуација посегнаа по увоз на „кредибилитет“ во ликот на Аљбин Курти. За жал тој свесно или несвесно, непотребно се инволвираше во „макекдонските работи“ на еден старомоден, патерналистички начин од деведесеттите, несоодветен на новото време. Наместо да се сретне со претставници на владеачките партии на Албанците или уште повеќе со претставнци на Владата, тој дојде во Македонија како да е „село без кучиња“ и да присуствува на локални настани за кои знае дека се со сензитивен етно-политички набој, не водејќи сметка за иконографијата која го придружуваше.
Така, не само што стави сенка на официјално добрите македонско-косовски односи, туку беше искритикуван и од косовската опозиција. Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај и лидер на Алијанса за иднината на Косово упати отворна порака до Албанците во Македонија да не му веруваат ништо на Курти затоа што тој не ги исполнува ветувањата и дека сака да изигрува некаков регионален лидер на Албанците.
Нашите опозициски субјекти од албанскиот блок партии во својата кусогледост не сфаќаат дека токму рејтингот на Курти е доведен во прашање не само на Косово туку и на меѓународен план. Времето изминува, а тој не може да ги реши своите внатрешни проблеми со српската заедница, заради што е под силен меѓународен притисок. Поради тоа ја губи подршката и од САД, нешто што како генетски код беше впишано во политичката ДНК кај сите Албанци во регионот и со тоа ја става на коцка иднината на Косово.
На овие политички субјекти ќе им треба итна лоботомија на идеолошката матрица за да ја сфатат новата геостратешка реалност дека иднината на овој регион не е во излоцаионизмот до кој се држи Курти, туку е во меѓусебната соработка и во полноправното членство во ЕУ и дека таму нема место за мали политички националисти со нозете и главата во минатото.
Веројатно се слепи да сфатат дека албанскиот премиер Еди Рама тоа навреме го сватил и со крупни чекори јури таму на запад кон ЕУ, вешто играјќи ја улогата на еден од регионалните лидери, со очи отворени кон регионалното поврзување, како и да се вика тоа, Отворен Балкан или Берлински процес.
Жално е што овие „големи“ лидери на мали партии поданички му се приклонија на Курти во неговиот спор со Еди Рама, околу овие геостратешки перспективи. За разлика од нив, сепак Али Ахмети, лидерот на ДУИ во средбата со Курти во Охрид настапи како некој што е „барабар“ со него па дури му даде и корисни совети кој овој очигледно не ги искористи.
Но, она што е загрижувачки за нас во Македонија е како ќе се колаицира со овие партии кај кои „косовизацијата“ длабоко навлегува, доколку било која од нив биде во позиција да биде нужен партнер во идната Влада.
Да не биде македонските партии, кои ќе го добијат мандатот за состав на Влада, да ја молат ДУИ да се врати, во стилот „двесте давам тргнете ја, тристо давам вратете ја“.
Затоа што во децените владеење, ДУИ ги прележа детските болести на примален националзам што сега ги зафаќа овие опозициски партии.
Вистина е дека ДУИ во меѓувреме се претвори во компанија ДНО (друштво со неограничена одговорност) и е замешана во низа финансиски афери, но со добро проветрување на „смрдеата“, постои надеж дека ќе може да преживее.